Фото: Мета.мк

Дали филмот „Умреа ненадејно“ покажува и докажува дека вакцините за ковид-19 предизвикуваат ненадејна смрт? Одговорот е НЕ. Филмот рециклира претходно разоткриени тврдења дека вакцината е смртоносна или опасна за просечниот човек што ја прима. Повеќе од 5,45 милијарди луѓе се вакцинирани ширум светот, а експертите за јавно здравје препорачуваат имунизација против вирусот, велејќи дека е безбедна и ефикасна. Потпирајќи се на клиничките испитувања за безбедност и последователните истражувања, тие тврдат дека е реткост вакцините против ковид да предизвикаат смрт или хоспитализација,, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пост на Фејсбук тврди дека вакцините против ковид-19 се причина за таканаречен феномен на „необјаснива огромна смртност кај младите луѓе во изминативе петнаесетина месеци“. Тврдењата во постот се повикуваат на документарниот филм „Died Suddenly“ (Умреа ненадејно) објавен на 21 ноември.

Во објавата се вели:

Документарец за т.н.р феномен на необјаснива огромна смртност кај младите луѓе во изминативе 15-на месеци. (Од почетокот на масовното инјектирање на луѓето со нова неиспитана течност наречена вакцина). Во документарецов  презентирани се неспорни факти… Пред  2 недели, ФАЈЗЕР официјално објави дека тие знаеле дека (т.н.р) вакцини не спречувале трансмисија на вирус ниту пак биле тестиранио за безбедност и ефикасност.

Тогаш зошто вакцините беа и сеуште се во употреба ? Одговор во документарецот.

Дали филмот „Умреа ненадејно“ покажува и докажува дека вакцините за ковид-19 предизвикуваат ненадејна смрт? Одговорот е не. Филмот рециклира претходно разоткриени тврдења дека вакцината е смртоносна или опасна за просечниот човек што ја прима.

Повеќе од 5,45 милијарди луѓе се вакцинирани ширум светот, а експертите за јавно здравје препорачуваат имунизација против вирусот, тврдејќи дека вакцината е безбедна и ефикасна. Потпирајќи се на клиничките испитувања за безбедност и последователните истражувања, тие тврдат дека е реткост вакцините против ковид да предизвикаат смрт или хоспитализација.

Студијата за математичко моделирање објавена во „Лансет заразни болести“ во јуни 2022 година, покажува дека вакцините против ковид-19 спасиле речиси 20 милиони животи ширум светот во текот на првата година, кога беа пуштени во употреба.

И ова се темели на факти и на медицински докази кои имаат своја тежина, нешто што го нема во филмот, кој не нуди никакви докази и медицински факти, туку само претпоставки.

 

Вакцините не предизвикуваат згрутчување на крвта

Уште на самиот почеток на филмот се појавува човек кој вели дека забележал промена во крвта кај сите вакцинирани лица. И самиот претпоставил дека за тоа можеби била виновна вакцината против ковид. Претпоставка и доказ поткрепен со факти не е исто.

Филмот покажува фотографии од она што изгледа како згрутчување на крвта, но никогаш не го потврдува нивното вистинско потекло. Да се сугерира дека тие се предизвикани од вакцините за ковид-19, како што тоа се прави во филмот, би било исто како да се прикажуваат слики од луѓе со лоша фризура, а потоа да се тврди дека вакцините ги предизвикале таквите фризури, пишува Форбс.

Во филмот, се појавува една личност, со заматен лик и со преправен глас, која вели:

Како канадски балсаматор, открив дека секој што сум го балсамирал повеќе од една година имал згрутчување на влакнести маси.

Сепак, не можете да откриете која е таа личност, бидејќи да се каже „канадски балсаматор“ не е исто како да се каже нешто како „милијардерот кој го купил Твитер“.

Оваа теорија на заговор дека вакцината против ковид предизвикува промени во крвта, односно згрутчување наа крвта, не е ништо ново и Вистиномер досега многупати има пишувано на оваа тема.

Нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта.

Вакви случаи на редок несакан ефект наречен тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТЅЅ), беа пријавени во неколку земји на почетокот на процесот на имунизација против ковид-19 и истите беа поврзувани со вакцината на „АстраЗенека“. Европската агенција за лекови тогаш објави:

Само 22 случаи на тромбоза се пријавени меѓу повеќе од три милиони луѓе вакцинирани во зоната што ги вклучува ЕУ, Норвешка и Исланд.

И Светската здравствена организација (СЗО) официјално соопшти дека нема потврда дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта.

Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината на „Астразенека“, нема причина да ја суспендираме, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на прес-конференција во Женева.

На веб-страницата на СЗО во врска со ковид вакцините пишува:

Вакцините против ковид-19 создаваат заштита од болеста, преку развивање на имунолошки одговор на вирусот САРС-Ков-2. Развивање имунитет преку вакцинација значи намален ризик за развој на болеста и нејзините последици. Овој имунитет ви помага да се борите против вирусот доколку се изложите. Вакцинирањето, исто така, ги заштитува луѓето околу вас.

Што се однесува до вакцината на „Фајзер“, не постојат медицински докази дека таа ја оштетува крвта. Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека таа не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина.

Портпаролот на Фајзер за странски проверувачи на факти, на прашањето дали вакцината против ковид-19 на производителот Фајзер создава згрутчување на крвта, на 4 ноември 2021 година одговара дека нема докази за да се сугерира таквото тврдење.

Д-р Валтер Оренштајн, професор на Одделот за заразни болести на Факултетот за медицина на Универзитетот Емори и вонреден директор на Центарот за вакцини „Емори“ вели дека не е запознаен со какви било информации објавени во медицинската литература за проблеми со коагулацијата по примање на мРНК вакцините, пренесува „Политифакт“.

Д-р Шрути Гохил, професор по заразни болести на Mедицинскиот факултет на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, во изјава за „Политифакт“ истакнува дека „тромбоцитите и другите фактори на коагулација се природно во нашата крв за да ни помогнат да го запреме крварењето кога ќе се повредиме, така што крвта природно се згрутчува многу лесно, освен ако не правите нешто за да не се згрутчи“.

Создавањето тромбови не е на листата на сериозни несакани дејства од вакцината на Фајзер, на страницата на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ). ФДА и ЦДЦ се одговорни за долготрајни набљудувања на несакани реакции од ковид вакцините.

 

Синдромот „ненадејна смрт“ не е поврзан со вакцинацијата против ковид

Филмот на почетокот, исто така, ја поставува премисата дека луѓето ширум земјата умираат од „преголеми и необјасниви“ причини. Потоа на гледачите им нуди наплив од слики, од Биг Фут до Џефри Епстајн, НЛО, преку смртта на убиецот на Џон Ф. Кенеди, Ли Харви Освалд, додека сè уште е во полициски притвор. Филмот, исто така, прави контраст на Елвис Присли, кој се вакцинира против детска парализа во 1956 година, со Џо Бајден и д-р Ентони Фаучи кои ги добиваат своите вакцини за ковид во декември 2020 година.

Сите, без разлика дали се вистински или измислени, се опкружени со контроверзии или теории на заговор, оценува Лид сторис во својата анализа на овој филм.

Понатаму, филмот прикажува наслови и приказни за луѓе кои умираат ненадејно, но не нуди конкретни научни докази кои би ги поврзале вакцините за ковид-19 со сите овие ненадејни смртни случаи. Во суштина само вели: „Погледнете ги сите овие ненадејни смртни случаи во текот на изминатите неколку години, а луѓето, генерално, добивале вакцини против ковид-19“.

Вистиномер ја има дебанкирано и оваа теорија на заговор.

