Македонски експерти се едуцираа како да се борат против труење и шверц на диви животни

Користењето на отрови во минатото веќе доведе до исчезнување на два вида, брадестиот и црниот мршојадец, а сега пред таква закана се и белоглавиот и египетскиот мршојадец

Фото: Македонско еколошко друштво

Експерти од Македонското еколошко друштво и неколку државни институции се едуцираа како да се справат со труење, убивање и шверц на диви животни. Петмина учесници од земјава, заедно со уште 39 од девет европски земји, се здобија со квалификации во оваа специјализирана област во рамките на третата обука организирана од  Академијата за криминал против дивиот свет, која се одржа во Малага, Шпанија. Целта на обуката беше да им се помогне на институциите при гонењето и осудувањето на криминалците кои му штетат на дивиот свет, за да се минимизираат злосторствата, а со тоа и да се спасат животи на многу загрозени видови.

Како што информираат од МЕД, на обуката експертите ги усовршиле вештините во профилирање на осомничените и разбирање на криминалното однесување преку практични вежби за криминални потписи и поврзување на случаи и работеле на теми како форензичка психологија, анализа на криминал и криминално профилирање. Учесниците се едуцирале и за докази за однесување на криминалците и за начинот на кој разузнавачките служби можат да спречат криминал и да помогнат во истрагите, особено кога се работи за организиран криминал и меѓународни мрежи вклучени во труење на дивиот свет и нелегална трговија.

„Нашата земја се соочува со еколошки криминал за кој, за жал, нема ефективна истрага и соодветна надлежност. Оваа академија ни обезбеди низа алатки со кои ќе ги зајакнеме нашите национални капацитети во однос на ова прашање. Сепак, ова е само почеток и потребни се колективни напори и решителност за да се искорени криминалот со дивиот свет во Северна Македонија“, изјави Арта Старова, проектен асистент во Македонско еколошко друштво и учесник на Академијата за криминал против дивиот свет.

Според податоците на МЕД, во последните 20 години во Македонија, отруени се најмалку 80 единки од пет различни видови, а најзасегнат е белоглавиот мршојадец со над 70 птици. Други видови кои се многу подложни на оваа закана се египетскиот мршојадец, царскиот орел и златниот орел. Користењето на отрови во минатото веќе доведе до исчезнување на два вида, брадестиот и црниот мршојадец, а сега пред таква закана се и белоглавиот и египетскиот мршојадец.

„Европа доби 44 нови експерти од девет земји, за истражување и анализа на криминалот во дивиот свет.  Импресионирани сме од нивната непоколеблива посветеност во борбата против криминалот со дивиот свет и веруваме дека нивната експертиза ќе направи вистинска разлика во спречувањето на нелегалната смртност и во поддршката на напорите за зачувување на загрозените видови. Нашите учесници на Академијата за криминал во дивиот свет веќе ја добија првата пресуда за нелегално труење на диви видови во Кипар“, изјави Јован Андевски, менаџер на програми во Фондацијата за заштита на мршојадците и координатор на Академијата за криминал против дивиот свет.

Обуката беше организирана од „Фондацијата за заштита на мршојадците“ и „Junta de Andalucía” како дел од проектите „BalkanDetox LIFE“ и „LIFE with Vultures”, финансирани од ЕУ.

Мета.мк повеќепати пишуваше дека труењето, криволовот и недозволената трговија се меѓу главните закани за дивиот свет во земјава. Египетскиот мршојадец и балканскиот рис се на работ на истребување, а и мечките, волците, лисиците или шакалите не се под помала закана. Сепак, и покрај тоа што ова се едни од главните причини за десеткувањето на полулациите на најзагрозените животни во земјава, еколошкиот криминал и понатаму нема ниту еден документиран судски случај, ниту пак е изречена казна за убивање диво животно.

Пред две години јавноста во земјава го следеше и случајот со лавчето Симба, веројатно жртва на шверц на диви животни. Овој случај се уште нема завршница.

Српска зоолошка градина истражува сигурносни снимки по објавата на Мета за лавчето Симба (фото)