Груевски: Немав намера да направам инцидент, Џафери да ѝ се извини на јавноста


Скопје, 16 март, 2018 - 14:54 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, денеска изјави дека немал намера да предизвика инцидент во Собранието, кога се усвојуваше Законот за употреба на јазиците, туку само сакал да покаже дека не се согласува со начинот на кој бил донесен.

За време на паузата на судското рочиште за случајот на СЈО „ТНТ“, Груевски кажа дека тој само ја оттргнал раката на претседателот на Собранието, Талат Џафери во моментот кога тој го допрел и дека ништо повеќе од тоа не се случило.

Според него, Џафери треба да им се извини и на македонската и на албанската јавноста поради тоа што „на шверцерски начин донел закон кој што ги засега токму албанските граѓани“. Груевски уште додаде дека процедурата при носењето на законот е прекршена, а законот е противуставен.


МВР: Полицајката сама се удрила од пајакот, Асани само вербално ја нападнал


Скопје, 2 март, 2018 - 12:19 (META) 

Полицајката Јасмина Јаначковска која вчера имаше инцидент со функционерот на ДУИ и поранешен претседател на огранокот во Чаир, денеска била примена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, извести МВР.

Притоа, според соопштението, таа пред министерот кажала дека не била удрена од Асани, кого долго време медиумите го посочуваат како учесник во некои физички инциденти, туку дека самата се удрил од пајакот.

МВР вчера извести дека „со Б.А. е извршен разговор во полициската станица Бит Пазар и изготвен записник за констатиран прекршок по чл. 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир“.

Според денешното соопштение, Спасовски се сретнал со полициската службеничка Јасмина Јаначковска, за лично да се информира за вчерашниот настан, а полицајката рекла дека била вербално нападната од сопственикот на возилото Б.А.

„Пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А., и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници“, рекла Јаначковска, пренесува МВР.

На прашањето од министерот  дали имало било каков физички контакт и зошто полициската службеничка побарала медицинска помош, Јаначковска објаснила дека со Б.А. „имала само вербална расправија, меѓутоа  при повлекување од местото на настанот таа се удрила со левата рака во специјалното возило „пајак“, но не се здобила со посериозна повреда, што било констатирано и при лекарскиот преглед во ГОБ Св. Наум Охридски“, тврди МВР.

Спасовски порачува дека ги охрабрува сите полициските службеници да постапуваат неселективно и професионално, согласно нивните  законските овластувања.

– Полициските службеници кои постапуваат професионално, од мене како министер и од целото раководство на МВР, ќе имаат целосна поддршка. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Заврши времето кога некои беа поеднакви од другите – вели Спасовски.


ВМРО-ДПМНЕ го осуди обидот за замолкнување на медиумите


Скопје, 2 февруари, 2018 - 17:04 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение „најостро го осуди однесувањето на МНР“ и „обидот за замолкнување на медиумите професионално да си ја вршат својата новинарска работа“ во врска со вчерашниот настан кога службеник од МНР се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“ да постави прашање на прес-конференцијата со Метју Нимиц.

„Упатените закани за одземање на акредитација се несфатливи и недозволиви за една државна институција. Денешното извинување не е доволно. Одговорност мора да има, а ваквите постапки соодветно да се санкционираат за да не се повторуваат во иднина. Новинарите мораат да бидат ослободени од секакви закани и притисоци кои ќе влијаат врз нивната работа. Темите кои се од прашање од интерес на јавноста не смеат да бидат вака грубо замолчувани од страна на власта“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат во иднина да им биде дозволено на новинарите непречено да си ја извршуваат својата работа, а институциите да се стават во заштита на слободата на изразувањето.


Затворена американската база во Британија поради безбедносен инцидент


Лондон, 19 декември, 2017 - 15:26 (META) 

Британската полиција уапси маж кој со автомобил се обидел да влета во американската воздухопловна база на истокот на Англија.

