„Еуромакс Рисорсис“ бара од активистите да се извинат и да пазат што пишуваат по Фејсбук


Скопје, 20 февруари, 2019 - 20:29 (META) 

Струмичките еко-активисти, кои водат повеќемесечна борба за спречување на отворање на рудникот за бакар и злато во атарот на струмичките села Штука и Иловица, велат дека не отстапуваат од својата борба и покрај тоа што добија опомени пред тужби од правните застапници на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ која е концесионер на рудникот.

Од тројцата, на кои им беа врачени писмата на адвокатската канцеларија „Колемишевски и партнери“, Крум Велков, Милена Зафирова и Стојан Велков, било побарано да ги повлечат своите тврдења за штетноста на рудникот, за тоа дека компанијата ја дезинформирала јавноста за вистинскиот обем на зафат, за технологијата која ќе се употребува, како и дека го манипулирала месното население да го поддржи отворањето на рудникот Иловица, и да објават на Фејсбук писмено извинување до компанијата и јавно повлекување за да ја „ублажат нанесената штета од навреда или клевета“.

– Заканите со тужби се бескрупулозен обид за замолчување не само на активистите туку и на населението кое е свесно за опасностите од рудникот. Подготвен сум да одам на суд со сите потребни аргументи и да поднесам контра-тужби – вели Крум Велков, новинар и активист на Граѓанската иницијатива за „Спас на Струмичката котлина“.

Тој на својот Фејсбук профил, наместо извинување, напиша дека токму „Еуромакс Рисорсис“ се тие што треба да им се извинат на граѓаните за сите манипулации и за дестабилизацијата што ја предизвикале бидејќи ги прикривале и ги прикриваат реалните погубни последици од рудникот, нарекувајќи ги „потенцијални гробари на Струмичката котлина“.

Велков напиша дека извинувањето би значело „гест на немање чест, достоинство и принципи“.

– Зарем очекувате кротко да го испиеме отровот што ни го подготвувате со рудникот и згора да ви се извиниме – праша Велков во својот допис до концесионерот во кој го повикува премиерот Заев да го исполни ветувањето дека ќе нема рудници и ќе спречи натамошна ескалација на проблемот.

Истиот став го искажаа и другите двајца еко-активисти, Зафирова и Велков.

Во своето соопштение, „Еуромакс Рисорсис“ истакнува дека „побарале од одредени поединци да се извинат за паушалните и манипулативни изјави кои ниту се поткрепени со факти ниту со експертско мислење“.

„Истите беа објавени на социјалните медиуми со цел да наштетат на реномето на Еуромакс, како и на проектот Иловица – Штука, а со тоа и врз вредноста на акциите на компанијата, која котира на берзата во Торонто“, се вели во писмената реакција на компанијата „Еуромакс Рисорсис“.

Компанијата ја извести јавноста дека на овој потег се решиле поради зачестената практика на „давање неточни информации“ но и дека „Еуромакс“ ќе продолжи „во насока на правилно информирање на јавноста за проектот Иловица-Штука со цел запирање на дезинформациите“.


Судбината на новите рудници на Југоистокот врзана со „името“


Скопје, 24 јануари, 2019 - 13:40 (META) 

Ќе добие ли Македонија нови рудници во 2019 година на југоистокот од државата? Оваа дилема би можела да биде разрешена уште во првата половина на годинава, ако се има предвид дека се усвоени уставните измени и се релаксира општествениот амбиент во пресрет на членството во НАТО. Се очекува да бидат откочени повеќето од сега закочените процеси, меѓу кои и решавањето на иднината на спорните доделени концесии за експлоатација на рудното богатство, каков што е рудникот Иловица.

Решавањето на проблемот со отворањето на рудниците во југоисточна Македонија е во своевиден застој, откако имаше поништување на локалните референдуми во Валандово и во Гевгелија од страна на Уставниот суд со исто образложение – дека прашањето за концесии за експлоатација на рудното богатство не е од локално значење за да може локалната самоуправа да распишува референдум. На овие одлуки, со кои на некој начин беше релативизирана јасно изразената воља на мнозинството граѓани од некои општини во југоисточниот регион на државата против отворањето рудници за експлоатација на метали од земјината утроба, му претходеше безмалку двегодишен отпор на еколошки здруженија, поединци, но и на претставници на локалната самоуправа против отворање на рудници на планината Кожуф во гевгелискиот крај, во месноста Казандол во дојранско-валандовскиот регион како и кај струмичките села Штука и Иловица.

