Балканскиот рис доби повисоко ниво на заштита според Бонската конвенција

Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската, со што двете земји се заложија да ја заштитат оваа ретка мачка, од која се преостанати помалку од 50 возрасни единки

Фото: Министерство за животна средина

Балканскиот рис е вметнат во Бонската конвенција, а С. Македонија и Албанија се обврзаа со здружени сили да го штитат неговиот опстанок, информираат од Македонското еколошко друштво. За време на Конференцијата на Бонската конвенција, која се одржува во Узбекистан, евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови.

Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската, со што двете земји се заложија да ја заштитат оваа ретка мачка, од која се преостанати помалку од 50 возрасни единки, кои постојано се движат низ Македонија, Албанија и Косово.

„Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија. Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија, сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот, МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија спроведоа кампања за заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана. Вклучувањето на балканскиот рис во Бонската конвенција, ќе значи дека земјите ќе се заложат да создадат најдобри можни услови за зачувување на загрозеното животно.

„Ова, меѓу другото, подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис“, велат од МЕД.

Балканскиот рис се соочува со недостиг на поволни и поврзани живеалишта поради прекумерната експлоатација на шумите. Ова резултира и со намалена достапност на пленот. Дополнителна отежнителна околност е криволовот на пленот, а и самиот рис е жртва на криволов, поради лов на трофеи или погрешната перцепција дека убива стока.

Бонската Конвенција за заштита на миграторни видови диви животни обезбедува глобална платформа за заштита на преселните животни и нивните живеалишта. Таквите видови на кои им се заканува истребување, како што е балканскиот рис, се вклучени на Прилог 1 од Конвенцијата. Освен Македонија и Албанија, копредлагачи за вклучување на балканскиот рис кон списокот на миграторни видови, беа и Босна и Херцеговина и Узбекистан.

„Со оваа одлука властите во Северна Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис. Будно ќе следиме дали се спроведува ветеното,“ вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација „Еуронатур“, која покрај КОРА од Швајцарија, МЕД од Македонија, ППНЕА од Албанија и ЕРА од Косово е дел од Програмата за закрепнување на балканскиот рис.