Станува збор за американската база „Милденхол“ во Сафок, која била затворена по „безбедносниот инцидент“.

Репортерот на „Скај њуз“ наведува дека во Министерството за одбрана во Лондон е соопштено дека имало „расправија на капијата на базата“.


Арачиновец уапсен пред Врховниот суд, околу појасот носел прачки налик на експлозив


Скопје, 2 ноември, 2017 - 17:39 (META) 

Припадниците на полицијата што денеска го обезбедуваа судскиот комплекс додека траеше изрекувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, уапсија педесет и седумгодишен жител на Арачиново со иницијали И.И., кој околу појасот имал четири прачки кои личеле на експлозив.

Како што потврдуваат од МВР, осомничениот е одведен во полициската станица во Центaр, каде со него се разговара.

Прачките ќе бидат предадени на вештачење за да се утврди за што точно станува збор.

На видеоснимка од инцидентот што ја објави „А1 он“ се гледа машко лице со тобра како му приоѓа на полицаец пред судот, кратко му се обраќа, по што веднаш следи интервениција на полицаецот и на повеќемина негови колеги кои го приведуваат лицето.


Тројца повредени во тепачка меѓу две групи кај Бит-пазар


Скопје, 20 октомври, 2017 - 0:01 (META) 

Две групи вечерва предизвикале инцидент кај Бит-пазар, во кој, според полициски информации, повредени се три лица, а оштетени се и два автобуси.

Од МВР не ги соопштуваат причините за инцидентот, а дел од медиумите објавија дека тој бил предизвикан од навивачи кои се враќале од фудбалскиот натпревар меѓу Вардар и Реал Сосиедад (0:6).

Како што соопшти МВР, вечерва околу 21 часот било пријавено дека на булеварот Крсте Мисирков на автобуска постојка во автобус со број 50 на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, од страна на повеќе лица бил нарушен јавниот ред и мир, а биле нападнати и патници кои биле внатре во автобусот.

Инцидентот почнал на горниот кат од автобусот, каде што настанала тепачка, која потоа продолжила и на долниот кат. Едно од лицата што учествувало во тепачката го фатило воланот на возачот, по што автобусот удрил во друг автобус со број 20.

Откако биле отворени вратите од автобусот, физичката пресметка продолжиле на постојката, а по интервенцијата на полицијата, лицата се разбегале во различни правци.

Во инцидентот повредени се три лица, кои со возила на итна медицинска помош се префрлени во Ургентниот центар.

Засега, како што информира МВР, е приведено едно лице со иницијали Р.Б. и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и за идентификување на сите учесници во насилството.


СДСМ Карпош го осуди инцидентот пред штабот на ГРОМ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:57 (META) 

Општинската организација на СДСМ од Карпош преку соопштение го осуди насилството и синоќешниот инцидент што се случи пред штабот на политичката партија ГРОМ, каде едно лице излезе од автомобил, извади лисици и нож и им се закануваше на присутните.

„Очекуваме надлежните институции во најкус рок да го расчистат случајот докрај и сите виновници да бидат изнесени пред лицето на правдата во согласност со законите. Насилството е недозволиво и секој насилен чин, без разлика од кого е сторен, треба да биде соодветно санкциониран од надлежните институции“, велат од партијата.

Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција побара кривично да биде гонет напаѓачот и запраша како може СДСМ да не се огради и да не го осуди овој настан.

– Тие што дојдоа да се тепаат се хулигани, поранешни затвореници и членови на подземјето. Како може СДСМ да не се огради и да не го осуди ваквиот настан? Уште помага делото да биде прекршочно, а не кривично. Ова кажува дека политиката и криминалот се заедно, дека СДСМ и криминалот се заедно и дека и понатаму ќе продолжат да вршат насилство – изјави Јакимовски кој го повика Основното јавно обвинителство да реагира.

Инцидентот е забележан и во денешниот полициски билтен, во кој се вели дека возило „мерцедес“ застанало пред штабот на ГРОМ, по што од автомобилот излегол С.Р. кој извадил нож и лисици, упатил закани на присутните и заминал со возилото.


