Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, бара гаранции и од грчката опозиција дека ќе се поддржат и ќе се спроведат договорените мерки за 2019 година. Оваа одлука на Шојбле предизвика нова сопка во разговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори.
Грчката влада под притисок на кредиторите прифати да се гласаат и да се спроведат нови мерки што би се спровеле од 2019 година, односно откако ќе истече актуелниот пакет мерки. Одлуката да се прифатат овие мерки наиде на големи реакции и кај народот и кај опозициските партии, бидејќи се смета за продолжување на строгата политика на штедење.
Како што пренесуваат грчките медиуми, германскиот министер предложил грчката опозиција да гарантира дека ќе се поддржат и ќе се имплементираат идните мерки, а истото се очекува во одреден момент да го побара и ММФ.
Најголемата опозициска партија, Нова демократија, отворено остро одби да ги поддржи идните мерки.
„Нова демократија зазема позиција за мерките: нема да гласа за нив. Владата треба да одлучи за она што се случува заткулисно и да објасни зошто бара поддршка од странство за да се изгласаат мерките кои поради неспособноста на Ципрас, се бара да бидат усвоени од државата. Можеби Ципрас не се чувствува удобно со неговото владино мнозинство. Ние нема да му ја олесниме работата“, велат преку соопштение од Нова демократија.
Извори од грчката влада коментираат дека СИРИЗА го има парламентарното мнозинство и според грчкиот устав, нема потреба кредиторите да се мешаат во внатрешните работи на државата.
Во меѓувреме, грчкиот министер за финансии во Брисел се бори за постигнување договор со кредиторите за затворање на втората проценка и за добивање зелено светло за исплаќање на нова рата од грчкиот кредит.