Грција парализирана од генерален штрајк


Атина, 17 мај, 2017 - 9:55 (META) 

Грција денеска е парализирана од работнички штрајкови против новите мерки договорени меѓу владата и меѓународните кредитори. По повикот на трите најголеми работнички синдикати ГСЕЕ, АДЕДИ и ПАМЕ, грчката јавна администрација заедно со дел од приватниот сектор денеска ги блокира улиците на Атина за да го изрази своето незадоволство од продолжувањето на строгата политика на штедење на грчката влада.

Поради 24-часовниот штрајк, во Грција нема да работи ниту еден државен службеник, државата ќе биде без јавен превоз, банките ќе бидат затворени, а на улиците ќе бидат и грчките пензионери, кои се незадоволни од новите мерки со кои има дополнително намалување на пензиите. Болниците ќе работат само со итни случаи бидејќи кон штрајкот се приклучуваат и медицинските лица, дел од летовите ќе бидат блокирани поради неколкучасовниот прекин на работа на контролорите за летање, а државата ќе биде и без морскиот превоз поради штрајкот кој трае од вторник до петок.

Штрајкувачите реагираат дека владата се подготвува да гласа за мерките што ќе донесат четврти меморандум за штедење, со кој ќе се зададе дополнителен удар на народот, работниците и на финансиската стабилност. Синдикатот на пензионерите, пак, реагира дека со новата мерка за намалување на пензиите до 50 милијарди евра, дел од пензионерите ќе изгубат и до 65 отсто од својата пензија.

Кон штрајкот се приклучува и Асоцијацијата на трговци на Грција, кои реагираат против одлуката за отворање на продавниците во недела, но и општо против проблемите со кои се соочуваат малите и средните трговци и претприемачи, како зголемениот ДДВ и намалувањето на работата поради намалената финансиска моќ на потрошувачите.


Напредок во преговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори


Атина, 7 април, 2017 - 11:14 (META) 

Грција и европските министри за финансии успеаја да постигнат напредок во разговорите за реформите што треба да ги спроведе грчката влада заради исплаќање на следната рата од грчкиот кредит. Според информациите во Грција, со постигнатиот напредок и со прелиминарен договор е договорено во Атина да се вратат претставниците на европските кредитори пред Велигден за да се довршат разговорите и да се комплетира договорот.

Претседателот на еврогрупата, Јерун Дајселблум, изјави дека е постигнат напредок, но денеска на состанокот нема да има никаков договор.

„Постигнат е напредок, но нема да има целосен политички договор за Грција денеска“, истакна Дајселблум пред почетокот на состанокот на еврогрупата.

Неделава преговорите меѓу Грција и кредиторите беа заострени поради барањето на ММФ новите мерки да се спроведат една година порано, односно во 2018 година наместо во 2019 г.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека доколку не се постигне напредок на денешниот состанок на еврогрупата, ќе бара свикување на Советот на ЕУ за да се најде решение на ниво на европските лидери.

Постигнатиот напредок е сигнал дека најверојатно нема да има потреба од ваков состанок и Грција и кредиторите ќе успеат да се договорат за затворање на вториот дел од извештајот со кој се оценуваат спроведените реформи договорени со пакетот мерки за штедење меѓу Атина и Брисел.


Европските кредитори бараат и грчката опозиција да ги поддржи идните мерки


Aтина, 22 март, 2017 - 13:22 (META) 

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, бара гаранции и од грчката опозиција дека ќе се поддржат и ќе се спроведат договорените мерки за 2019 година. Оваа одлука на Шојбле предизвика нова сопка во разговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори.

Грчката влада под притисок на кредиторите прифати да се гласаат и да се спроведат нови мерки што би се спровеле од 2019 година, односно откако ќе истече актуелниот пакет мерки. Одлуката да се прифатат овие мерки наиде на големи реакции и кај народот и кај опозициските партии, бидејќи се смета за продолжување на строгата политика на штедење.

Како што пренесуваат грчките медиуми, германскиот министер предложил грчката опозиција да гарантира дека ќе се поддржат и ќе се имплементираат идните мерки, а истото се очекува во одреден момент да го побара и ММФ.

Најголемата опозициска партија, Нова демократија, отворено остро одби да ги поддржи идните мерки.

„Нова демократија зазема позиција за мерките: нема да гласа за нив. Владата треба да одлучи за она што се случува заткулисно и да објасни зошто бара поддршка од странство за да се изгласаат мерките кои поради неспособноста на Ципрас, се бара да бидат усвоени од државата. Можеби Ципрас не се чувствува удобно со неговото владино мнозинство. Ние нема да му ја олесниме работата“, велат преку соопштение од Нова демократија.

Извори од грчката влада коментираат дека СИРИЗА го има парламентарното мнозинство и според грчкиот устав, нема потреба кредиторите да се мешаат во внатрешните работи на државата.

