Утре премиера на филмот „М“ на Вардан Тозија

Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург

Фото: Вардан Тозија

Филмот „М“ на Вардан Тозија, дистописка приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, ќе го има своето премиерно киноприкажување утре во „Синеплекс“. По премиерната проекција, публиката ќе може да го погледне филмот „М“ во кино салите во Скопје и во останатите градови низ Македонија.

„Секогаш постои мал зрак светлина што нè води низ најмрачните лавиринти. Никогаш не е доцна да се обидеме да го вратиме светот кој дозволивме да ни се уништи“, вели Тозија.

Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.

Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.