fbpx

Пратеник на Левица искорна монитор и фрлаше документи кон Горан Мисовски

Од владејачката партија велат дека за дивеење во Собранието мора да има одговорност од пратениците на Левица, додавајќи дека СДСМ нема да дозволи сценаријата на проруската Левица да успеат

-

Корнење на монитор, фрлање со хартиени документи, пластично шише, телефон и друга опрема беше само дел од инцидентот којшто денеска го предизвика пратеникот на Левица, Борислав Крмов на седницата на Собранието на РСМ, на која се разгледуваше новиот Деловник за работа на Собранието на РСМ.

Пратеникот од Левица Борислав Крмов побара да се прекине седницата, реагирајќи за тоа зошто не се прифатени нивните амандмани на носењето на собранискиот Деловник. Левица поднесе околу 2.500 амандмани и се обиде да ја блокира работата на парламентот во однос на оваа точка.

Во моментот кога потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски го опомена дека му тече времето за говор, пратеникот Крмов прво со рака го фрли ѕвончето и шишето со вода што стоеја пред потпретседателот на Собранието. Крмов потоа го откорна мониторот на собранискиот спикер и го фрли на земја и почна да фрла хартии.

Набргу, му се придружи и пратеникот Димитар Апасиев, по што двајцата маваа со хартии кон Мисовски. По ова, Мисовски даде пауза од 30 минути.

Откако продолжи собраниската седница, двајцата пратеници повторно побараа истата да се прекине „додека не ескалирала ситуацијата“, додека Мисовски ги ставаше еден по еден амандманите од Левица на гласање.

Крмов во еден момент ја заобиколи масата зад која седи Мисовски и застана до неговото столче со инсистирање да се прекине седницата. По ова, потпретседателот на Собранието даде нова пауза од половина час. До овој момент собраниската седница не е продолжена.

Левица попладнево преку електронска пошта испратена до медиумите, а пред да се случи инцидентот во Собранието, најави дека биле подготвени физички да го бранат народниот мандат, бидејќи имало носење на штетен и недемократски Деловник со кој се укинува филибастерингот. Тие тврдат дека широката коалиција од СДС, ДУИ и ДПМНЕ се обидува насилнички да го усвои новиот Деловник на Собранието на РСМ.

„Го осудуваме дивеењето на Левица во Собранието, кршењето и нападот на потпретседателот на Собранието и генералниот секретар. Поради разумот на мнозинството не дозволивме во македонското Собрание да се реализира смислено сценарио и обид за предизвикување физички конфликти и хаос“, стои во соопштението од СДСМ.

Од владејачката партија велат дека за дивеење во Собранието мора да има одговорност од пратениците на Левица, додавајќи дека СДСМ нема да дозволи сценаријата на проруската Левица да успеат.

„Очекуваме надлежно јавното обвинителство веднаш да поднесе соодветни кривични пријави. На еден многу лош начин граѓаните видоа што значат сценаријата на Левица. Ова што денеска го гледаат граѓаните е потврда на она што го говориме цело време. Со Левица и нивниот коалициски партнер можни се само инциденти, насилства и хаос. Односот на Левица кон институцијата Собрание е однос кон државата, денес компјутерот во Собрание утре народот“, велат од СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...