Фон дер Лајен: ЕК ќе препорача отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина

Таа оцени дека Босна и Херцеговина постигнала поголем напредок откако добила кандидатски статус отколку за повеќе од една деценија

Фото: Hannes P. Albert/dpa

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди дека комисијата денеска ќе препорача отворање на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Босна и Херцеговина.

Таа оцени дека Босна и Херцеговина постигнала поголем напредок откако добила кандидатски статус отколку за повеќе од една деценија.

„Денеска, ќе му препорачаме на Советот да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина“, рече Фон дер Лајен во говорот на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, најава која беше проследена со аплауз од претставниците.

Попладне ќе се одржи седница на Европската комисија, на која ќе се донесе одлука за препораката за отворање на преговорите. За оваа препорака следниот вторник ќе одлучува Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за надворешни или европски работи на земјите членки, а потоа и лидерите на земјите членки, кои ќе се соберат на самитот на 21 и 22 март.

Фон дер Лајен рече дека БиХ направила импресивни чекори во европската интеграција по добивањето кандидатски статус во декември 2022 година.