fbpx

Процес „Таргет-Тврдина“- прислушуваните сведоци бараат милиони евра отштета

-

Денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушување во периодот од 2008 до 2015 година. За нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски, Тони Јакимовски, како и неколку вработени во поранешната УБК.

На денешното судење сведочат политичари, бизнисмени, адвокати, новинари, кои биле прислушувани и кои бараат милионски суми евра како отштета поради финансиски последици од прислушуваните разговори.

Извршниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов, како еден од сведоците во  „Таргет- Тврдина“, рече дека лично не се чувствува оштетен, но укажа на можноста од штети на компаниите со кои соработувала банката, додека тајната полиција му ги слушала разговорите.

„Нема да барам отштета за незаконското прислушување на моите телефонски броеви, ако штетата треба да ја плати државатa. Но, ако се утврди кој е налогодавачот на ова прислушување, ќе барам отштета и ќе ја донирам во хуманитарни цели. Тој што ги прислушувал разговорите можел информациите да ги даде на некоја конкурентска компанија“, рече Костов.

Сопственикот на Компанијата „Еуроактива”, Нухи Алиу, наведе дека претрпената штета е над 10 милиони евра.

„Во 2012 година бев дел од монтиран процес против мојата фирма, со намера да ми се наштети. Сомнежот произлезе од начинот на кој беше спроведена контролата, со хермелини и полицајци со автоматски пушки. Во СЈО за овој случај давав изјава три часа. Мојата штета е огромна и не може да се плати со пари“, рече Алиу.

Сведочеше и поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, кој посочи дека во периодот додека траело прислушувањето, од 2008 до 2015 година, работел во приватна фирма како консултант.

„Од вработени во УБК бев предупреден дека моите комуникации се следат, а и дека сум бил и физички следен, каде одам и со кого разговарам. Од 2009 година добив информации дека незаконски се барале и посебни истражни мерки против мене“, рече Богоевски.

Тој дополни дека незаконски следените комуникации биле искористени за да се монтира полициски случај против него и против неколку други лица.

„Незаконски бев во притвор осум месеци. И денес ги трпам последиците од одлуките на судот по наредба на Мијалков. Многу пресуди се правосилни како и мојата, но се базирани од нелегално прислушкувани разговори. Барам отштета за материјална штета од милион евра“, рече Богоевски.

И Снежана Јовановска-Трајковска, сопственик и основач на агенцијата „Орфеј”, посочи како сведок дека од 2008 до 2015 година била прислушувана и до СЈО поднела писмено барање за тоа.

„Знаев дека ме прислушкуваат бидејќи ми ги раскинуваа сите тендери. Пресметката беше институционална, против мене и брендот „Орфеј“. Барам отштета од три милиони евра“, рече таа.

Дека бил незаконски прислушувани и поради тоа поднеле барање од СЈО за увид, посочи и сведокот Ѓакуш Кабаши, вработен во канцеларијата на Совет на Европа во Скопје, кој рече дека добил одговор од СЈО оти телефонот му бил прислушкуван 1.267 дена.

„Барам отштета во овој предмет“ – нагласи сведокот Кабаши.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, сведок во постапката рече дека на негово барање, по објавените „бомби” поднел барање за информација дали неговите телефони и оние од адвокатската канцеларија се следени.

„Ги видов моите транскрипти во предметот ‘Ликвидација’. Се чувствувам оштетен и штетата ќе ја барам во граѓанска постапка“, нагласи Давидовиќ.

Оштетениот Влатко Стефановски од Скопје, вработен во приватна агенција за обезбедување како менаџер, исто така најави дека ќе бара отштета во граѓанска постапка поради прислушување на неговите телефонски разговори.

Поранешниот шеф на военото разузнавање, професорот Владимир Пивоваров, сега вработен во Владата на Македонија, рече дека СЈО потврдило дека му бил прислушкуван приватниот мобилен број.

„Отштета не барам од Буџетот на државата, туку од извршителите на ова кривично дело“, рече тој.

Судскиот процес за предметот „Таргет-Тврдина“ започна кон крајот на 2017 годин, во моментот го води судијката Џенета Бегтовиќ.

Обвинители се поранешните обвинители од згаснатото СЈО, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Ленче Ристеска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...