fbpx

Не е сеедно кој ја дава наградата

-

Некритичкиот однос на индивидуи, институции и невладини организации кон доделувањето разни награди поврзани со Руската Федерација, на што се надодава и посебно неаналитичкиот, па дури и дезинформациски пристап на медиумите при споделувањето на информациите за истите, може да има долготрајни и многу сериозни последици врз перцепцијата на граѓаните на руската агресија врз Украина, меѓутоа и многу погенерално, на вредносните системи кои се нудат од страна на ЕУ и од страна на режимот на Владимир Путин, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Според евиденцијата на агрегаторот  Time.mk, десетина портали ја пренеле веста дека писателот Венко Андоновски бил награден со „Златен витез“ на меѓународен книжевен форум во Русија. На пример порталот Република објавил:

 

Писателот Венко Андоновски ја доби највисоката награда за драматургија „Златен витез“ на тринаесеттиот меѓународен книжевен форум, кој од 2010-та се одржува во октомври во Русија. Награди на форумот се доделуваат за повеќе уметнички области, а годинава пристигнале 428 дела од 12 земји.

На прв поглед ова е многу позитивна вест. Имено, македонски писател добил престижна награда, се продлабочува културната соработка со голема држава како што е Руската Федерација и се промовира Северна Македонија на културен план пред широка публика како што е руската.

Ова е една од оние вести кои се пласираат во нашите медиуми без никакво објаснување или анализа, надвор од актуелниот момент и од глобалниот контекст и случувања (па дури и со дезинформативни забелешки). Зад навидум позитивната информација се крие пропаганден атак кој (во најмала рака) создава конфузија кај јавноста, а отвора простор за далекусежни негативни последици за развојот на демократијата, промоцијата на слободата и правата на граѓаните и европската ориентација на Северна Македонија.

Она што отсуствува во медиумите е истакнување на фактот дека наградата е доделена во време кога Руската Федерација е идентификувана како воен агресор од страна на сите членки на ЕУ, скоро сите европски држави и најголем број од светската јавност (што на крај резултира и со препознавање на Руската Федерација како држава – спонзор на тероризмот).

Дополнително, се игнорират заканите од Русија, од бомбардирање до црни списоци, како и информацијата дека во март оваа година Руската Федерација ја стави Република Северна Македонија на списокот на држави кои ги смета за „непријателски“.

Второ, од медиумите отсуствува каков било обид за профилирање на организацијата од страна на која е доделена оваа награда. Имено, станува збор за организација која во својата мисија истакнува дека има за цел да  ја спроведува политиката на државата (Руската Федерација):

Одржувањето на Форумот за словенски уметности „Златен витез“ е практично олицетворение на политиката на државата во областа на културата, која ги афирмира традиционалните, духовните и моралните вредности. Целта на проектот е да се консолидираат позитивните креативни сили на мајсторите на уметноста и културните дејци од земјите од словенскиот свет и сите региони на Руската Федерација.

Во својата изјава за сопствената мисија оваа организација истакнува дека го поддржува режимот на Владимир Путин, а тоа значи ја поддржува политиката на ограничување на основните права и слободи на граѓаните и поддржува секој облик на пропаганда кој е насочен кон промоција на овој вредносен систем.

Уште повеќе, на официјалната страна на оваа организација може да се види „Отворено писмо од филмските работници, учесници на ХХХI МКФ „ Zолотой Vитязь “ – против нацизмот“ до претседателот на руската федерација В.В. Путин (испратено на крајот од мај 2022 година).

Во писмото се дава поддршка на Путин да:

Ја продолжи судбоносната, планетарна мисија за денацификација, демилитаризација и борба со русофобијата во светот и да продолжи да работи на измените на Уредбата „За основите на државната културна политика.

Понатаму во писмото се вели:

Ништо нема да се смени ако Русија не стекне ДРЖАВНА ИДЕОЛОГИЈА, ако не се оттргне од идеологијата на попустливост што владее кај нас од почетокот на Перестројката, и функционерите ќе продолжат да делат грантови за антиисториски, антихристијански филмови и претстави: „Матилда“, „Танхаузер“, претстави кои промовираат истополова љубов меѓу учениците, русофобија и антипретседателски напади.

За на крајот да се упати отворен повик за цензура:

Либералите и „петтата колона“ се преплашени од зборовите „идеологија“ и „цензура“, иако овие зборови се преведени како „идеологија“ – наука за идеалот, „цензура“ – строга проценка, строга критика.

