Столтенберг: На Украинците не им недостига храброст, туку муниција

Тоа е огромен предизвик и една од причините зошто Русите успеаја да имаат напредок на бојното поле, изјави генералниот секретар на Алијансата

фото: Архива, Влада на Република Северна Македонија

Земјите од НАТО не обезбедуваат доволно муниција на Украина и тоа има последици на бојното поле секој ден, предупреди денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пренесуваат светските агенции.

„На Украинците не им недостига храброст, им недостига муниција“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.

Тој додаде дека сојузниците на НАТО не ѝ даваат доволно муниција на Украина и тоа има последици:

„Тоа е огромен предизвик и една од причините зошто Русите успеаја да имаат напредок на бојното поле“, изјави Столтенберг.

Тој рече дека САД, Канада и Европа „треба да направат повеќе“ и дека треба да се преземат долгорочни обврски.

Проблемот не е недостатокот на капацитет во индустријата за оружје, туку прашање на „политичка волја“ потребна за донесување одлуки и приоритет на поддршката за Украина, додаде тој.

Стравувањата за поразот на Украина од Русија поради недоволното количество оружје, се зголемија во последните неколку недели по неколкуте пробивања на руски војници на бојното поле.

Кон крајот на февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика своите западни сојузници навреме да достават воена помош за Украина.

Американскиот пакет помош во износ од над 60 милијарди евра сè уште е блокиран во Конгресот поради воздржувањето на републиканските членови на Конгресот кои го поддржуваат поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Сепак, Белата куќа во вторникот објави дека обезбедува 300 милиони долари (274 милиони евра) помош за Украина. Помошта вклучува противвоздушни ракети, муниција и артилериски гранати.

Европа вчера постигна договор за дополнителна помош од пет милијарди евра за фондот за воена помош за Украина.