Роденденски маратон на ФИНКИ до Владата во знак на протест поради немањето зграда

Маратонот ќе започне од Градскиот парк, а целната линија е Владата. Ова, велат од ФИНКИ, ќе биде симболичен чин со кој факултетот сака да ја подигне свеста за проблемот со недостигот на соодветен образовен простор за студентите

фото: Мета.мк

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) соопшти дека по повод своето 13-годишно постоење, утре, 2 април, ќе одржи роденденска трка.

Маратонот ќе започне од Градскиот парк, а целната линија е Владата.

Ова, велат од ФИНКИ, ќе биде симболичен чин со кој факултетот сака да ја подигне свеста за проблемот со недостигот на соодветен образовен простор за студентите.

„Завршувањето на трката пред Владата ќе претставува почеток на мирен протест, каде ќе покажеме дека бројот на засегнати студенти е голем и дека барањето за подобрување на условите е итно и неопходно“, соопштија од ФИНКИ.

На 21 март, студентите и професорите на ФИНКИ протестираа пред зградата на извршната власт и побараа државата да се ангажира поактивно во справувањето со еден од најголемите проблеми за факултетот – немањето простор за сместување на речиси 5.000 студенти.

По протестот, од Владата соопштија дека „активно се работи на надминување на проблемот“. Владата долгорочното решение го гледа во објектот кој започна со изградба во 2015 година, но чија конструкција престана откако фирмата задолжена за градежните работи замина во стечај.

Краткорочното решение, рекоа, ќе се најде на средба помеѓу претставници на Службата за општи и заеднички работи и ФИНКИ.

МЕТА ФАКТ: Помина уште една година, ветената доизградба на зградите на ФИНКИ и ФФК не продолжи