Да прифатиш награда доделена од институција која ја поддржува воената агресија на Руската Федерација врз Украина, значи лична поддршка на оваа агресија.

Да прифатиш награда доделена од ваква институција значи поддршка на вредностите кои ги застапува истата (ограничување на слободата на творештвото, мислата и изразувањето, државна цензура, ограничување на правата и слободите на луѓето, негирање на еднаквоста).

Тоа што во случајов станува збор за познат писател, за професор на најстариот универзитет во Македонија, за редовен колумнист во еден од реномираните медиуми „Нова Македонија“ и за актуелен промотор на значајни културни настани во Македонија, значи директно и моќно влијание во македонската јавност кое е спротивно не само на официјално искажаниот став за поддршка на Украина и осуда на воената агресија на Руската Федерација, туку е спротивно на основниот вредносен систем прифатен како основа во демократскиот развој на државата.

Влијанието се мултиплицира преку медиумите кои дури истакнуваат дека

Основач и претседател на Меѓународниот книжевен форум „Златен витез“ е Николаj Бурљаев, светски познат филмски артист кој, меѓу другото, ги играше главните улоги во филмовите „Иваново детство” и „Андреј Рубљов” на Андреј Тарковски и голем општествен деец.

Она што го нема во ниту еден од медиумите е податокот дека Николај Бурљаев е еден од интелектуалците кој уште во март 2014 година (во време на анексијата на Крим) го потпишал писмото со поддршка на претседателот на Руската Федерација, Путин за воена агресија во Украина, актуелен член на руската ДУМА и еден од тие кои се ставени на листата на ЕУ како лица кон кои се определуваат рестриктивни мерки.

И ова ни од далеку не е единствен пример од ваков вид. Во изминатата година може да се најдат повеќе медиумски стории за освоени награди, културни и спортски достигнувања, признанија кои  Руската Федерација им ги доделува на граѓани на Северна Македонија.

Уште еден професор се „закити“ со руска награда во изминатата година (во екот на воената агресија на Руската Федерација врз Украина). Посебно паѓа во очи дека наградата му е доделена во рамките на прославата на „Денот на народното единство“ кој, според руските медиуми „ќе се одвива врз фонот на специјалната воена операција“.

 

Професорот Трајче Стојанов добитник на наградата именувана по Достоевски

На 5 ноември 2022  година на Фејсбук-профилот на Амбасадата на Руската Федерација во Скопје беше објавено следното соопштение, кое истиот ден беше пренесено од порталот Антропол:

Во рамките на приемот по повод Денот на народното единство Амбасадорот на Русија, Сергеј Баздникин му врачи спомен-медал од Министерството за култура на Русија „Големиот руски писател Фjодор Михајлович Достоевски 1821 – 2021 година“ на професорот на Универзитетот Гоце Делчев Трајче Стојанов – авторот на бројни научни трудови и публикации кои ја откриваат филозофската компонента на делата на еден од столбовите на светската класична литература. Како што нагласи Амбасадорот, оваа награда е заслужена оценка за придонесот на професорот Стојанов за зачувување и популаризација на наследството на големиот руски писател Фjодор Достоевски.

Истиот тој професор во март 2022 година на јавноста ѝ понуди објаснување/оправдување за делувањето на Путин

Токму од тие причини, Путин често се повикува на падот на СССР како на најголемата „геополитичка катастрофа“ на 20 век! Тоа во извесна варијанта го спомена и во последниот свој говор, непосредно пред нападот на Украина. Затоа што со падот на СССР и со нерационалната политика на тогашното раководство, Русија ја загуби стратегиската предност да ја брани својата земја, преку губење на балтичките земји и Украина. Со тоа, огромната руска територија, на која единствено може да ѝ се пријде од нејзиниот „хартленд“, останува небранета! Путин сака да ја исправи, колку што може, таа „историска грешка“ и „геополитичка катастрофа“! Затоа, Украина за него е „да се биде или не“!… Единствената „порта“ што зјае силно отворена кон „срцето на Русија“ е преку Украина! Во геополитичка смисла, тоа е суштината на настаните!

Токму овој вид „објаснувања“ на агресијата врз Украина ја разводнуваат перцепцијата на Русија како агресор и го создаваат привидот на споделена вина како основа за иден компромис.

И ни ова не е единствен случај од ваков или сличен карактер.

