fbpx

Летото дојде, првите километри од автопатот Кичево – Охрид допрва ќе се пуштаат во употреба (галерија)

-

Новата летна сезона е пред самиот праг, а првите километри од автопатот Кичево – Охрид сè уште не се ставени во функција за возачите. Најавите на државните власти беа дека годинава ќе возиме по првите десетина километри од овој автопат на потегот од Врбјани до Охрид, на којшто потег всушност има и најголема фреквенција на сообраќај и најголема опасност од сообраќајни несреќи. Градежните компании работат на изведба на автопатот на терен, но со забавено темпо поради појавата на корона вирусот во земјава и непредвидените негативни ефекти што ги донесе таа.

„Мета.мк“ уште на крајот на мај побара одговори од Јавното претпријатие за државни патишта за реализацијата на автопатот Кичево – Охрид, но до денешен ден не добивме одговори на поставените прашања. Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов во изјава за „Дојче Веле“ појасни дека албанската компанија „Викторија“ имала проблеми со работниците од Албанија, кои периодов не можеле да бидат ангажирани во изградбата. Токму овој изведувач во изминативе години работеше на изградба на последните километри од автопатот пред Охрид.

Китанов во интервју за „Слободна ТВ“ посочува дека експропријацијата на земјиштето на трасата е целосно завршена, додека досега биле завршени 74 препроектирања од договорот за неопходното препроектирање и допроектирање на утврдените пропусти и недостатоци во проектната документација за овој автопат. Завршени се 80 отсто од препроектирањата, изјави директорот Китанов.

Тој посочи дека 685 градежни работници и 228 машини работат на терен во изградбата на трасата долга 57 километри, но и дополнува дека овие бројки ќе се дуплираат во следните два месеци. Директорот на ЈП за државни патишта посочи дека годинава ќе биле пуштени во употреба измеѓу 5 и 15 километри од овој автопат, но не посочи во кој временски период ќе се случи ова.

Од состојбата што може да се увиди на терен, на секцијата која што се очекува прва да се пушти во функција, во делот меѓу Охрид и Врбјани, се одвиваат градежни работи со забавена динамика. На терен може да се согледаат две бензински станици што се наоѓаат на самата автопатска траса, кои и понатаму работат, а не се срушени и неколку куќи во кои живее месното население. На потегот од Подмоље до Охрид се вози по новоизградената траса, но допрва ќе се реконструира досегашниот пат што ќе служи за движење на возилата во спротивен правец. Пролетва беше срушен надвозниот над патот Кичево – Охрид, каде што се гради нова клучка за идниот автопат.

Автопатот Кичево – Охрид започна да се гради во февруари 2014 година, со актуелен рок на завршување на проектот до 30 јуни 2021 година. Цената на изградба на автопатот изнесува 598 милиони евра, средствата се обезбедија преку кинеската Ексим банка, а за главен изведувач на автопатот е избрана кинеската компанија „Синохидро“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...