Редит заедницата и платформата „Робинхуд“ во фокус на сослушувањето за случајот „Гејмстоп“

Фото: r/wallstreetbets, Reddit.com

Берзанската сага што започна со луди промени во цената на акциите на „Гејмстоп“ минатиот месец дојде до ново поглавје – сослушување на Комитетот за финансиски услуги на Претставничкиот дом, кој ги испрашува најважните играчи вклучени во приказната.

Претседателката на Комитетот, Максин Вотерс, сослушувањето го наслови „Играта запре (Game Stopped) – Кој победува и кој губи кога се судираат кратките продавачи, социјалните медиуми и малопродажните инвеститори“.

Во јануари акциите на компанијата „Гејмстоп“ пораснаа за околу 1.600 отсто и предизвикаа пресврт на Волстрит. Случајот прерасна во битка помеѓу малите инвеститори и моќните професионалци од големите хеџ фондови.

Приказната запoчна кога корисник на форумот „Редит“ по име Кит Гил, потпишан и познат на Јутјуб како RoaringKitty, го споделил неговото купување на акции во „Гејмстоп“ со неговите фанови. Овој 34-годишник рекол дека верува оти синџирот за видеоигри ќе помине низ преродба и дека неговите акции се потценети, по што развил голема група на следбеници. Тој набргу стана заштитно лице на движењето на малите трговции кои на моменти победуваа во битката со титаните од Волстрит.

Гил сведочеше во Конгресот за неговата улога во целиот случај.

„Јас не сум мачка. Јас не сум институционален инвеститор, ниту сум хеџ фонд“, рекол Гил во првите моменти од неговото сведочење.

Тој и пред забрзаниот раст на акциите тврдел дека ова тргување го направило милионер. На Редит објави слика на која се гледа дека влогот од 53.000 американски долари во „Гејмстоп“ пораснал до 48 милиони долари.

Идејата дека манипулирал со пазарот ја нарече неверојатна.

„Моите објави не предизвикаа движење на милијарди долари во акциите на Гејмстоп. Трагично е што некои луѓе изгубија пари, моето срце е со нив“, рекол Гил, а пренесоа светските агенции.

Фокусот на сослушувањето бил ставен и на платформата за трговија „Робинхуд“, која за време на порастот на акциите на „Гејмстоп“ воведе ограничувања за тргувањето со акциите на неколку компании, што предизвика критики од нејзините корисници, но и од политичарите.

Извршниот директор на „Робинхуд“, Влад Тенев, на сослушвуањето неколкупати повторил дека ограничувањата биле воведени за да се исполнат зголемените регулаторни барања.

„Ние не одговараме на хеџ фондовите. Ние им служиме на милионите мали инвеститори кои секојдневно ја користат нашата платформа за да инвестираат“, рекол Тенев.

„Робинхуд“ беше цел на критики и поради тоа што го направил инвестирањето премногу лесно, односно поради тоа што им овозможил пристап до тргувањето на неискусните инвеститори.

Претставник на хеџ фондот „Мелвин Капитал“, Габриел Плоткин, кој е еден од фондовите што претрпеа најглеми загуби, рекол дека неговата компанија немала никаква улога во одлуките на платформите за тргување и дека изгубила повеќе од 50 отсто од своите инвестиции во јануари поради купувањето краткорочни акции, обложувајќи се против „Гејмстоп“ и слични акции.

Како што се зголемуваа загубите на „Мелвин Капитал“, инвестициската фирма „Ситадел“ го спаси хеџ фондот со голема инвестиција. На сослушувањето во Претставничкиот дом сведочел и извршниот директор на „Ситадел“, кој рекол дека неговата компанија им спасила милиони долари на малите инвеститори.

На сослушувањето бил присутен и директорот на Редит, Стив Хафман. Тој Редит групата WallStreetBets ја опишал како заедница специјализирана за „инвестиции со голем ризик кои носат големи награди“, но и посочил дека постои длабока поврзаност и сколоност помеѓу членовите на групата.

„Пред неколку недели ја видовме моќта на заедницата кога трговците од WallStreetBets се здружија на почетокот за да ја искористат можноста за инвестирање која обично не им е достапна на малопродажните инвеститори, но подоцна се здружија за да ги бранат сите мали инвеститори од критиките на финансискиот естаблишмент“, рекол Хофман.

Заедницата на Редит, WallStreetBets, стана позната како „меме берза“ поради речникот и емотиконите што ги употребувале при објавите и комуникацијата.

Kит Гил се соочува со тужба во која е обвинет дека лажно се претставувал како инвеститор-аматер и дека манипулирал со пазарот заради личен профит.