Бајага и обожавателите прославија 40-години од албумот „Позитивна географија“ и првиот концерт на „Инструктури“ во Скопје

Публиката во МКЦ беше исто така разновидна, од средовечни белокоси рокери и урбани дами кои биле тинејџерки во осумдесеттите, до претставници на генерацијата на нивните деца, денешни скопски тинејџери и тинејџерки

Јубилејниот концерт на „Бајага и инструктори“ во Скопје, 6 април 2024 г. Фото: Мета.мк.

Вчера, на 6 април, српската и некогашна југословенска група „Бајага и инструктори“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје го повтори својот прв концерт одржан на истото место 40 години претходно.

На сцена заедно со фронтменот Момчило Бајагиќ – Бајага беа и членовите на легендарната постава од осумдесеттите, гитаристот и пејач Живорад Миленковиќ – Жика и клавијатуристот Александар Локнер, кои наспроти напредната возраст од над 65 години го водеа концертот заедно со двојно помлади нови членови.

Публиката во МКЦ беше исто така разновидна, од средовечни белокоси рокери и урбани дами кои биле тинејџерки во осумдесеттите, до претставници на генерацијата на нивните деца, денешни скопски тинејџери и тинејџерки.

Додека квалитетот на свирката беше константно на високо ниво, беше потребно малку време за музичарите да го подигнат духот на публиката. Таа масовно почна да пее и скандира дури после неколку песни, веројатно и затоа што ова беше првиот целосно „сув“ концерт на голема рок група. Поради познатите состојби со нефункционалност на МКЦ, не само што барот и ресторанот во објектот беа затворени, туку и никаде во близина не можеше да се купи никаква пијачка.

Програмата на концертот ја одразуваше програмата на „првобитниот“ концерт во тогашниот МКЦ, односно „Дом на млади 25 мај“ од 1984 година, така што беа свирени само песни од првиот албум „Позитивна географија“, како и други песни од Бајага кои биле направени до тогаш. Но и со тие ограничувања, плеј листата содржеше низа легендарни нумери кои ги имаат одбележано последниве четири децении. Од „Берлин“, „Пољуби ме“, „Тамара“ и „Марлена“ до хумористичните „Текила – герила“, „Мали слонови“ и „Папалине“. Беа изведени и помалку популарните „Знам човека“ и „Косоока“.

Во годините по нивното објавување, дел од песните пеени во нов контекст и стекнаа и нови значења, како „Берлин“, оригинално базиран на партизанското минато она семејството на Бајага и паролите од 1945 г., која буди други асоцијации по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 г. Такви се и антимилитаристичката „Лимене трубе“, која скоро пророчки како да ги предвидува настаните од распадот на федерацијата или „Пустите ме, друже” за полициската бруталност, односно за изживувањето на полицајците врз младите.

Повторувајќи ги и другите елементи на нивната прва турнеја, Жика играше и улога на помпезен најавувач на членовите на бендот и песните, кој своевремено со мегафон бил не само на сцената туку и ја  собирал публиката од холот. За разлика од 1984 година, мешањето на публиката со „Инструктори“ изостана (инаку на првиот концерт во Загреб тие ги кинеле и билетите).

Митровиќ, Бајагиќ и Локнер на концертот во Скопје. Фото: Мета.мк.

Во недостаток на сопствен материјал, во 1984 година Бајага и Инструкторите свиреле и неколку пародични нумери, како панк-верзија на „Чибу – чиба“ хит на хрватско-македонската пејачка Љупка Димитровска и нејзиниот сопруг Никица Калоѓера од 1969 година. Као и на „Папалине“, во која преку љубовна приказна за загребчанец и белграѓанка симпатично се потсмеваат со локалните акценти „од високото друштво“, женските вокали ги пееше Митровиќ. Беа изведени и „зафрканциите кои никогаш не прераснале во вистински песни“ како „Не дај се за новце“ и „Не пролази поред мене као поред турског гробља“.

Момчило Бајагиќ – Бајага е роден 1960 година. Ја започнал музичката кариера на 15 годишна возраст, при што како 18-годишник станал ритам-гитарист и автор на музика и текст во „Рибља Чорба“, која набргу стана еден од најпопуларните рок бендови во Југославија. Заслужен е за некои од најголемите хитови кои станаа химни на урбаната популарна култура, како „Кад ходаш“, „Добро јутро“ и „Ево ти за такси“ – кои на воодушевување на публиката со „Инструктори“ ги изведоа и на концертот во Скопје.

Паралелно Бајага имал порив да создава песни кои не одговарале на концептот на „Рибља Чорба“, меѓу другите и шегобијни експерименти со кои си подигрувал со различни светски музички стилови или мотиви, поврзувајќи ги со различни локации.

Според сведоштвото за создавањето на „Позитивна географија“ кое Бајага во 2009 г. го изнел во интервју со новинарот Александар Резина, продуцентот Корнелије (Бата) Ковач практично го натерал да го сними албумот и со тоа да започне соло кариера, која прераснала во кариера со нов бенд. Тоа бил храбар потег чија последица била дека првите неколку години заработувал десет пати помалку отколку како гитарист на „Чорба“, но од една  страна му здосадиле нарушените меѓучовечки односи и судирот на ега со Бора Ѓорѓевиќ, а пред сè верувал дека „Инструктори“ се добра екипа.

Живорад Миленковиќ – Жика беше овековечен во песната „Живот је некад сив некад жут“ од албумот „Продавница тајни“ (1988) исто така има остварено кариера вон „Инструктори“, особено во 1990-тите години како еден од основачите и фронтмен на алтернативниот рок-бенд „Бабе“.

На крајот на концертот Бајага ги покани верните обожаватели да дојдат на големиот концерт кој го спремаат на 31 август на Хиподромот во Белград, каде што вети дека ќе ги свират и сите други песни што им станале омилени во првите четири децении од работата на бендот.