Регуларторната комисија за енергетика (РКЕ), чијшто прв човек е од редовите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово, одлучи да продолжи да ги штити интересите на компаниите блиски до фамилијата на власт, се вели во реакцијата на СДСМ, за одлуката на РКЕ за намалување на цените на парното греење од 1 август.

Од опозациската партија велат дека РКЕ неосновано одбила да ја намали цената на парното греење за 30 отсто за домаќинствата што се приклучени на системите за топлинска енергија на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и на „ЕЛЕМ енергетика“.

„Овие две компании цела година им наплаќаат на граѓаните поскапо парно греење. Во август 2015 година цената на природниот гас беше намалена во регионот за цели 30 проценти. Тоа значи дека цената на парното требало да се намали за 30 отсто уште во декември 2015 година за корисниците на парно греење од овие две компании, затоа што трошоците за набавка на горивото природен гас им биле помали од проектираните. Регулаторната комисија имала законска обврска да реагира и да ја намали цената за овие корисници уште во декември 2015 година!“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека со последната одлука штетите и понатаму ќе ги трпат повеќе од 60.000 домаќинства кои „благодарение на РКЕ ќе продолжат да ги богатат „ЕЛЕМ енергетика“ и БЕГ“.

„Порачуваме дека сите одлуки на Регулаторната комисија на штета на граѓаните ќе бидат предмет на ревизија“, велат од опозициската партија.

Претседателот на РКЕ, Димитар Петров, вчера на прес-конференција соопшти дека цените на парното греење за жителите на Скопје приклучени на системот на „Балкан енерџи груп“, од 1 август поевтинува за речиси 11 отсто, а за училиштата и за градинките за 40,62 отсто.

Кај „ЕЛЕМ енергетика“ за домаќинствата цената на парното се намалува за 11,59 отсто, кај училиштата за 1,49 отсто и кај деловните субјекти за 3 отсто.