Труењето на диви животни е честа практика во земјава и на Балканот, но и покрај тоа, помалку од 20 отсто од инцидентите со труење се откриени и документирани. Според Студијата за труење на балканските мршојадци од 2022 година, вистинското влијание на употребата на отрови во природата е веројатно многу поголемо, со оглед на тоа дека само седум диви видови се регистрирани, пријавени кај властите и истражени како жртви на потенцијално труење во 30 одделни инциденти. Тоа се најчесто мршојадци, орли, волци и мечки, односно големи видови, кои обично се со повисока згриженост.
Студијата нотира дека практиката на труење на дивиот свет од 2000 година па наваму во земјава најтрагичен ефект остави врз популациите на мршојадците. Два вида се веќе целосно истребени, брадестиот и црниот мршојадец, а популациите на белоглавиот и египетскиот мршојадец се десеткувани.
Од Македонското еколошко друштво информираат дека во текот на проектот БалканДетокс ЛАЈФ, којшто е финансиран од програмата LIFE на Европската Унија, претставници од нашите државни институции учествувале на обуките на Академијата за криминал против дивиот свет во Шпанија, кои завршија во април годинава.
„МЕД заедно со учесниците од нашата држава сега ќе одржува национални обуки за тоа што го научивме во Шпанија. Обуките ќе се организираат до крајот на годината и ќе се фокусираат на подигање на свеста на сите институции што имаат надлежност да реагираат при труење на диви животни како и воспоставување на локални мрежи меѓу истите институции“, вели Арта Старова од Македонско еколошко друштво, учесник на Академијата за криминал против дивиот свет.
Посочува дека членови од националната работна група за борба против труење на диви животни подготвуваат прирачник што би ги дефинирал потребните постапки што треба да се превземат од страна на државните органи што се вклучени во истрагата на вакви настани. Главните институции што треба да се вклучени во обуките се локалните полициски служби, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Агенцијата за храна и ветеринарство, а дополнително ќе бидат поканети и јавни обвинители и судии. Старова нагласува дека во план е и посебна обука за ветеринарните доктори кои што се клучни во вршење на обдукцијата и токсиколошките анализи на отруени животни со цел да се утврди нивната причина за смрт.
„Клучен дел во целата истрага и успешното кривично гонење се резултатите од спроведените токсиколошки анализи кои што можат да утврдат дали се работи за труење и каква супстанца била користена. Преку проектот успеавме да донираме опрема на Факултетот за ветеринарна медицина за да можат да спроведуваат токсиколошки анализи на отруени диви животни, посочува Старова.
Белоглавиот мршојадец низ годините е далеку најпогоден од илегалните употреби на отрови во природа. Според податоците од Студијата за труење на балканските мршојадци, овие птици се појавуваат во над 70 отсто од сите евидентирани инциденти, а 125 единки угинале од оваа незаконска практика во последните две децении. Слични се околностите и за египетскиот мршојадец, каде се евидентирани четири единки угинати од труење, што е тежок удар за нивната мала популација.
Од податоците, се заклучува во Студијата, очигледно е дека отровот е најголемата закана за се помалите популации на мршојадците и една од најголемите пречки за закрепнување на нивниот број во земјата. Поставувањето на отровни мамки е неселективен метод на убивање и речиси сите се ранливи на оваа метода, вклучувајќи го и самиот човек што ја поставува отровната мамка. Најчесто отровните мамки се поставени за волци и мечки, но и како метод за одмазда во расправи во селата, на пример за труење на овчарски или ловџиски кучиња.
Старова вели дека национална база која што води евиденција за труење на домашни и диви животни нема. Преку проектот БалканДетокс ЛАЈФ, е создадена онлајн дата база во која се регистрирани досегашни пријавени случаи со труење кај нас и во балканските држави. Самата онлајн алатка овозможува секој да може да пријави случај со труење.
Државниот инспекторат за животна средина е една од алките која ќе треба да постапува во процесот на документирање и расчистување на случаите на труење на диви животни, особено доколку се работи за заштитени видови. Од таму информираат дека нивни претставник ја завршил обуката во Шпанија, а сега ќе ги обучи тројцата инспектори за природа.
„Целта е да се воспостави стандардна процедура за постапување, да се знае кои се надлежностите на сите институции и да се воспостави платформа за комуникација. Исто, важен е и граѓанскиот мониторинг и информациите кои доаѓаат од граѓаните, заради што ќе треба да се едуцираат каде и кому да се обратат доколку се сведоци на труење на диви животни“, посочуваат од ДИЖС.