Се смирува грчката вознемиреност дека Македонија може да добие покана за членство во НАТО на јулскиот самит на Алијансата во Варшава. Весникот „Катимерини“ пренесува дека грчкиот премиер Алексис Ципрас добил уверување од меѓународните партнери дека во јули на новиот самит нема воопшто да се разговара на темата за членството на Македонија во НАТО.

Причината за тоа Македонија и оваа година да помине без покана се смета дека е внатрешната криза во државата, односно неможноста за демократско функционирање на институциите, како и фактот што НАТО има посериозни проблеми, како ситуацијата во Егејско Море меѓу Грција и Турција и контролирањето на бегалскиот бран.

Во Грција речиси една година медиумите и политичарите предупредуваа дека постои реална можност Македонија да добие покана за членство во НАТО и за ова да се изврши голем притисок врз Грција, односно да се отфрлат целосно грчките црвени линии и барањето да се најде решение за спорот за името.

„Според дипломатски извори, многумина во ЕУ очекуваа големото внимание што европските држави го покажаа кон Скопје да помогне во работата на институциите и да се нормализира внатрешната ситуација во државата. Меѓутоа, очекувањата повторно пропаднаа. Пропаднаа и очекувањата на Скопје дека ќе се извлече корист од затворањето на границата со Грција за бегалците и сега остануваат заглавени во нивните избори“, пишува Катимерини.

На фактот дека Македонија сè уште треба да чека за влез во Алијансата поради спорот со Грција посочи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за грчката телевизија „Скај“.

„Целото прашање дали поранешната југословенска република Македонија ќе се приклучи во НАТО е тема за која имаме зборувано повеќепати и во 2008 година одлучивме дека прашањето за името мора да се реши. Прашањето сè уште не е решено и поради тоа главната пречка за ПЈРМ да се приклучи кон НАТО сè уште постои“, истакна Столтенберг.