Државата не дава пари за заштитените подрачја што самата ги прогласува

Национален парк Маврово; Фото: Мета.мк

Националните паркови немаат континуирано државно финансирање, иако Законот за природа јасно го предвидува тоа, ниту пак општините имаат доволно капацитети за да управуваат со заштитените подрачја на нивната територија. Во земјава од пред две години има четири национални паркови, откако Шар Планина беше прогласен како прв од осамостојувањето на државата. Со него и со прогласувањето на Малешево и Осогово, територијата под заштита сега вклучува 82 подрачјa, кои зафаќаат околу 13,92 отсто од земјата.

Сепак, прогласувањето на хартија не значи и вистинска заштита на биолошката разновидност и вредностите на пределот. Граѓанските организации реагираат дека на националните паркови не им се доделува финансирање од државниот буџет, иако законски им следува, а ќе помогне во одржливото работење, особено за намалување на експлоатацијата на шумите.

Според Симона Трајковска од „Еко свест“, националните паркови мора да добијат државно финансирање, а тоа е едно од барањата кои Бернската конвенција ги вклучи во Одлуката што ја донесе во декември минатата година во врска со случувањата во Националниот парк „Маврово“. Досега, овие установи добивале државни средства преку Програми за заштита на природата, но никогаш немале континуирана буџетска финансиска поддршка.

„Законската одредба за државно финансирање на националните паркови, која е утврдена во законот за заштитата на природата во членот 141-а, никогаш не е дадена на ниту еден од парковите. Засега парковите воспоставуваат начини на самофинансирање, што многупати значи продажба на добрата, најчесто шумите, кои од друга страна треба да се предмет на заштита. НП Галичица е пример за самоодржување каде беше донесена одлука дека веќе нема да се врши сеча на дрвја, туку ќе се наплатуваат влезници за одржливост на паркот. Тие методи треба да се пресликаат и во другите паркови“, вели Трајковска.

Од Министерството за животна средина велат дека обврската од законот делумно се исполнува, со тоа што од буџетот се обезбедени средства само за НП Шар Планина. Министерството обезбедило дополнителни финансиски средства од Охрид-Преспа Фондот за природа- ПОНТ, каде сите национални паркови можат да користат до 50 отсто кофинансирање на нивните опертивните трошоци за заштита на природа.

„МЖСПП нема во Буџетот средства за финансирање на националните паркови бидејќи тие постојат и функционираат подолго време. Единствено се обезбедени средства за новоформираниот национален парк Шар Планина бидејќи се неопходни за да може да се конституира. Од буџетите за 2021 и 2022 година се обезбедени по шест милиони денари, а за годинава девет милиони денари“, информираат од Министерството.

Уште во 1948 година, поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели, дел од планината Пелистер е прогласенa за национален парк, што воедно преставува првото заштитено природно добро во Македонија и на просторите на поранешна СФРЈ. Шумските предели околу Мавровското Езеро се прогласени за национален парк во 1949 година, а планината Галичица во 1958 година. Покрај нив има уште речиси 80 подрачја заштитени во некоја од пониските категории, споменик на природата, парк на природата, заштитен предел и повеќенаменско подрачје.

Прогласувањето на заштитено подрачје, смета Робертина Брајаноска од Македонското еколошко друштво, не треба да остане само на хартија, туку мора да се спроведува и во праксата. За тоа се потребни зајакнување на капацитетите на општините и едукации на кадар што ќе биде подготвен да одговори на барањата за заштитата на природата. Општините многу често ниту имаат кадар, ниту даваат финансии за заштита и најчесто ги делегираат овие надлежности на граѓански организации или други институции, но сепак, тоа не ја намалува нивната обврска да бидат инволвирани во заштитата на подрачјата.

Така, ЈП „Национални шуми“ стопанисува со Малешево и Осогово, додека општината Македонски Брод управувањето со пештерата Слатински извор го има доделено на истражувачкото друштво „Урсус спелеос“. За Брајаноска ова е добра практика, која се користи и во други држави и со која се користи знаењето и експертизата на граѓанските организации, кои и онака работат на истражувања на дадената локација, а сега добиваат и можност да го спроведат и управувањето, што би бил логичен избор.

„Кој и да е управувачот со заштитеното подрачје, мора да има капацитети. Тоа подразбира да има човечки потенцијал, со соодветна систематизација, кој е соодветно едуциран да работи на спроведување на мониторинг на биодиверзитет, на управување со шуми и води, одржливо користење на ресурсите, културното наследство и локалниот развој. Управувачот мора да има и ренџерска служба, но ретко кое заштитено подрачје има доволен број ренџери, дури и националните паркови“, вели Брајаноска.

Позитивен пример за локална самоуправа која изградила капацитети за заштита на природните богатства на својата територија, посочува таа, е Ресен, каде има Сектор за заштита на животната средина кој управува со Преспанско езеро и Езерани.

„Проблемот е што нема државно финансирање, барем за основните трошоци со што ќе се помогне да се изградат капацитетите за управување со заштитените подрачја. Идеално би било да се издвојува од буџетот за основните трошоци, како што се платите на вработените, како и да се мотивираат бизнисите кои работат во заштитени зони дел од добивката да ја издвојат за подобро управување. Финансирање може да се обезбеди и од продавање влезници, користење на ресурсите, туризам, брендирање,“ вели Брајаноска.