Авион на компанијата „Маратон ерлајнс“ која врши сообраќај за „Ер Србија“, при полетувањето од аеродромот „Никола Тесла“ во Белград удрил во инструментацијата која служи за слетување на авиони од спротивната насока на пистата, вели за Н1 Петар Војиновиќ од српскиот воздухопловен портал „Tango Six“, коментирајќи го инцидентот што се случи вчера во српскиот главен град.
Авионот потоа летал над Белград еден час, пред конечно принудно да слета на аеродромот.
„Со сигурност знаеме дека 60 минути летал над предградијата на Белград кон Авала. Тоа е процедура за да искористи што повеќе гориво“, објаснува Војиновиќ за Н1.
Тој објаснува дека делот од антената во која удрил авионот, се заглавил во левото крило, но дека леталото можело да се контролира без проблем, освен што откажале клапите на авионот.
Evo kako je izgledao E-195 reg. OY-GDC kompanije Marathon airlines koji leti za ErSrbiju večeras posle prinudnog sletanja na BEG.😕 pic.twitter.com/crLJURHeDa
— Peđa Vučetić (@Pedjijatar) February 18, 2024
За време на слетувањето, авионот прелетал покрај контролната кула на мала височина од околу 120 метри, за контролата да може визуелно да потврди дека тркалата се извлечени. Војиновиќ вели дека и ова е дел од нормалната процедура во случај на удар.
Екипажот знаел дека удрил во нешто, но не знаел колкава е целата штета, па по принудното слетување, возел сè до капијата, не знаејќи дека од леталото истекува гориво. Таму веќе чекала пожарникарско-спасувачка единица, чии членови, штом го забележале истекувањето на горивото, почнале да го полеваат авионот со пена за да не избувне пожар.
Според неофицијални информации, пишува Н1, до инцидентот дошло бидејќи авионот полетал од погрешен дел од пистата, иако контролата на летање утврдила поинаква позиција.