На Балканот за две децении од труење угинале околу 500 мршојадци

Фото: Македонско еколошко друштво

Во последните две децении околу 500 мршојадци угинале на Балканот како последица од труење. Сепак, реалните бројки се многу повисоки, бидејќи само 20 отсто од овие случаи се откриваат и документираат. Според Фондацијата за заштита на мршојадци, најмалку 115 мршојадци годишно умираат од труење на Балканот, последица на штетната навика, распространета кај населението и сточарите, за труење на дивите животни со отровни мамки, како еден од методите за намалување на нивниот број.

Македонското еколошко друштво од декември минатата година, заедно со уште осум организации од седум балкански држави работи на проект за заштита на дивите животни и птици од нелегалното труење. Притоа, преку GPS уреди, ќе бидат обележани 25 белоглави мршојадци од Балканот и нивното движење континуирано ќе се следи. Покрај тоа, МЕД е дел и од регионалeн проект за зачувување од истребување на египетскиот мршојадец, кој заедно со белоглавиот, се единствените кои останаа да се гнездат во Северна Македонија.

Белоглав мршојадец, фото: МЕД

Најчестиот начин на труење на диви животни на Балканот, информират од МЕД, е намерното поставување на отровни мамки за убивање на диви предатори или други диви и домашни животни кои можат да нанесат штета на добиток или друг дивеч. Покрај нив страдаат и мршојадците кои се исхрануваат исклучиво со мртви животни. Оваа практика е почната пред пет-шест децении, кога самата држава го стимулирала труењето како начин на истребување на волците. Последиците се гледаат и денес, преку бројот на мршојадци што се пред исчезнување, но и преку навиката, која сè уште постои кај населението и треба да се искорени.

Ненад Петровски, фото: лична архива

„Нелегалното труење веќе предизвика целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец од нашата држава во последните неколку децении. Во моментов, отровните мамки претставуваат најголема закана за преостанатите два вида мршојадци кои живеат во нашата земја, египетскиот и белоглавиот. Во Македонија, долги години наназад секоја година документираме најмалку по едно труење заради што една од целите на проектите е подигнување на свеста кај локалното население, но и кај институциите кои се надлежни за постоењето на овој долгогодишен проблем“, вели Ненад Петровски од МЕД .

Мршојадците се една од најважните алки во одржувањето на екосистемите, тие отстрануваат мрши од дивината, помагаат да се одржат здрави екосистеми и дејствуваат како природни рециклирачи. Нивното уништување мора итно да прекине, а доколку сакаме нивниот број на Балканот да се врати на поранешните нивоа, проблемот мора веднаш да се решава.

Деновиве, од оваа организација ја споделија приказната за Сунчица, млад мршојадец кој беше обележан со GPS уред во октомври 2019 година, откако беше пронајден изнемоштен и прегладнет во Беровско. Сунчица деновиве, по пет месеци зимување на Блискиот Исток и прелетани речиси 19.000 километри повторно се врати на Балканот. Белоглавите мршојадци се едни од најпрепознатливите птици кои живеат во Македонија, но нивниот опстанок зависи од многу држави бидејќи тие прелетуваат илјадници километри пред да свијат гнездо. Минатата година во земјава имало само уште шест парови белоглав мршојадец кои се гнезделе кај нас и уште 13 парови египетски мршојадци.

Египетски мршојадец, фото: МЕД

„Проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец“ е најголем проект за заштита на египетски мршојадец сов светот кој се спроведува во 14 држави и на три континенти, по миграторниот пат на оваа птица. Тоа е најмалиот мршојадец во светот кој презимува во Африка, а преку Блискиот Исток се враќа на Балканот за да се гнезди. Проектот ги таргетира сите закани на овој пат како што се труењето, криволовот, електрокуцијата, но и недостатокот на храна и живеалишта. Во земјава од годинава ќе постојат две места за хранење на мршојадците, тоа се Витачево кај Кавадарци, а новото е кај Демир Капија“, вели Петровски.