УНЕСКО бара, државата не испорачува, граѓанските организации разочарани од третманот на Охрид

Ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на Охридскиот регион и понатаму е список на желби на домашните институции, кои не предвиделе ниту временска рамка за имплементација на проектите, буџет и приоритети за секоја активност како што тоа им го бара УНЕСКО

Фото: Архива на Мета.мк

Ревидираниот Стратегиски план за рехабилитација на Охридскиот регион и понатаму е список на желби на домашните институции, кои не предвиделе ниту временска рамка за имплементација на проектите, буџет и приоритети за секоја активност како што тоа им го бара УНЕСКО.

Граѓанската организација „Фронт 21/42“ реагира на Извештајот за состојбата на Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство, што пред еден месец го усвои Владата и кој заедно со Албанија, земјава треба да го испрати до УНЕСКО.

Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ велат дека сè уште детално го анализираат Извештајот, како и документите кои се наведени во него, а за дел од наводите во документот од организацијата велат дека не се во интерес на заштита на културното и природното богатство. Првенствено, тие посочуваат дека ревидираниот Стратегиски план кој е објавен на интернет страницата на Министерството за култура, не вклучува ништо од тоа што го бара УНЕСКО, како и дека наместо буџет за предвидените активности, исто како и во верзијата од 2023 година, се наведува дека финансирањето на активностите за рехабилитација на доброто ќе бидат проценети во моментот на нивното спроведување и во согласност со актуелната финансиска состојба од страна на надлежните институции. Нема наведено ниту конкретни временски рамки и оставени се истите општи временски рокови, а не се наведени ниту приоритетните активности.

Екологистите реагираат и заради фактот што државата се обврзала во Извештајот пред УНЕСКО следењето на спроведувањето на Планот за рехабилитација да биде во надлежност на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, но од друга страна во новиот Предлог закон за управување со Светското наследство оваа обврска не ја наведува во членот кој ги дефинира надлежностите на новото управувачко тело.

УНЕСКО во своите препораки бара да бидат и отстранети измените во Деталниот урбанистички план и одобрението на локалните развојни планови надвор од населените места, сѐ додека не се спроведе процената на влијанието врз наследството на стратегиско ниво и да се демонстрира дека нема негативно влијание од овие планови врз заштитените вредности. Од „Фронт 21/42“ велат дека одговорот на ова барање во Извештајот е општ и нецелосен и е начин да се избегне одговор на прашањето и одговорност за реалните случувања.

Во реалноста во изминатиот период општините Охрид и Струга имаат спроведено постапки за голем број урбанистички планови од различен вид, особено за урбанистички планови вон населени места кои со право ги издвојува УНЕСКО за кои Комисијата не е ниту известена, уште помалку вклучена во процесите на нивно одобрување, заради што ние редовно до нив испраќаме известувања. Министерството за животна средина за сите Извештаи за стратегиска оцена на влијанието дава позитивно мислење, целосно игнорирајќи ги нашите укажувања за законските прекршувања и неусогласеност со Планот за управување. Пример за тоа е планот Горица Север кој предвидува урбанизација на 17,5 хектари надвор од градот Охрид на самата граница на Студенчишко блато, едно од деветте жаришта на биолошка разновидност на Охридското Езеро и дел од меѓународно заштитеното Рамсар подрачје, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Екологистите реагираат и што на барањето на УНЕСКО да се финализира прогласувањето на Студенчишко Блато за парк на природата и на Охридското Езеро за споменик на природата се изготвуваат закони кои не поставуваат основа која ќе осигура мерки за управување со кои ќе се зачуваат клучните еколошки процеси и карактеристики на регионот.

Клучните мерки за заштита во двата закони, како предложените зони, дозволените и забранетите активности во зоните и управувачките тела на подрачјата, не се во согласност со меѓународните стандарди, меѓународното право, ниту со националното законодавство. Најзагрижувачко од се е тоа што доколку се усвојат, овие закони ќе овозможат продолжување на уништувањето на двете подрачја, но сега во согласност со законите за нивна заштита, реагираат од „Фронт 21/42“.

Мета.мк побара став и од надлежните министерства за култура и животна средина, кои учествуваат во изработката на Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, веднаш штом Владата испрати информација дека го усвоила овој важен документ. Сепак, три недели откако испративме прашања до нив, одговори не добивме.