Труењето на диви животни досега истреби два вида мршојадци, институциите мора да почнат да казнуваат

Фото: Македонско еколошко друштво

Труењето на диви животни е специфично кривично дело, а во тие случаи сите институции мора да постапуваат по утврдени протоколи. Со оглед на тоа дека во земјава постои малку искуство за постапување во вакви ситуации, протоколите се клучни доколку целиме кон ефективно процесирање на овие случаи, но и расчистување и намалување на многу честите инциденти во кои незаконски се користат отрови во природата.

Ова се заклучоците од работилница за изработка на оперативни протоколи за постапување при случаи со труење на диви животни, која ја организираше Македонското еколошко друштво во рамките на проектот BalkanDetoks LIFE. Целта на работилницата е да се прекине праксата на илегално користење на отровни мамки во земјава, активност која досега резултураше со регионално истребување на два вида мршојадци и која и понатаму нанесува огромни и непоправливи последици на биолошката разновидност во целиот регион.

Од МЕД велат дека, иако досега се спроведени многу активности за да се реши овој проблем, недостатокот на оперативни протоколи за постапување на сите институции кои се надлежни во овие случаи, претставува огромна дупка во истрагата и расчистувањето на ваквите инциденти. Од таму посочуваат дека, бидејќи се работи за многу специфично кривично дело, голем дел од кадрите на надлежните институции немаат искуство за тоа како треба да се постапи, по кој член треба да се третира делото, како да го расветлат случајот или пак воопшто не се ни свесни дека се работи за кривично дело или сметаат дека не се надлежни.

„Досега не постоеше правилник или стандардно оперативна процедура за постапување при случаи со труење на диви животни. Покрај тоа што се соочуваме со вакви случаи речиси секоја година, немањето искуство и соодветна обука, како и свест за сериозноста на овој тип криминал, немањето никаков протокол за постапување, доведе да при секој ваков случај некоја институција потфрла во нејзиниот дел што резултира со фактот дека ниту еден случај не е расветлен“, вели Ненад Петровски од МЕД.

Посочува дека еден од главните актери во истражната постапка е Министерството за внатрешни работи, кои се надлежни за обезбедување на местото на настанот и подигање на доказен материјал, известување на Јавниот обвинител и проследување на отровната мамка до Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења за анализа на отровот кој е користен.

„Доколку се работи за труење на заштитен вид, неопходно е да се вклучи и инспектор за природа од Државниот инспекторат за животна средина кој е надлежен за утврдување дали постои кривично дело труење како и проценка на штетата врз природата, а има надлежност и за пишување на кривична пријава. Инспекторот за природа може да ги подигне и отруените диви животни и да ги предаде на Факултетот за ветеринарна медицина на обдукција и токсиколошки анализи“, вели Петровски.

Доколку случајот се наоѓа на територија на ловиште, ингеренции имаат и ловочуварите, а дел од товарот за првичната реакција на терен паѓа и на Агенцијата за храна и ветеринарство, односно ветеринарните инспектори, меѓутоа Петровски вели дека од оваа институција и покрај поканата не учествувале на работилницата.