fbpx

Контраспин: Апасиев како Робеспјер – народен фронт за финална пресметка!

Она што кулминираше со насилство требаше да кулминира со зачестени прес конференции во Собранието и евентуално со протести на кои пошироката јавност ќе ја запознаеше со суштината за која протестира. Вака, поголемиот дел од јавноста зборува за чинот на насилство, а само мал и недоволен дел за изменeтиот Деловник. Левица и пред сè, Апасиев, си знаат зошто го презедоа тој потег. Може да им донесе, но може и да им одземе гласови...

-

Левица, како и секоја друга партија во предизборието што е веќе одамна започнато, од многу причини вчера си дозволи да демонстрира насилство и кршење во Собранието, кое е недозволиво, добивајќи веројатно гласови плус. А, денеска, пак и нови револуционерни ставови, кои се спин. Но, штетата што ја направија е поголема од ползата (евентуални гласови плус), зoшто голем дел од јавноста, всушност и не разбра за што протестираа, а темата е од исклучително голем јавен интерес – како во иднина ќе се носат прописите во Парламентот, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Парламентарната партија Левица излезе со ставови во врска со инцидентот во Собранието, при што може да се забележат два спина:

Спин: …Овој режим на СДС-ДПМНЕ-ДУИ, кој ги уништи сите аспекти од општествениот живот и ја турна Македонија да робува на секакви бизнис зделки и великодржавни апетити – кој ги аболицираше функционерските криминали и го пороби обичниот народ, за олигарсите од раководствата на партиите да владеат непречено и да се богатат, сега веќе и со интервенции во правниот и политички систем на Република Македонија го задава последниот удар врз привидот за слобода и владеење на народот.

Македонскиот народ, под деценискиот притисок на овие човекојадци од СДС-ДУИ-ДПМНЕ го пронајде во своите редови оружјето со кое ќе се одбрани од оваа ламја со три глави – преку партијата на народните маси Левица, во антифашистички и народен фронт спремен за финална пресметка. Сите велепредавници кои ја овозможуваат и ја продлабочуваат ДИКТАТУРАТА на анти-македонската политичка олигархија, ќе се соочат со безмилосен крај кој ќе ги стави зад решетки овие ѕверови кои ја пијат крвтта на обичните луѓе.

[Извор: ФБ статус на Левица, датум: 21.11.2023]

Контраспин: Политичката партија Левица во ставот изразен ден по инцидентот во Собранието при носењето на новиот Деловник, искомуницира со јавноста со политички став кој барем во два дела содржи спин, т.е. извртување на вистината.

Соопштувајќи го својот став дека со носењето на новиот деловник за работата на парламентот „во Собранието се формализираше дикататура на широката коалиција“ (СДСМ-ДУИ-ВМРО-ДПМНЕ -н.з.), Левица во вториот пасус од политичкиот став нагласува – „Овој режим на СДС-ДПМНЕ-ДУИ…“, што е ем извртување на вистината, ем недоследно. Имено, извртување на вистината или спин е затоа што за режим може да се зборува само во преносна смисла, со наводници и тоа само кога станува збор за интересите на големите партии како што се изведување на избори, по кој изборен модел и со колку изборни единици, финансирање на изборни кампањи, финансирање на медиуми со јавни пари или неформалната амнестија со експресните измени на Кривичниот законик. Да, во вакви општествени процеси, како што се споменати во текстот и кои се финализирани преку Собранието – трите споменати големи партии се однесуваат како дел од коалиција, која „режимски“ ги спроведува сопствените интереси, пред сè, без никакви кавги и едногласно.

Што се однесува до недоследноста во овој став на Левица, не може, а да не се потсети дека едно време дури и во Собранието имаше обид за создавање на ново парламентарно мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, а нивното коалицирање (на Левица) со советничките групи од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ во различни нивоа на локалната власт, по општините е секојдневие. Онаму каде што има советници од Левица.

Вториот спин е дека македонскиот народ преку Левица го нашол оружјето со кое ќе се брани од застапниците на коалицијата на трите погоре споменати партии, во антифашистички и народен фронт спремен за финална пресметка. Сите велепредавници кои ја овозможуваат и ја продлабочуваат ДИКТАТУРАТА на анти-македонската политичка олигархија, ќе се соочат со безмилосен крај кој ќе ги стави зад решетки овие ѕверови кои ја пијат крвтта на обичните луѓе.

