Украина би можела да стане членка на ЕУ во 2030 година, ако сите услови за тоа бидат исполнети, порача претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел во интервју за германски „Шпигел“.
„Украина може да стане членка на ЕУ во 2030 година, ако двете страни си ја сработат домашната задача“, вели Мишел, одговарајќи на прашањето дали мислел и на Украина кога повика ЕУ да се подготви за прием на нови членови до 2030 година.
Во однос на последните случувања на теренот во Украина, во текот на изминатите 24 часа, според Генералштабот на вооружените сили на Украина се случиле 43 битки со руските сили, при што Военото воздухопловство на Украина извршило 20 напади на непријателски цели, јавува украинската државна новинска агенција Укринформ.
Според украинскиот Генералштаб, украинските сили успешно вршат одбрана во источна и јужна Украина и вршат офанзива кај Мелитопол и кај Бахмут.
Руските сили извршиле пет ракетни напади и 108 ракетни напади, а имало и 55 напади врз украински борбени позиции и цивилни цели извршени со повеќецевни ракетни лансери. Гаѓани се население места во речиси сите региони на борбени дејствија – Харкив, Луханск, Донецк, Запорижја, Чернихив, Сума и Херсон, при што проектили завршиле во над 120 населени места. Повредени се десетици цивили.