 

„Фантомско стапало“ на Блаже Миневски објавен на руски јазик во Москва

Во истиот овој период, во медиумите се појави информацијата за тоа дека:

Романот  „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски излезе на руски јазик во Москва. Преводот од македонски на руски за книгоиздателството „Рудомино“ е на Олга Панкина, темелен познавач на двата јазика и голем популаризатор на македонските културни вредности во Русија.

И повторно, не е проблемот што дело на наш писател е преведено на руски јазик. Впрочем Олга Панкина има преведено повеќе дела на македонски писатели на руски. Меѓутоа проблемот е во тоа што е ова промовирано како културно достигнување поддржано од страна на Руската Федерација во екот на руската агресија врз Украина и во период кога УНЕСКО ги брои културните споменици и библиотеки уништени од страна на руските агресори во Украина.

Контрадикторноста на овие настани, можноста за замаглување на она што се случува во Украина и обидот за балансирање на уништувањето на културното наследство на една држава со промоција на културата на друга, се елементи кои не се опфатени во ниту еден од медиумите кои го афирмираат преводот. И повторно, станува збор за виден член на уметничката заедница на Македонија, кој со својата работа и своето присуство во јавноста има големо влијание врз обликувањето на јавното мнение и на генералните перцепции на јавноста.

 

Не мрда од Русија – Сара Ристовска и следната сезона во ЦСКА Москва

Во истиот период, медиумите го промовираат и настапот на македонската репрезентативка Сара Ристовска која според информациите:

Со успех го носи дресот на ЦСКА Москва, а очекува така да биде и во иднина. Таа го продолжи договорот со вицепрвакот на Русија и за следната сезона и ќе остане во Москва најмалку уште една година.

Ристовска и ЦСКА Москва редат победи во Русија. ЦСКА со перфектни пет од пет се наоѓа на врвот на табелата, односно го дели првото место со Ростов и Звенигород.

Повторно, медиумите не гледаат потреба ниту оваа сторија да ја стават во контекст на актуелните случувања, да ја анализираат низ призма на можното влијание кое го има врз јавноста и посебно од аспект на вредносниот систем кој се промовира во државата. Ова се случува во периодот кога: “На состанокот на 18 клубови кои се натпреваруваат во Евролигата, по повод конфликтот меѓу Русија и Украина, меѓу другото е одлучено да се да се одложи натпреварот помеѓу ЦСКА и Барселона, кој беше закажан за недела, 27 февруари.“

Уште повеќе:

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) објави дека сите меѓународни спортски федерации треба или да ги откажат или да ги преместат сите спортски настани кои треба да се одржат во Русија или Белорусија, поради руската инвазија на Украина.

Во истиот овој период многу други спортисти ја напуштаат Русија (спремни сами да ја поднесат штетата која треба да ја платат за еден ваков чин)  или се осудени од спортската јавност заради прикриената поддршка или неутралниот став кон агресијата. И секако, ова се случува во период кога Украина ги објавува имињата на загинатите украински спортисти.

 

Се релативизира улогата на значаен дел од интелектуалната и културната јавност

Во моментот кога се одвива интензивно бомбардирање на Украина од страна на Руската Федерација и кога со овие акции е загрозен животот на милиони луѓе во Украина може да се постави прашањето и за одржувањето на традиционално воспоставени релации или настани на кои учествуваат претставници од Русија.

Еден од овие настани е меѓународниот славистички научен собир во организација на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој е одржан на крајот на септември 2022 година. На овој собир видливо доминираат претставници од руските универзитети и видливо е дека од самиот собир не е упатена ниту симболична порака која се однесува на агресијата на Русија врз Украина и на осуда на оваа агресија (наспроти фактот дека на овој собир присуствуваат и претставници од Русија кои отворено се спротивставиле на воената агресија врз Украина).

Слична е ситуацијата и со Фејсбук страницата на Македонско-Руската стопанска комора на која се пренесуваат информации за движењата на стопанството во Русија. На интернет страницата на оваа комора дури се дадени и анализи во кои се истакнува дека:

Македонско-руската стопанска комора имаше значајни и блиски контакти со Стопанската комора на Руската Федерација, со коморите во одредени внатрешни региони, се работи за долго негувани врски кои сега ќе стивнат. За нивна ревитализација ќе треба долго време и многу напори.

