Со кафеавата мечка ќе се управува со Акциски план, за да се спречи влегувањето по селата

Се работи и на формирање и опремување на интервентен тим што ќе може брзо да излезе на терен и да се справи со различни ситуации поврзани со мечките

Фото: МЖСПП

Кафеавата мечка до октомври треба да го добие првиот Акциски план за управување. Истовремено се работи и на формирање и опремување на интервентен тим што ќе може брзо да излезе на терен и да се справи со различни ситуации поврзани со мечките. По непријатните случки од минатата година, кога мечки се симнуваа во села во Маврово и Шар Планина во потрага по храна, започнува иницијатива за правилно менаџирање со ова диво животно, што би значело негова заштита но и превенција и заштита на луѓето и нивниот имот.

Акцискиот план за управување со кафеавата мечка е веќе во изработка, а се очекува да биде готов до крајот на септември. Се очекува да даде одговори на прашањата каква е состојбата со популацијата на мечката, но и како да се спроведе правилен мониторинг, превенција од штети, достапност на храна и друго. Кафеавата мечка во земјава има статус на заштитено животно со законите за дивеч и ловство и за природа како и неколку меѓународни директиви и конвенции. Се претпоставува дека бројката се движи од 330 до 380 единки, кои живеат во западниот дел од државата.

„Мечката која живее во земјата е дел од Динарско-пиндската популација, една од десетте популации на мечки во Европа, која брои околу 4000 единки и влегува во групата на ранливи животни. Бројот на мечки во земјава досега се дефинирал според пребројувањето кое го прават ловечките друштва, но за да ја знаеме точната бројка треба да се направат генетски истражувања, како што е пракса во речиси сите европски држави“, рече Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво на денешната иницијална работилница организирана од Министерството за животната средина и просторно планирање.

Тој посочува дека досега во земјава не бил изработен ниту еден Акциски план за управување со оваа крупна ѕверка, иако заканите за нејзиното опстанување се бројни, како криволов, уништување на живеалиштата со сеча на шумите или со пожари, но и со инфраструктирни проекти. Во последните години под влијанието на активностите на човекот, но и на климатските промени, се соочува и со недостаток на храна во природата, што резултира со појавување во населените места, особено околу дивите депонии и ѓубриштата, кои ги користи како брз извор на храна.

„Акцискиот план има цел да обезбеди добро управување со популацијата на мечката, од утврдувањето на точната броја преку научни методи, преку следењето и мониторингот, кои ќе треба да бидат основа која ќе се користи за планирање на сите активности во иднина“, вели Стојанов.

Во изработката на планот ќе се користат искуства од европски држави, конкретно од Хрватска, каде веќе се изработени Акциски планови, а функционира и интервентен тим. Според професорот Ѓуро Хубер, превенцијата е вистинскиот начин на намалување на штетите кои може да ги предизвикаат дивите животни. Доколку тие сепак се случуваат, на луѓето треба да им следува отштета, додека отстрелот на животните треба да е секогаш последната опција.

„Постојат повеќе начини како да се спречат мечките да доаѓаат во контакт со луѓето и нивниот имот, а првенствено тоа значи да нема отпад на отворени површини, а таму каде што има да биде заштитен со жичани огради кои може да се електрифицирани. Електричните огради се решение и за заштита на пчеларниците и стадата кои се мета на мечките“, вели Хубер. Планот за менаџмент на мечката, според него, треба да обезбеди стабилност на популацијата и заштита на живеалиштатана животните, но и услови за коегзистирање со луѓето со намалување на штетите и заштита на нивниот имот.