Во меѓувреме, грчкиот министер за финансии во Брисел се бори за постигнување договор со кредиторите за затворање на втората проценка и за добивање зелено светло за исплаќање на нова рата од грчкиот кредит.


Ципрас бара кредиторите да престанат со притисоците за нови мерки за штедење


Брисел, 16 декември, 2016 - 12:26 (META) 

Јасна порака дека нема простор за уцени или каприци кон Грција испрати грчкиот премиер Алексис Ципрас кон европските кредитори и ММФ од Брисел по завршувањето на самитот на Европската Унија. Грчката оценка е дека самитот генерално поминал позитивно за Грција, но сите погледи сега се свртени на денешната средба на Ципрас во Берлин со германската канцеларка Ангела Меркел.

Ципрас се очекува пред Меркел да го отвори прашањето за европските реакции на неговиот предлог за мерки за олеснување на грчкиот народ, како божиќниот бонус за пензионерите и задржување на понизок ДДВ за островите погодени од кризата. Европските кредитори реагираат против овие мерки на Ципрас и се заканија со одложување на мерките за олеснување на грчкиот долг.

Ципрас на оваа тема говореше и на прес-конференцијата по самитот на ЕУ вчера во Брисел и истакна дека е неприфатливо од моментот кога Грција ги исполнува договорените обврски, европските кредитори повторно да сакаат да ѝ стават сопка и на државата и на народот. Грчкиот премиер, обраќајќи се на ММФ, забележа дека е невозможно барањето на фондот за Грција повторно од 2019 да воведе нови мерки за штедење.


Ципрас им фрли ракавица на кредиторите и на опозицијата со гласањето за новогодишен бонус


Атина, 15 декември, 2016 - 9:42 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас отвори нова мини „војна“ со странските кредитори и со грчката опозиција, ставајќи го неговиот предлог за „новогодишно пакетче“ за пензионерите и за островите на гласање во парламентот.

Гласањето ќе биде со прозивка по име и презиме на секој пратеник за и народот отворено да види дали опозицијата ги поддржува мерките со кои 1,6 милиони пензионери со ниска пензија ќе добијат новогодишен бонус од вкупно 617 милиони евра, а островите кои се погодени од бегалската криза ќе го задржат пониското ДДВ сè додека траат проблемите со бегалците.

Стратегискиот чекор на Ципрас за вакво отворено гласање за овие новогодишни „подароци“ на грчката влада кои доаѓаат во екот на мерките за штедење и на кратење на пензиите, дојде по одлуката на членовите на еврозоната да ги одложат мерките за олеснување на грчкиот долг поради бонусите кои ги најави грчката влада.

Одлуката на Ципрас со која се бара поддршка од сите партии во грчкиот парламент за мерки кои ќе му ја олеснат финансиската состојба на грчкиот народ и истовремено се отпор на притисокот на кредиторите, делумно потсетува на неговата драматична одлука за референдум за мерките кои ги предложија европските кредитори пред две години, референдум кој ја турна Грција во голема финансиска неизвесност.

Отворениот став на грчката влада е дека кредиторите треба да разберат дека грчкиот народ со години прави жртви и да ги почитуваат напорите на грчката страна, но и дека опозицијата треба да престане да ги поддржува кредиторите и постојано да биде на нивна страна наместо на страна на народот.

Гласањето е закажано за денеска попладне и реално претставува проблем за грчките опозициски партии, кои, од една страна, реагираат против строгите мерки за штедење и ветуваат подобри финансиски услови за народот, но, од друга страна, се противат на каква било идеја која би ја турнала Грција кон нова финансиска бездна и неизвесност, како пред две години.

Опозициските партии коментираат дека станува збор за политичка игра на Ципрас, но под знак прашалник е како ќе се изјаснат на јавното гласање со име и презиме за „новогодишните пакетчиња“ на грчката влада.


Народна банка: Девизните резерви се намалија поради раздолжувањето


Скопје, 9 декември, 2016 - 14:41 (META) 

Намалувањето на девизните резерви во најголем дел е резултат на раздолжувањето на Македонија кон меѓународните кредитори и намалување на севкупниот долг на Македонија, нешто што веќе беше најавено и од Министерството за финансии, се вели во соопштението на Народна банка во врска со намалување на девизните резерви за 177 милиони евра во ноември во однос на претходниот месец.

– Дополнително, беа вратени достасани девизни депозити на домашните деловни банки пласирани во Народната банка во периодот од мај 2016 година наваму. Станува збор за планирани активности, при што девизните резерви остануваат на солидно високо ниво од повеќе од 2,55 милијарди евра или 349 милиони евра повеќе од состојбата пред една година – се додава во соопштението на Народна банка.


Синдикатите и јавниот сектор во Грција денеска излегуваат на 24-часовен генерален штрајк


Атина, 8 декември, 2016 - 9:46 (META) 

Грција денеска ќе биде парализирана од генерален 24-часовен штрајк на работничките синдикати и на јавната администрација. Илјадници членови на синдикатите се очекува да излезат на масовниот протест во центарот на Атина, за да го изразат своето незадоволство од владините мерки кои влијаат на социјалните и на финансиските можности на граѓаните на Грција.

