fbpx

Контраспин: Чии се провокаторите на протестите, треба да откријат МВР и ЈО

-

Две вистини кои кружат во јавноста од официјални изјави на политичарите од двата табора, власт и опозиција, се, всушност, два спина за тоа кој и како ги поттикнува инцидентите на протестите што се одвиваат веќе неколку дена поради т.н. француски предлог за преговарачката рамка на РСМ за преговорите во ЕУ. Спиновите мора под итно да бидат разбиени, а најголема одговорност и законска обврска за тоа имаат МВР и Јавното обвинителство (ЈО), пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во врска со инцидентите кои се случија на 5-ти и 6-ти јули пред Собранието и кај плоштадот „Скендербег“ за време на протестите во Скопје, во јавноста се лиферуваат два спина од двата табора, власт и опозиција, а како примери ги издвојуваме последните:

Спин: „Мицкоски не е никаква жртва туку режисер на крваво сценарио. Крваво сценарио на Мицкоски и неговите коалициски партнери Левица и Алијанса, крваво сценарио кое не успеа.

Мицкоски не беше вечерва мета туку ја одигра најлошата улога за државата и за граѓаните.

Срамно, страшно и опасно е однесувањето на опозицијата која се обидува да прикаже некакви меѓуетнички тензии кои всушност се предизвикани од највисоки претставници на партиите во опозиција“.

[Извор: СДСМ/Д.Каевски – датум: 06.6.2022]

Спин: „Насилството му одговара на оној кој сака оваа иницијатива да ја сопре, а ние имаме чиста цел, чиста намера, а тоа е да го сочуваме идентитетот и нашиот мајчин, македонски јазик и благодарност до сите оние сограѓани кои ни даваат поддршка и заедно со нас се борат за македонскиот идентитет“.

[Извор: 360 степени/Христијан Мицкоски – датум: 06.6.2022]

Контраспин: Од сите обвинувања што можат да се слушнат изминативе денови за инцидентите со насилство при протестите против т.н. француски предлог на преговарачката рамка за РСМ за преговори со ЕУ, само едно е вистина – насилство имаше и генерално беше предизвикано од провокатори. Сите други обвинувања, засега се спин.

Во врска со вчерашните судири меѓу две групи кај плоштадот „Скендербег“ на прес-конференции во доцните вечерни часови излегоа и двете главни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а на тие прес-конференции и двете меѓусебно се обвинуваат дека насилствата на протестите се сценарио подготвено од едната од нив и дека тоа сценарио го остваруваат преку провокатори уфрлени меѓу демонстрантите (Собрание) или блиску до нив („Скендербег“). Но, ниту една од партиите не нуди ама баш ниту еден доказ дека тоа е така.

На пример, пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски, со многу јасен речник го обвинува лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неговите партнери од Левица и Алијанса дека се режисери на крваво сценарио. А, како некаков си доказ, во настапот единствено како аргумент понуди информација дека едно од лицата што пукале кај плоштадот „Скендерберг“ бил брат на шефот на огранокот за Чаир на Алијанса за Албанците и в.д. директор (кој експресно е разрешен без валидно појаснување зошто), на ЈП Комунална хигиена. Нелогичноста на ова толкување дека и Алијанса е замешана во „крваво сценарио што го режираат со ВМРО-ДПМНЕ и Левица“ е дотолку поистакната со фактот дека за Алијанса на Албанците „францускиот предлог“ е начелно прифатлив.

Од друга страна, Христијан Мицкоски, кој невешто на самата прес-конференција се обиде да се извади за претходниот статус на социјалните мрежи дека пукањето било наменето за негово убиство, тврди дека режисер на крваво сценарио се токму СДСМ и ДУИ, со наведување дека „насилството му одговара на оној којшто сака оваа иницијатива да сопре“, демек на партиите од власта, бидејќи тие безрезервно го поддржуваат „францускиот предлог“, кој ќе довел до губење на македонскиот јазик, идентитетот, итн. Патем, истите тврдења доаѓаат и од Левица, чиј лидер Димитар Апасиев, за волја на вистината прв во јавноста упати порака за нужна радикализација на протестите. Но, ниту оваа страна, опозициска, во нивните настапи не нуди ниту еден посериозен аргументиран став, освен обвинување без аргументи (како она на Ковачки), дека насилствата ги режираат партиите од власта.

Според тоа, сè што имаме досега изнесено во јавноста (до 07.07.2022), од сите страни, не се ништо друго туку спинови, т.е. извртени вистини. Она што јавноста го има на увид, т.е она што се факти, се снимките од самите насилства, при што може да се сумираат во лица со фантомки и без, но кои јасно можат да се оценат како провокатори, фрлени камења и други предмети врз полицијата, фрлени предмети и испукани куршуми во воздух во физичка пресметка помеѓу луѓето што протестираат и друга група граѓани пред „Скендербег“, интервенција на полицијата во која има приведени лица и отприлика тоа.

Ваквите спинови мора да бидат разрешени што поскоро, бидејќи е јасно дека протестите нема да запрат, а атмосферата станува експлозивна во вистинска смисла на зборот, па може да настане многу посериозна беља од ова што го имаме до денеска. Одговорноста ја сносат сите и организаторите на протестите и учесниците во истите и власта, но најголемата и одговорност и законската обврска за тоа да се превенира, е сепак кај Министерството за внатрешни работи и кај Јавното обвинителство.

Не може министерот Оливер Спасовски да тврди дека полицијата која имала оперативен штаб за оваа ситуација, има информации дека се подготвуваат нови насилства и дека една група подготвувала и молотови коктели, а притоа да нема реакција и од МВР и да не биде вклучено ЈО во целата постапка. Не може да тврди дека задачата е завршена оти полицијата интервенирала на време. Мора да има последица од овие искажани зборови, на пример, приведување на членовите на групата, заплена на молотови коктели или изведување пред надлежен суд на веќе приведените лица и постапка во содејство со ЈО, со конкретни обвиненија. Понатаму, ако навистина и Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски имаат информации дека ќе има насилства, власта е должна да ги преземе сите, ама баш сите превентивни чекори да ги спречи насилствата, како што беше на пример она кај „Скендербег“, бидејќи и претходниот ден, според новинарски известувања, на истото место имало инциденти од помали размери.

Оттука, одговорот на прашањето што го постави „Слободен печат“ во текст од насилствата пред Собранието за тоа чии се качулките и одговорот на прашањето што произлегува од извештајот на „Гласот на Америка“, кое е лицето во црно што исто така испукало куршум пред „Скендербег“, освен сопственикот на хотелот што е уапсен, се одговори што ќе ги разбијат спиновите што засега ги имаме. Тие одговори мора да ги дадат МВР, ЈО, а потоа и судот во постапки регулирани со закон. И не само со поднесување на кривични пријави и постапки пред судот, затоа што кривичните пријави се за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Нема разјаснување на прашањата кои се и чии се лицата со качулките или кое е лицето со пиштол кое не е приведено. Можеби со последната информација дека е приведено момче со молотов коктел, конечно дел од овие прашања ќе се разјаснат.

Тие прашања мора да бидат одговорени и од МВР и од ЈО. Сè друго е само подгревање на атмосферата и нови спинови, кои можат навистина да доведат до ситуација наместо за „францускиот предлог“ да се дискутира за  прашања што ни се чинеа на сите дека се одамна погребани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...