Евакуирани основци и средношколци во Кавадарци заради нови дојави за бомби

Фото: Фан страница на Фејсбук на Гимназија „Добри Даскалов“

Нови дојави за поставени бомби, овојпат во училишта во Кавадарци денеска стасале на нивните електронски адреси. Се работи за две училишта за средно образование и три за основно – „Тоде Хаџи Тефов“ и подрачно училиште во село Бегниште, „Димката Ангелов Габерот“ и подрачното училиште во село Сопот, потоа, „Страшо Пинџур“ и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, гимназијата „Добри Даскалов“, „Ѓорче Петров“ и „Ќиро Спанџов Брко“.

„Денеска околу 7 часот наутро во полициска станица во Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта (две средни и три основни) во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајите“, информираа во МВР.

Домаќинот во училиштето „Добри Даскалов“ за Мета.мк кусо соопшти дека училишната зграда е празна и дека тимови на МВР во моментов спроведуваат истрага. Во ова училиште се учи само во прва смена.

За дојавите објави и градоначалникот Митко Јанчев на својот профил на Фејсбук, а во објавата стои дека освен училиштата, во село Марена евакуирана е и градинката, заради непосредната близина на подрачното училиште.

„Се замолуваат родителите дека нема потреба од паника, а учениците ќе бидат вратени на настава, откако екипите ќе ги прегледаат објектите и кога ќе се утврди дека истите се безбедни“, напиша тој.

Последен пат дојави за поставена бомба имаше пред три дена во Крива Паланка. Тоа беше прв случај кога ваква дојава доби училиште во друг град.

На 1 декември, пак, освен во две основни училишта („Кочо Рацин“ и „Петар Поп Арсов“), имаше дојава за бомба и во осум училишта за средно образование во Скопје, која беше деветта по ред. Претходно, на 16 ноември, испраќачот на лажната дојава бараше поткуп. Во еден од претходните случаи, пак, испраќачот прикачил и вознемирувачка фотографија со бомби на неа, која беше преземена од Интернет.

Првата лажна дојава за поставен експлозив се случи на 26 октомври и тогаш таа испразни пет скопски гимназии. Засега МВР не соопштува детали од истрагата, а министерот Оливер Спасовски пред три дена, во врска со дојавите за бомби, рече дека приоритет треба да ѝ се даде на истрагата. Прашањето според него е, дали овие хибридни закани доаѓаат од еден или од повеќе центри.

„Веќе многу е распространето не само кај нас, туку и во соседството. Сега имаше дојави и во други држави на ЕУ и сето тоа се зголеми после руската инвазија на Украина“, изјави Спасовски, посочувајќи дека има осомничени.