МКЦ поради изборите е нефункционално – на 30 луѓе не им се продолжени договорите

Во планетариумот, бифето, детското креативно катче и за организација на родендени биле ангажирани 30 лица, кои работеле со договор за дело, кој им бил продолжуван секој месец. Ваквиот вид договори, како што брифираат од Антикорупциската комисија, влегуваат во делот „еднократни трансфери“, што практично би значело дека овие луѓе во предизборниот период не можат да потпишат нов договор и треба да чекаат да завршат изборите

Фото: Мета.мк

Сите настани, работилници во Детскиот креативен центар, предавања во Планетариум, детски родендени во Младинскиот кулурен центар од денеска се откажани. Родителите кои веќе имале купено карти за одредени настани или имале уплатено за одредени работилници добиле известување дека парите ќе им бидат рефундирани, а тие биле известени дека станува збор за „директиви што ги донела Државата комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а во врска со претстојните избори во мај годинава“.

Ова се случува откако на 30 луѓе ангажирани во МКЦ, кои работеле со договор на дело склучен на еден месец, им било кажано дека согласно Изборниот законик, во предизборниот период не може да има нови продолжувања на договори, односно еднократни трансфери, па оттаму, вработените со договор на дело до одржувањето на изборите во мај остануваат без ангажман.

На 16 февруари годинава, ДКСК испратило известување до 1.300 институции во државата, кое содржи сегменти од Изборниот законик, а кои се однесуваат на делот за нови вработувања, отпуштања, започнување нови проекти и сл., во предизборниот период. Во известувањето точно е нагласено што можат, а што не можат да прават институциите во наредните 2,5 месеци.

Меѓу другото, во известувањето пишува:

Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал, ниту да се потпишуваат колективни договори, како што стои во членот 8 од Изборниот законик.

Во Младинскиот културен центар, во планетариумот, бифето, детското креативно катче и за организација на родендени биле ангажирани 30 лица, кои работеле со договор за дело, кој им бил продолжуван секој месец. Ваквиот вид договори, како што брифираат од Антикорупциската комисија, влегуваат во делот „еднократни трансфери“, што практично би значело дека овие луѓе во предизборниот период не можат да потпишат нов договор и треба да чекаат да завршат изборите.

Директорот на МКЦ, Бени Шаќири не одговори на нашите прашања, а извори од МКЦ за Мета.мк изјавија дека станува збор за крајно неповолна ситуација за лицата ангажирани со договор за дело, продолжуван секој месец – практика за која со години се посочува како штетна од страна на Антикорупциската комисија, а се применува во речиси сите државни и јавни институции во земјава.

Овојпат, оваа штетна практика паѓа на грбот на ангажираните луѓе во Младинскиот културен центар кои остануваат без работа во следните месеци, но и на граѓаните, кои поради предизборниот период остануваат без голем број културни и рекреативни случувања во една од ретките установи во земјава која има услови да ги пружи истите.

Сè уште е неизвесно дали постои начин да се реши овој проблем, со оглед на тоа што Изборниот законик е дециден во однос на сите нови исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на изборите.