Доцнење на изградбата и пробивање на финансиската конструкција на проектите е крајниот епилог од изведбата на двата автопати Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, кои почнаа да се реализираат во 2014 година со кредитно задолжување на државава кај кинеската Ексим банка, направено од страна на владата на Никола Груевски. Автопатот Миладиновци-Штип беше пуштен во сообраќај минатата година, откако беше пробиен првично зададениот рок за завршување на истиот. Делницата меѓу Кичево и Охрид не само што не е завршена до денешен ден, туку и државата мораше дополнително да се задолжува кај кинескиот партнер за да се обезбедат додатни средства за довршување на овој автопат.

Зоран Нечев и Иван Николовски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ го изработија истражувачки труд „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“. Тие откриле три клучни слабости во управувањето од страна на институциите вклучени или поврзани со изградбата на двата автопати. Најпрво, недостигале транспарентни и конкурентни набавки визави услови за заем поставени од Кинеската банка за извоз и увоз отелотворени во списокот на претпочитани компании, кои биле предложени од Кинеската влада, а одобрени од Кинеската амбасада во Скопје.

Втората клучна слабост што ја утврдиле истражувачите е нетранспарентниот и неконкурентен процес на избор на компанијата Синохидро за главен изведувач за двата автопати. Тука е и проблемот со политичките и приватните поттици на водечки јавни функционери за изведба на овие автопати, и покрај мислењето на градежниот надзор за неизводливоста на проектот, а со што се предизвикала ефективна штета врз заедничкото добро и парите на даночните обврзници.

Иван Николовски, истражувач во Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“

„Потребно е да се почитува мислењето на струката, особено градежниот надзор, а со посебен акцент на изводливоста и исплатливоста на инфраструктурните проекти. Во спротивно, ќе се повторуваат ваквите примери каде и покрај поволните кредити, крајниот производ ќе биде далеку поскап од предвиденото што граѓаните, како даночни обврзници, ги става во неповолна економска ситуација“, вели Иван Николовски, истражувач во Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Тој нагласува дека потребна е проверка на потеклото и сопственоста на капиталот пред да му се овозможи привилигирана позиција во домашната економија, а со цел спречување на влез на корозивен капитал кој би можел да ја поткопа довербата во институциите, да го ослабне владеењето на правото, да промовира нетранспарентност и да наметне моќ на монопол врз огромни сегменти од економијата.

„Потребна е јавна и транспарентна постапка при избор на главен изведувач и подизведувачи на инфраструктурните проекти преку јавно наддавање наместо директно договорање со злоупотреба на рамката и привилегиите кои ги даваат меѓународните договори во нашиот правен поредок. Директното договорање е спротивно на вредностите и начелата на пазарната економија, а оттука и на нашиот уставен поредок“, дополнува Иван Николовски.

Истражувачкиот труд за кинескиот корозивен капитал дава препораки до владата, меѓу кои е и барањето за транспарентни и конкурентни јавни набавки не само за големи инфраструктурни проекти, со што би се осигурала нивна одржливост и вредност за парите. Не помалку важна е и усогласеноста со економските критериуми за пристапување кон ЕУ, со цел да се осигура дека овој пазар функционира и е конкурентен и слободен, а Северна Македонија се придржува до одредбите за јавен долг, како што е предвидено со критериумите од Мастрихт.

Авторите препорачуваат и унапредување на борбата против корозивниот капитал на регионално ниво, а владата во иднина да избегнува склучување на финансиски аранжмани од надворешни доверители со кои се ограничуваат постапките за конкурентни набавки. Понатаму, на Собранието на РСМ му се препорачува да врши подлабински надзор, кога во иднина би пристигнале законски решенија за финансиско задолжување на земјава.

Меѓу најважните препораки, истражувачите од „Социетас цивилис“ сметаат дека Собранието треба да одржува јавни и надзорни расправи за да се добијат потребните информации, вклучително и мислења на независни експерти, пред ратификување на меѓународни договори. Воедно, треба да се воспостави тесна соработка со Државната комисија за спречување корупција за намалување на ризиците од злоупотреба на службената положба преку советување пратеници и заштитување на законодавството и политиките од корупција, но и да се воспостави соработка со институции за финансиски истраги, вклучително даночни власти, полиција и разузнавање за истражување на имотната состојба на избраните и именувани функционери директно вклучени во склучување меѓународни договори од ваков вид и големина.

Инаку, за изградбата на кинеските автопати се води предмет во судот под името „Траекторија“. За првоосомничениот, Никола Груевски, делото застари, а беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание во предметот „Траекторија“ Во „Траекторија“, обвинети се уште поранешните министри Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службената положба и овластување. За тројцата обвинети судскиот процес продолжува, а застареноста на делото би настапила дури во октомври 2023 година.