Во Македонија во моментов има 14 активни концесии за експлоатација на металични суровини, кои ги доделува Министерството за економија, од кои компаниите „Еуромакс Рисорсис“ и „Булмак Пробиштип“ имаат по две концесии – „Еуромакс“ за експлоатација за бакар и злато на локацијата Иловица – Штука, а „Булмак“ за олово и цинк во Злетово и во Тораница. Во велешки Гроот ќе се екплоатира никел, во кичевско Тајмиште-железо, во кумановско Лојане антимон, Скопски „Легури“ ќе вади манган од падините на Стогово, олово и олово-цинкова руда се експлоатира во Саса, во кривопаланечко Луќе, Злетово и Тораница, додека пак бакар и злато треба да се копаат во Иловица, Плавица и Црни Врв, Пробиштип, а бакар во Бучим и Боров Дол.

Исто така, во моментов има уште девет доделени концесии за детални геолошки истражувања за металични суровини – за бакар, злато и сребро во пробиштипска Плавица и Црни Врв како и во Старо Нагоричане, на Плавуш кај Валандово, за бакар и злато во Двориште, беровско и за металични суровини во Саса и во Шопур, Радовиш. Концесијата за детални геолошки истражувања на Кожуф, Владата  во 2017 година му ја одзеде на концесионерот „Резервоар Минералс“, а во март 2018 на „Сардич МЦ“ му беше одземена и концесијата за експлоатација на бакар, злато и сребро во Казандол. За овие две локации, во пролетта 2017 година беа одржани и локални референдуми во Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово, кои покажаа масовно незадоволство на локалното население од можноста во нивна непосредна близина да се врши ископување и експлоатација на метални суровини.

Од разместеноста на овие локации на мапата на Македонија забележителна е концентрацијата на рудниците на металични суровини во Источна Македонија, посебно во југоисточниот регион, кој досега беше познат по земјоделие и раноградинарско производство поради поволните географски, морфолошки и климатски услови. Државата во бројни плански документи се ориентирала кон развојот токму на земјоделскиот сектор, па така во Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за периодот од 2015-2019 како Стратешка цел број 6 стои дека развојот на регионот е возможен само доколку се темели на оддржливото управување и заштитата на животната средина бидејќи  „квалитетот на животната средина во Југоистичниот плански регион е во релативно добра состојба со што на регионот му се дава силен предзнак за еколошки чист предел“ и дека непостоењето на големи загадувачи во регионот овозможува да се одржува и надградува стекнатиот имиџ на еколошки чист предел.

Како е тогаш возможно државата стратешки да се преориентирала на развој на рударството во истиот тој регион кога оваа индустрија има големо, често многу негативно влијание врз животната средина. Најголем број од концесиите се доделени за време на претходната влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ. „Нема развој без развојот на рударството“ беше ставот на Илија Димовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој пред парламентарните избори во 2016 година се пофали дека „во изминатите десет години се направија голем број на реформи за да се привлечат инвеститори, а тоа резултира со 370 договори за концесии за детаљни геолошки истражувања, 325 договори за концесии за експлоатација, а 145 концесии се во фаза на детаљни геолошки истражувања“.

Затоа пак, по одржаните референдуми и пред локалните избори во 2017, премиерот Зоран Заев отворено порача дека рудници кои го загадуваат овој земјоделски крај „нема да има“.

По повеќемесечните безуспешни обиди, „Мета“ не доби одговор од првите луѓе на Министерството на прашањето како државата планира да зачува здрава животна средина во регион кој претендира на здраво и органско земјоделско производство кога истовремено планира рудници со отворени копови и хидројаловишта како потенцијални загадувачи. Ниту министерот за животна средина Садула Дураки ниту неговиот заменик Јани Макрадули не беа достапни за разговор на темата „рудници на Југоистокот“. Неофицијално, од извори во Министерството, ни беше соопштено дека не се работи за стратегија на државата туку дека трендот за отворање рудници на Југоистокот е попрво резултат на повеќегодишното интензивното странско и домашно лобирање кај македонските власти за овозможување на влез на меѓународните рударски компании и експлоатација на геолошкото богатство на регионот, кој е дел од поширокиот рудоносен геолошки појас на источниот Балкан.

