fbpx

Протечени документи: Украинската воздушна одбрана наскоро може да остане без проектили

Еден од документите со датум од 23 февруари 2023 година детално прикажува дека украинските системи за противвоздушна одбрана С-300 ќе бидат исцрпени заклучно со 2 мај, со сегашната стапка на употреба од Украина

-

Документите од Пентагон од февруари годинава, коишто протекоа во јавност, сугерираат дека постои ризик украинската противвоздушна одбрана да остане без проектили и муниција во рок од неколку недели, пишува Гардијан. Припадници на министерството за одбрана на САД се обидуваат да дознаат како тајните документи станале јавни.

Еден од документите со датум од 23 февруари 2023 годин,а што е означен како „таен“, детално прикажува дека украинските системи за противвоздушна одбрана С-300, со сегашната стапка на употреба од украинските сили ќе бидат исцрпени заклучно со 2 мај. Не е јасно дали стапката на користење на проектилите од С-300 оттогаш се променила.

Украинските системи за противвоздушна одбрана Бук, на кои земјата се потпира, заедно со С-300 би можеле да наидат на проблеми до средината на април, објави Њујорк Тајмс, а противвоздушната одбрана што ги штити војниците на фронтот може да биде „целосно смалена“ до 23 мај.

При ваков расплет, руските воени авиони би добиле поголема можност за напад над украинските сили, што може да се покаже како голем предизвик за кијивските власти, пишува Тајмс, цитирајќи високи воени претставници.

Полковникот Јуриј Ихнат, во својство на портпарол на украинските воздухопловни сили, не ги коментираше конкретно информациите содржани во документите, но за весникот Волстрит Журнал изјави дека Украина се соочува со сериозни предизвици во пронаоѓањето на советска муниција за нејзините противвоздушни одбранбени системи С-300 и Бук.

„Ако ја изгубиме битката за небото, последиците за Украина ќе бидат многу сериозни“, изјави Ихнат за весникот, додавајќи дека сега не е време за одложување и ги повикува западните сојузници да ја забрзаат својата воена помош за Украина.

Инаку, очигледното протекување на голем број доверливи документи на Пентагон можеби е од американски извор, веруваат некои официјални лица во САД.

Според нив, широчината на темите опфатени во документите кои се однесуваат на војната во Украина, Кина, Блискиот Исток и Африка, сугерираат дека тие можеби биле објавени од Американец, а не од друг извор од сојузничките земји.

Американските власти рекоа дека истрагата е во рана фаза и дека тие што ја водат не ја отфрлиле можноста дека проруски елементи стојат зад протекувањето на документите, што се смета за едно од најсериозните безбедносни нарушувања по 2013 година.

Двајца американски функционери за Ројтерс вчера изјавија дека не ја отфрлаат можноста оти документите можеби биле изработени за да ги доведат истражните органи во заблуда за нивното потекло или за да шират лажни информации што може да им наштетат на безбедносните интереси на САД.

Белата куќа упати прашања до Пентагон на оваа тема, Пентагон го упати прашањето до американското Министерство за правда, кое пак отвори кривична истрага за протекувањето на документите. Ваквите строго чувани информации би можеле да бидат од голема корист за руските сили, а Украина рече дека нејзиниот претседател и највисоките безбедносни функционери се состанале во петокот за да разговараат за начините за спречување на протекување информации.

Руската агресија врз Украина во меѓувреме продолжува. Гардијан јавува за најмалку седум загинати цивили во градовите Купјанск и Запорижја изминатиов викенд, како последица на руските гранатирања на овие населени места. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ваквите напади од Русија доаѓаат за време на Велигден и на тој начин Русија како терористичка држава уште повеќе се изолира од остатокот на светот.

Командантот на украинските копнени сили, Олександр Сирски ја обвини Русија дека за да напредува во Бахмут почнала да ја користи тактиката што претходно ја применувала во Сирија.

„Уништува згради и позиции со воздушни напади и артилериски оган“, изјави Сирски, додавајќи дека ситуацијата во Бахмут е тешка, но може да се контролира.

Сирски рече дека руските сили сега во нападите внесуваат специјални сили и единици за воздушно-десантни напади за да помогнат кај Бахмут, бидејќи членовите на руската платеничка војска „Вагнер“ се исцрпени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...