Синдромот на ненадејна смрт на возрасни, исто така познат како САДС (SADS), се јавува кога лице помладо од 40 години доживува ненадејна смрт без позната причина по обдукција и токсиколошки скрин (тест за лекови), пишува „Хелт деск“.

Се смета дека нјачесто, САДС се јавува кога срцето развива абнормален ритам, инаку познат како аритмија. Ова обично може да предизвика срцето да чука со неправилен ритам кој е премногу брз или премногу бавен. Ако аритмијата не се дијагностицира и лекува, може да доведе до срцев удар.

Повеќето научници мислат дека САДС е предизвикана од срцева состојба што го попречува  електричниот систем на срцето. САДС не е исто што и срцев удар (исто така наречен миокарден инфаркт) бидејќи не е предизвикан од блокада, туку од аритмија.

„Ненадејни и неочекувани смртни случаи за време на спиење на млади возрасни“ за првпат биле забележани во медицинската литература во 1917 година. Сепак, многу е веројатно дека ова се случувало кај возрасните со векови.

Најголемите фактори на ризик за САДС се претходно доживеан срцев удар или коронарна срцева болест, со оглед на тоа дека 75 отсто и 80 отсто од случаите на САДС се поврзани со овие состојби.

Вакцините против ковид не се поврзани со ненадејна смрт кај возрасни или деца, воопшто. Миокардитисот, воспаление на срцевиот мускул, е поврзан во исклучително ретки случаи по вакцинација, но срцевите проблеми по заболувањето со ковид-19 се чести, сметаат од  универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД.

Инциденцата на ковид-19 во заедниците е тесно поврзана со поголем број на инциденца на ненадеен срцев удар и пониски стапки на преживување. Всушност, Фондацијата за синдром на ненадејна аритмија им препорачува на сите пациенти со SADS да добијат вакцина против ковид-19.

Доктор Мајкл Џ. Акерман, професор на Клиничкиот колеџ на Мајо Клиниката вели дека две години откако е почната пандемијата со коронавирусот, нема индикација дека најголемата вакцинална програма во светот предизвикала раст на смртноста од овие состојби (САДС).

И според системот за набљудување и следење несакани ефекти од вакцината во САД, ВАЕРС, САДС не е пријавен како несакана реакција од вакцината.

 

Кој стои зад филмот?

Општо земено, филмот е збир од клипови и интервјуа неретко извадени од контекст и спакувани во една теорија на заговор. Многу анонимни профили на Твитер го промовираа овој филм, слично како што филмовите против вакцинација Vaxxed и Plandemic, пишува Форбс.

Твитер профилот @DiedSuddenly го промовираше овој филм доста агресивно. Кој точно го води овој профил? Тој е придружен со сина ознака за проверка, што мора да значи дека Твитер ја потврдил како легитимна сметка, или, пак, сопственикот на сметката едноставно имал резервни 8 долари за плаќање на Твитер.

Филмот и неговите промотивни материјали навистина укажуваат дека зад филмот стои Стју Питерс. Дали Питерс е медицински експерт или некој вид научник? Не, тој беше ловец на награди пред да стане водител на радио шоу. Тој исто така беше личноста која рече дека директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести (НИАИД), доктор Ентони Фаучи, „треба да виси некаде на јамка“, за време на Првата конференција за политичко дејствување во Америка во 2022 година.

Иако вакцините против ковид-19 не се совршени и научната заедница и научните новинари известуваа за ретки несакани ефекти кога се појавија, нема вистински докази дека тие се користат како „воено био-оружје“ за депопулација. Со други зборови, не очекувајте одеднаш да видите многу наука во филмот „Умреа ненадејно“, заклучува Форбс во својата анализа на овој контроверезен наводно научен филм.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека филмот и тврдењата изнесени во него се медицински недокажани и научно неосновани. Вакцините против ковид не предизвикуваат згрутчување на крвта ниту пак имаат некаква врска со синдромот на ненадејна смрт. Според тоа, постот кој го анализираме го оценуваме како невистинит.