Ова е извртување на вистината, т.е. спин, бидејќи акцентот е ставен на „финална пресметка“ по која „ќе се соочат со безмилосен крај, кој ќе ги стави зад решетки“ противниците. Левица, колку што е познато од нејзините основни документи и настапи во јавноста, каде што нема иронија и претерување, се застапува за демократско општество каде што народот владее преку институциите што ги има, односно преку републиканско уредување: демократско избрано собрание, влада, претседател и правосудна власт…

Во ваков систем на уредување, како и на интеракција на Македонија со светот, каде што за Левица единствен проблем е НАТО, но не и Европската унија, не може да постои ветување за „безмилосен крај кој ќе ги стави зад решетки“ „сите велепредавници кои ја овозможуваат и продлабочуваат диктатурата на на анти-македонската политичка олигархија“, која, според Левица, е коалицијата на трите големи партии. Зашто, едноставно, под ваков третман на Левица би биле најмалку 700-800 илјади граѓани на земјата кои излегуваат на секои избори и гласаат за една од трите споменати партии.  И токму затоа, политичкиот став или ветување на Левица и во овој дел е спин, т.е. извртена вистина.

Зашто, во спротивно, Левица треба да соопшти дали се залага за враќање на социјализмот со комунистичката идеологија и преку монистичко владеење или пак, за анархо синдикализам. Или, пак, Левица само ја симпатизира Јакобинската диктатура – тој мрачен едногодишен период од големата Француска револуција кога со власта управуваше лидерот на Париската комуна и лидер на Јакобинците Максимилијан Робеспјер. Тогаш, за една година се проценува дека на гиљотина и со други методи се отсечени главите на 25 до 50 илјади Французи со една цел – да се заштити Револуцијата и да се унапреди идната Република!

И овие, споменативе се можни (иако неуставни) опции за политичко владеење, но на гласачите и граѓаните во Републиката, Левица би требало тоа јавно да им ги соопшти.

***

Вистината никогаш не е црно-бела, мантра што ја повторуваме колку почесто е возможно, па така и вчерашниот инцидент на пратеникот Борислав Крмов и лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев не може да се набљудува еднозначно. Освен што сите зборуваат за кршењето и фрлањето со хартии, Левица ја пропушти приликата и вчера (или успеа во тоа?) да ѝ појасни на пошироката јавност дека се бунтува за исклучително важно прашање – начинот по кој од идниот состав на Собранието ќе се носат законите. Односно, дека со амандман на предлог-деловникот идните прописи ќе се носат на начин како што се носат со европско знаменце и со забрана за поднесување стотоици или илјадници амандмани. Тоест, озаконета без поширока расправа во Собранието секогаш кога на идната влада брзо ќе ѝ требаат измени на постоечки или нови закони, како што беше случајот со експресите измени на Кривичниот законик. Или што би рекол Апасиев, ќе нема опозиција, а „ДПМНЕ и ДУИ ќе ви ги шверцаат сите закони со европско знаменце во следниот парламентарен состав“.

И за ова има спротивставени мислења, зошто Апасиев не реагирал порано во изминатите месеци или дали е точно дека на комисиската расправа во октомври ветиле неколку суштински амандмани, а не 1,9 илјади, што, на крајот на краиштата, не е ни толку важно зашто негово право е како ќе постапува со амндамните.

Она што кулминираше со насилство требаше да кулминира со зачестени прес конференции во Собранието и евентуално со протести на кои пошироката јавност ќе ја запознаеше со суштината за која протестира. Вака, поголемиот дел од јавноста зборува за чинот на насилство, а само мал и недоволен дел за изментиот Деловник. Левица и пред сè, Апасиев, си знаат зошто го презедоа тој потег. Може да им донесе, но може и да им одземе гласови.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бислимовски: РЕК Битола произведува струја од сонце, ветер, вода и биомаса

За дваесет и пет месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори кои произведуваат електрична енергија, што е доволна за просечна потрошувачка на скоро 185 илјади домаќинства, соопштија...