fbpx

По вандализмот на Левица во Собранието сите се обвинуваат дека се во коалиција со противникот

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Левица преговара со ДУИ и СДСМ, Левица обвинува дека ВМРО е во „широка“ коалиција со СДСМ и ДУИ, а СДСМ, од трета страна, вели дека пратениците на Левица ова го прават во договор со ВМРО-ДПМНЕ

-

И владејчката СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го осудија однесувањето на пратениците на Левица на вчерашната собраниска седница кога Борислав Крмов откорна монитор и заедно со Димитар Апасиев фрлаа со листови кон потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој ја водеше седницата за усвојување на новиот Деловник за работа на Собранието на РСМ. Со низа соопштенија реагираше и Левица.

Она што ги карактеризира реакциите е што сите меѓусебно се обвинуваат дека се во коалиција со Левица или со власта. Така, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Левица преговара со ДУИ и СДСМ, Левица обвинува дека ВМРО е во „широка“ коалиција со СДСМ и ДУИ, а СДСМ, од трета страна, вели дека пратениците на Левица ова го прават во договор со ВМРО-ДПМНЕ.

За најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, инцидентот предизвикан од Левица е „привиден театар по договорено сценарио заедно со ДУИ и СДСМ“.

„Чудна работа, секогаш кога рејтингот на Левица е во пад, како што е во моментов, на сите последни анкети, тогаш се договараат сценарија, заедно со ДУИ и СДС, меѓусебно да си помогнат, бидејќи тоа им одговара на сите страни. Зошто Левица вака не направи, за други, далеку поважни теми, отколку измени на деловник за работа на Собрание кои се прават често во Собранието“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвини дека досегашната „коалиција од Советот на Град Скопје“ се прелеала во Собраниието, а за однесувањето на Апасиев потенцира дека е „нестабилно“.

„Среќа што државата нема нуклеарно оружје, не се сомневаме дека Апасиев би го употребил, онака лефтерно и истовремено афектно, насочувајќи го врз Собранието, кај што сам се наоѓа, чисто да ни покаже, колку тој знае да е опасен, ако во бифето му дадат горко наместо благо кафе“, вели ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека „привидното сценарио“ на власта и Левица се гледа и во тоа „што ни Мисовски, ни Талат Џафери, не го повикаа собраниското обезбедување, кога 10 мин некој го крши Собранието“.

Пратеник на Левица искорна монитор и фрлаше документи кон Горан Мисовски

Пратеникот на Левица, пак, Димитар Апасиев, порача дека „насилнички беше донесен новиот Деловник на Собранието од страна на криминогената широка коалиција СДС-ДУИ-ДПМНЕ“.

СДСМ во партиско соопштение порачува дека „Левица и ДПМНЕ се лонче и капаче“ и дека вчерашното дивеење на Левица е потврда за тоа што владејачката партија го говори, односно дека „Со Левица и нивниот коалициски партнер ДПМНЕ можни се само инциденти, насилства и хаос“.

Владејачката партија вели дека „За дивеењето мора да им одговорност од пратениците на Левица“ и дека очекува надлежно јавното обвинителство веднаш да поднесе соодветни кривични пријави.

СДСМ уверува дека нема да дозволи „сценаријата на проруската Левица и нивните коалициски партнери да успеат“.

Инаку, по завршување гласањето за новиот Деловник на Собранието, синоќа во пленарната сала припадници на МВР извршиле увид на направената штета во инцидентот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА денеска изјави дека натаму постапката треба да ја води обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос како на Собранискиот канал така и преку веб – страната на Парламентот.

За тоа колкава материјална штета е направена дополнително ќе биде соопштено, вели тој, но таа нагласува Џафери ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во Пленарната сала.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...