Прекршочни пријави за Елвис Бајрам и за уште 7 лица за тепачката во Шуто Оризари


Скопје, 4 октомври, 2017 - 15:47 (META) 

Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочни пријави против актуелниот градоначалник на Шуто Оризари и кандидат на претстојните локални избори, Елвис Бајрам, и уште седум лица за тепачката што се случи во понеделникот во Шуто Оризари.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на прес-конференција соопшти дека МВР го расчистило инцидентот.

Целокупниот материјал, како што рече Спасовски, е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје.

Сега надлежното обвинителство треба да се произнесе околу понатамошното постапување по овој случај.

„Независно кој од која политичка партија доаѓа, кој чиј симпатизер е, во ваквите и слични случаи за МВР единствено примарно ќе биде почитувањето на законите, што мора и ќе важи за сите еднакво – рече Спасовски.

Тој нагласи дека секаков обид, од кого било, да се злоупотреби полицијата како „наша“ или „ваша“ ќе биде законски санкциониран.

– Ја користам можноста да ја изразам нашата категорична осуда на чинот од 2 септември, како и на сите обиди изборниот процес да се компромитира, а кај граѓаните да се создаде претстава за несигурност. Затоа МВР уште еднаш апелира до сите актери на претстојните избори да ги почитуваат демократските и нормативни стандарди. Македонската полиција нема да дозволи какво било загрозување на правото на граѓаните да го дадат својот глас на мирни, фер и демократски избори – рече Спасовски.


Пет лица повикани во полиција за нападот на Елвис Бајрам


Скопје, 3 октомври, 2017 - 15:05 (META) 

Пет лица се идентификувани и се повикани на разговор во полиција поради учество во вчерашната тепачка во општина Шуто Оризари, во која беше повреден Елвис Бајрам, актуелен градоначалник на општината и кандидат за градоначалник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.

Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека во тек е прибирањето на доказите за понатамошна постапка.

Оттаму ги осудуваат сите облици на насилство, особено за време на изборната кампања.

„Изборниот процес е наменет за претставување на кандидатите и на нивните програми и Министерството смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и за загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, стои во соопштението на МВР.

Инцидентот се случи вчера, околу 18 часот, кога Елвис Бајрам и Аднан Мемет, кој е дел од неговиот изборен штаб, првин биле соборени на земја со тупаници, а потоа биле удирани со клоци и со метални и дрвени прачки.

Бајрам беше хоспитализиран во болницата „8 Септември“, каде му беа санирани повредите.


Собранието не расправаше за законот за јазиците, пауза до утре поради локалните избори


Скопје, 13 септември, 2017 - 15:57 (META) 

По подолга пауза, Собранието попладнево ја прекина 15. седница, на која требаше, меѓу другото, да расправа за Законот за употреба на јазиците, со образложение дека сите парламентарни партии имале обврски поради пријавувањето на кандидати за локалните избори.

Претходно експресно беше изгласана одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК), која беше уфрлена како дополнителна точка.

Денешната седница мина со две гласања за симнување на законот за јазиците од дневниот ред и со две барања за пауза, кои претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги одобри, а последната потраја многу подолго од предвиденото.

Пред давањето пауза во 13.40 часот во Собранието се случуваше жестока расправа за дневниот ред на седницата, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ излегоа на собраниската говорница. Опозициската партија бараше пауза откако нејзините претставници не успеаја нивните обиди законот за јазиците да се симне од дневниот ред.

Речиси сите координатори на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ во расправата бараа да се симне законот од дневниот ред. Тие велеа дека законот не може да има европско знаменце оти не е наведено со кој пропис на ЕУ се усогласува, како и дека е прекршен деловникот, оти не бил даден во Комисијата за политички систем како матична комисија, туку на Комисијата за европски прашања.

Седницата ќе продолжи утре во 11 часот.