Долговите што ги има натрупано најголемиот државен загубар во земјава, Железници на РСМ-Транспорт се високи како Монт Еверест. Доколку државните власти, под итно не преземат конкретни мерки за нивна санација, железницата нема да има потреба да се приватизира или да се склучува јавно-приватно партнерство за нејзина трансформација, бидејќи преку присилна наплата на долговите би можело да се реши прашањето за нејзиното идно функционирање.

3.569.771.811 денари, или околу 58 милиони евра, се досегашните неплатени обврски на Железници на РСМ-Транспорт кон разни субјекти во земјава и во странство, се наведува во Бизнис планот за работа за 2021 година на државното железничко акционерско друштво. Сепак, во оваа сума не влегуваат и каматите на долговите, кои растат од година во година со нивното неплаќање.

Меѓу она што е доспеано, а неплатено од Железници на РСМ-Транспорт како обврски може да се подели на четири главни дела: долгови кон македонската држава и државни компании (ЕЛЕМ, МЕПСО, Министерство за финансии, ЈП за железничка инфраструктура), долгови кон приватни фирми (Пуцко петрол, ЕФГ Софија, приватни железници), доспеани неплатени обврски кон странски државни железници за периодот 1991-1995 година и доспеани неплатени обврски кон странски железници за периодот 1996-2020 година.

Најзагрижувачки се долговите кон Бугарските и Хрватските железници направени во периодот 1991-1995 година, во вредност од 4.520.454 евра и 3.619.518 евра. Па така, по трансформацијата на Хрватските железници на Хрватски железници патнички и Хрватски железници Карго, делот на долгот кој ѝ припаднал на карго компанијата е продаден на CIOS Загреб, при што првичните обврски од над 3,6 милиони евра со камата достигнале фантастични 18.595.278 евра и сумата континуирано расте, а доставено е барање од полномошник на хрватската компанија за наплата на долгот.

„За барањето на CIOS Zagreb се запознаени сите надлежни институции и
Владата на Северна Република Македонија“, алармираат од Железници на РСМ-Транспорт во објавениот Бизнис план за 2021 година и дополнуваат дека ова барање е предмет на разгледување и за истото се преговара за да се изнајде начин да се реши без загрозување на и онака влошената финансиска состојба.

Понатаму, во објавениот документ се наведува дека иако со повеќе странски железници, Железници на РСМ-Транспорт во минатото склучило спогодби за одложено плаќање на обврските настанати во период 1996-2019 година, поради недостигот на средства навремено не ги извршува истите и можно е да се изгубат одобрените ослободувања и да се пристапи кон присилна наплата на побарувањата.

„Обврските кон странските железници постојано се зголемуваат и бидејќи
плаќања воопшто не вршиме, постојано добиваме опомени кои во секој момент би се актуелизирале и би не довело во опасност од тужење и присилни наплати“, се вели во Бизнис планот за работа за 2021 година.

Тие дополнуваат дека опасност од присилна наплата постои и од добавувачите од земјава и од странство, бидејќи железницата не е во можност навремено да ги плаќа долговите и истите постојано се акумулираат. Воедно, Железници на РСМ-Транспорт планира да ја заврши 2021 година со предвидена загуба во работењето во висина од  469.580.000 денари (околу 7,6 милиони евра).

„Сметаме дека само со помош од државата би можеле да ја надминеме состојбата во која се наоѓаме и да можеме без тешкотии да го извршуваме нашето работење“, велат од Железници на РСМ-Транспорт, потсетувајќи дека долговите по основ на железнички превоз кон странските железници по поделбата на Македонски железници во 2007 година им припаднале на нив.

Од Железници на РСМ-Транспорт во Бизнис планот за 2021 година напоменуваат дека проблем се и набавените четири дизел моторни возови (ДМВ) и два електро моторни возови (ЕМВ) од Кина од претходната влада, но и доцнењето на испораката на четирите електрични локомотиви што беа купени од истиот кинески производител а пристигнаа дури лани.

„Квалитетот на испорачаните ДМВ и ЕМВ не е во согласност со понудениот од добавувачот и затоа според одредбите од договорот, треба да не ги платиме 10 отсто од договорената вредност односно да се изнајде заедничко решение и за доцнењето на локомотивите бидејќи набавката е од иста кинеска фирма“, се наведува во документот.

Државните власти пак акутниот проблем со Железници на РСМ-Транспорт постојано го ставаат под тепих. Минатото лето конечно беше изработена Студијата за бизнис сегментација на државниот железнички оператор, и тоа од страна на италијанската консултантска куќа „Pricewaterhouse Coopers Advisory S.r.l“. И покрај тоа што беа понудени модели за идно преструктурирање на ова претпријатие, сегашните најави на владата одат во насока на изработка на нова физибилити студија за процесот на приватизација на Железници на РСМ-Транспорт.

„Мета.мк“ во три наврати изминатиов месец го праша Министерството за транспорт и врски за тоа што суштинско би се добило од изработката на нова физибилити студија и за други прашања во врска со реформите во железничкиот сектор, но одговор на овие прашања до денешен ден не добивме.

Премиерот Зоран Заев изминатава есен најави реформи на државните загубари, кои треба преку приватизација или јавно-приватно партнерство да го надминат проблемот со натрупување загуби во нивното работење, вклучувајќи ги тука и Железници на РСМ-Транспорт. Сепак, конкретни рокови за нивна реализација не беа споменати.

Инаку, Извештајот за напредокот на нашата земја за 2020 година на Европската комисија (ЕК) во делот на транспортот е преполн со критики. Железничкиот сектор во земјава треба да биде трансформиран, а Европската комисија забележува на отсуството на одвојување на патничкиот од товарниот железнички сообраќај кај единствената компанија за железнички превоз во земјава – Железници на РСМ-Транспорт.

„Мета.мк“ повеќе од една и пол година наназад пишува за неопходните реформи во железничкиот сектор, за кои и експертите се согласни дека колку повеќе се одолговлекуваат од страна на државата, толку повеќе болни може да бидат и за самото железничко претпријатие и за неговите вработени, но и за целото македонско општество.