Дури се истакнуваат и позитивни трендови во односите со Русија:

Веќе со месеци продолжува да се одржува високата вредност на размената меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација.  До крајот на јули таа е за два ипол пати поголема отколку во истиот период од минатата година. Во овој период Русија е тринаесетти трговски партнер на земјава, пред, на пример, Словенија, Холандија, Чешката Република, САД… За седум месеци од годинава вкупната размена меѓу двете земји достигна сума од 245,8 милиони САД долари (лани во истиот период 99,5 милиони САД долари), што е пораст од дури 247,2 отсто.

Поддршката која Русија „ја дава“ на Македонија се лоцира на различни места. Во медиумите беше пласирана информацијата дека Русија го поддржува „Отворен Балкан“:

Очигледно, лидерите на Брисел не сакаа да ја потврдат позицијата на Русија за Косово и БиХ, да изразат поддршка за иницијативата на Белград за Отворен Балкан и да разговараат за интересите за подобрување на односите меѓу земјите од регионот.

Ова може да се стави и во контекст на анализите направени во врска со можноста за влијание на Русија преку оваа структура и во контекст на неодамнешните резерви кои ги искажа ЕУ кон оваа иницијатива.

Овој и ваков вид активности поврзани со Руската Федерација, како од страна на наши индивидуи така и на наши институции, но и невладини организации, на што се надодава и посебно некритичкиот и неаналитички пристап на медиумите, или дури и нивниот дезинформациски пристап, при споделувањето на информациите за истите, може да има долготрајни и многу сериозни последици врз перцепцијата на граѓаните на руската агресија врз Украина, меѓутоа и многу погенерално, на вредносните системи кои се нудат од страна на ЕУ и од страна на Русија (режимот на Владимир Путин).

Како прво, со овој вид активности (посебно на познати личности во Македонија) се создаваат елементи кои ќе бидат вградени во историското помнење на овој период и делувањето на Руската Федерација кои го оттргнуваат вниманието од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Токму овие и вакви активности може во иднина да бидат искористени за проблематизирање на поимот агресија, за двосмислено толкување на случувањата (на ниво како што е одрекувањето на постоењето на Холокаустот, или пак, одрекување на окупацискиот карактер на присуството на бугарската војска на просторот на Македонија во време на Втората светска војна). Тие ја менуваат генералната перцепција врз целокупната ситуација и го поместуваат вниманието од актуелната многу хомогена и недвосмислена осуда на оваа агресија од страна на сите демократски држави.

Второ, на ваков начин се релативизира улогата на значаен дел од интелектуалната и културната јавност во Русија во опстојувањето на режимот на Владимир Путин кој ја изведува агресијата. Секоја добиена награда и секое учество во културни, спортски и научни активности од страна на организации кои јавно ја поддржуваат политиката на агресија на Владимир Путин или во рамките на кои не се осудува оваа агресија, претставува облик на поддршка на овој режим и со тоа поддршка на вредносен систем кој е спротивен на концептот за човековите права, односно вредносниот систем кој наводно се почитува и практикува во Македонија.

Третата последица е воспоставување привид на нормалност. Со прикажувањето на активности карактеристични за вообичаени и нормални односи меѓу државите, се гради привид на ситуација во која се е исто како порано, а агресијата врз Украина е некој страничен (многу парцијален и без поголемо влијание) елемент кој нема врска со односите со Руската Федерација. Привидно се раздвојуваат „нормалните“ односи и релации од една „странична“ активност која не ги „засега“ овие односи и релации.

Четврта, кумулативна последица која произлегува од севкупниот збир активности и медиумско претставување на овие активности, е создавање услови за прифаќање на агресијата врз Украина како нешто за кое треба да се полемизира, за кое има оправдувања и објаснувања. Кај јавноста се гради привид на рамноправност/споделеност на вината за „непосакуваната“ ситуација кај двете страни и можност за поделеност на мислењата со еднаква тежина на аргументите во услови кога не само што ЕУ ја прогласи Русија за закана за Европа и за светскиот мир туку и самата Русија официјално ја прогласи нашата земја за непријателска.

Петто, на јавноста ѝ се одземаат средства и можности за осуда на агресијата, ѝ се одземаат алатките и можноста за поддршка на интелектуалците и уметниците во Руската Федерација кои се спротивставуваат на агресијата, и, се дефокусира вниманието од актуелните случувања на големи нарушувања на човековите права и основни слободи, на разрушување на културното наследство на Украина од огромни размери, на уништување на една држава со далекусежни последици врз развојот на целиот континент и пошироко.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за правна држава и човекови права

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...