„Повикуваме на протест како реакција на континуираната политика на казнено штедење, сиромаштија и целосно истоштување на народот. Проблемите и предизвиците со кои се соочуваат вработените се многу и постојани и уште еднаш се наоѓаме соочени со нелогичните барања на кредиторите. Реагираме против секакво размислување кое има цел да ја зголеми невработеноста, да ја укине социјалната правда и безбедност“, се вели во соопштението на работничкиот синдикат – ГСЕЕ, со кое се повикува на штрајк.

На протестот му се приклучува и целиот државен сектор, поради што нема да работат болниците, бидејќи докторите и медицинскиот персонал штрајкуваат против мерките во здравството, а прекини во работата ќе има и во јавниот превоз.

Целосно парализиран ќе биде морскиот сообраќај и нема да сообраќа ниту еден патнички брод. Кон штрајкот се приклучува и дел од приватниот сектор, односно вработените во банките.


Европските кредитори бараат нови построги мерки за штедење од Грција


Атина, 1 декември, 2016 - 9:58 (META) 

Грција ја очекуваат нови отпуштања во јавниот сектор и итна приватизација на државни компании доколку грчката влада се согласи на барањата на кредиторите за кои се преговара, пренесува весникот „Та неа“. Потенцијалниот договор со кој би се затворила втората проценка на сработеното од грчката влада, се оценува дека ќе донесе ново финансиско стегање на ременот за грчките граѓани.

Според „Та неа“, доколку се постигне договор, бројката на масовни отпуштања ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, а воедно и ќе се укине административното одобрување за масовни отпуштања и таа улога ќе ја добие Високиот совет за труд, кој, во суштина, нема да може да ги одбива одлуките за масовни отпуштања туку само ќе може да го провери легитимитетот на одлуката.

Одлуките за протести, наместо со најава од 24 часа, ќе мора да се најават 48 часат пред протестот, со што автоматски се влијае на работничкото право на протест и на штрајк. Ќе мора да се воведат шест нови патарини со кои дополнително ќе поскапи патувањето низ Грција, и тоа кај Солун, Аспровалта и Кавала.

Една од мерките ќе биде и итно вработување нови советници за приватизација на државната компанија „Хеленик петролеум“, компанијата за вода, гас, телекомуникации и 30 отсто од атинскиот аеродром и итна продажба, до крајот на годината, на дел од компанијата за електродистрибуција.

Приватизацијата сè уште е една од најболните точки на сите грчки влади. Државата доживеа нов неуспех на овој фронт бидејќи пропадна договорот за продажба на мнозинските акции од една од државните компании за гас ДЕСФА, која требаше да ја преземе азербејџанскиот гигант за природен гас „Сокар“, кој го обезбедува и гасот за Трансјадранскиот гасовод.


Московичи: Грција е подготвена да сврти нова страница


Скопје, 28 ноември, 2016 - 12:14 (META) 

Во тензична клима на несогласувања меѓу грчката влада и претставниците на Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и Еврпската централна банка и на неможност да се постигне договор на клучни теми, денеска во Атина пристигнува еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московичи.

Московичи ќе се сретне со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, и со министерот за финансии, Евклидис Цакалотос.

Грција се надева на поддршка од Московичи по прашањето за олеснување на грчкиот долг. Надежта доаѓа по интервјуто на еврокомесарот за грчкиот весник „Етнос“, во кое тој вели дека Грција е подготвена да заврти нова страница.

„Созреани се условите да се разговара за олеснување на долгот на еврогрупата. Грците направија многу жртви последните неколку години и државата е конечно подготвена да заврти нова страница. Успешната приказна што ја пишуваме заедно значи нормализирање на работите со одржлива јавна финансиска политика и конкуретна економија, подготвена да создаде нови работни места кои им се неопходни на Грците“, изјави Московичи за „Етнос“.


Државата денеска ќе се задолжи 31 милион евра на домашниот пазар


Скопје, 18 октомври, 2016 - 11:08 (META) 

На аукција на државни хартии од вредност, Министерството за финансии ќе се задолжи 31 милион евра на домашниот пазар. На домашните кредитори ќе им бидат понудени едногодишни и двегодишни државни обврзници.

Дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, во однос на оваа аукција смета дека се побаруваат 17 пати повеќе средства од долгот што доспева за враќање.

– Оваа власт зад себе ќе остави повеќе од пет милијарди евра долг на идните генерации – вели Наумов.

Наспроти тврдењето на Наумов дека задолжувањето е за 17 пати поголемо од потребното, од Министерство за финансии велат дека со оваа аукција ќе се позајмат онолку средства колку што треба да се вратат неделава, што значи дека нето-задолжувањето по оваа аукција ќе биде еднакво на нула.