Еден од рудниците за чиешто отворање постои голем отпор од месното население е рудникот Иловица, чијшто концесионер е канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“. По бројните протести и блокади во текот на 2017 и 2018 година, како и по двата локални референдума во Ново Село и Босилево, концесионерот објави дека се откажува од лужењето на златоносната руда со помош на цијанид и сулфурна киселина во технолошкиот процес на рудникот. Сепак, екологистите од струмичкиот крај изразуваат недоверба во искреноста на компанијата и во неколку наврати и упатија ултиматум на Владата да му ја одземе концесијата на „Еуромакс“ и да не дозволи отворање на рудникот Иловица. Нивната загриженост дополнително ја подгреа и неуспешното изгласување на промените во Законот за минерални суровини во Собранието минатата година, со кои на идните рудни концесионери требаше да им се ограничи употребата на сулфурната киселина и цијанидот во технолошките процеси, за што тие ја обвинија и власта и опозицијата дека се во иста, „цијанидна коалиција“.

Сепак, на стартот на 2019 година се уште лебди неизвесноста: ќе дозволи ли Владата отворање на Иловица? Досега, оттаму само дипломатски одговори дека „Владата нема да направи ништо на штета на граѓаните“, како што изјави портпаролот Миле Бошњаковски. Владата најавува дека ќе работи на усогласување на ставовите на сите засегнати страни што, барем судејќи според категоричното спротиставување на отворањето на рудникот Иловица тешко ќе биде постигнато.

Во исчекување Владата конечно да пресече околу Иловица, во стручната јавност има согледувања дека прашањето и на Иловица и на другите сегашни и идни концесии за истражување и експлоатација на металични рудни суровини власта ќе го решава по завршетокот на процесот на ратификација на спогодбата во Преспа, а пред очекуваната покана за влез на Македонија во НАТО и дека тогаш, веројатно, ќе биде изложена на силен притисок на лобирање од сериозни меѓународни институции за да дозволи влез на странски рударски капитал во земјата од едната и на отпорот на еколошките здруженија и на месното население на Југоистокот од другата страна.

Автор: Југослава Дуковска


„Еуромакс рисорсис“: Работиме согласно домашната регулатива


Скопје, 9 октомври, 2018 - 12:53 (META) 

Сите обвинувања изнесени кон проектот се паушални и не се поткрепени со факти бидејќи проектот за бакар „Иловица-Штука“ е целосно безбеден и се развива според највисоките стандарди за животна средина и во согласност со домашната регулатива, реагираат од „Еуромакс рисорсес“ на барањата на активистите кои се спротиставуваат на отворањето на рудникот на бакар и злато Иловица во струмичката котлина и упатија ултиматум на Владата да и ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс рисорсис“ најдоцна до вторник, 16 октомври, кога е предвидена да се одржи седница на Владата.

„Ги применуваме најдобрите практики од светот, како и светските и ЕУ стандарди. Севкупното наше работење е усогласено со постојната домашна регулатива и сме во комуникација со надлежните институции во насока на следни чекори во процесот за добивање дозволи. Еуромакс е посветена на одговорно работење со целосна транспарентност и сите заинтересирани страни можат да извршат увид во целокупната документација на проектот, која е јавно достапна. И тоа во нашите канцеларии во Скопје, Струмица и во Иловица, како и на Интернет страницата https://www.euromaxresources.mk/. Проектот Иловица-Штука ќе биде модерен рудник кој ќе отвори многу можности за вработување, поддршка на земјоделството и развој на локалната и националната економија“, се вели во реакцијата на компанијата.


Екологистите до Владата: Решете го „рудникот на смртта“ или народот сам ќе го реши


Скопје, 8 октомври, 2018 - 23:03 (META) 

Активистите на еколошките здруженија кои се спротиставуваат на отворањето на рудникот на бакар и злато Иловица во струмичката котлина ѝ упатија ултиматум на Владата да ѝ ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ најдоцна до вторник, 16 октомври, кога е предвидена да се одржи седница на Владата. Во спротивно, тие најавија дека „ќе го повикаат народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот“.

„Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања. Не прифаќаат ниту граѓаните, кои од нас бараат акции за сопирање на рудникот“, велат еколошките здруженија кои го потпишаа обраќањето до Владата на Зоран Заев.

Тие наведуваат дека постојат бројни аргументи во полза на ваквото решение на проблемот со рудникот Иловица од кои најважниот е дека самиот премиер Зоран Заев дал предизборно ветување дека рудници нема да има. Тие, исто така, потсетуваат дека Заев не го исполнил ниту рокот што сам го даде (крајот на мај) за решавање на проблемот со рудниците во Југоисточна Македонија.

„Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село, како и на протестниот марш одржан на 16 јуни 2018, под мотото ДА ГО СОПРЕМЕ ПРЕД ДА НЕ СОТРЕ! Владејачката коалиција,  и, што е уште полошо, во содејство со опозицијата, во август го попречи изгласувањето на предложените измени во Законот за металични и минерални суровини, кој веќе 11 месеци чека да биде усвоен од Собранието. Концесионерот на рудникот Иловица – Штука „Еуромакс Рисорсис“, веќе две години функционира надвор од законите, а нивните студии се полни со недоследности, се вели во соопштението на организациите „Здрава котлина“ – Струмица , „Еко Долина“ – Ново Село и граѓанската иницијатива „СПАС за Струмичка котлина – СТОП за рудникот на смртта“.

Еколозите потсетуваат дека самиот премиер истакнал дека постојат најмалку три-четири правни основи за одземање на концесијата. Според нив, „поединци од претходната и сегашната власт криминално го штитат „Еуромакс Рисорсис“ и притоа се прекршуваат сите меѓусебни договори, законите и Уставот на РМ“.

„Ова не е владеење на правото, туку пример за коруптивна зделка која ги става под сомнеж сите кои не сакаат да ја решат во полза на граѓаните. Наводните измени на технологијата за експлоатација воопшто не се во согласностсо законите на Република Македонија и како такви се целосно надвор од утврдена процедура која треба да биде иста за сите. Ваквите криминални дејности се потенцијална општа опасност и можат да предизвикаат масовна катастрофа“, се вели во соопштението.

Според екологистите, локалните самоуправи на општините Босилово, Ново Село и Струмица во овој случај не застанале во заштита на граѓаните што, заедно со сите претходно изнесени факти, влијаеле на националниот референдум одржан на 30 септември 2018, директно засегнатите општини Ново Село и Босилово да имаат рекордно ниска излезност, најмногу поради неисполнувањето на ветувањето за сопирање на рудникот.

„Ние сме свесни дека проблемот со рудниците е наследен од претходната власт, за што силно сме ја критикувале, но новата власт презеде обврска пред граѓаните дека ќе го реши проблемот. Проблемот се уште не е решен. Во меѓувреме, цело струмичко и Југоистокот се чувствуваат егзистенцијално загрозени од потенцијалниот рудник, кој доколку биде отворен од благородната Струмичка Котлина ќе направи економски, национално и културолошки деградирана и иселена пустелија“, се вели во соопштението.


„Еуромакс рисорсис“ смета дека доставила сè што можело за Иловица


Скопје, 13 април, 2018 - 14:08 (META) 

„Еуромакс рисорсис“, компанијата со инвеститори од Канада, САД и Велика Британија, денеска се огласи со реакција за одлуката на Владата на нејзината 63, седница, со која го задолжи Министерството за економија да ја продолжи постапката со која од компанијата – концесионер на рудникот за бакар и и злато на локалитетот Иловица, треба цда ја докомплетира документацијата.

Компанијата смета дека доставила сè што можела, а за некои работи попречила политичката криза.

„Компанијата смета дека ги има доставено сите неопходни документи што произлегуваат од концесијата, а кои можеа да се достават, имајќи предвид дека одредени процеси доцнеа поради политичката криза во Македонија и ограничената моќ на одлучување на техничката Влада која беше поставена поради државната Комисија за борба против корупцијата“, се вели во реакцијата од „Еуромакс рисорсис“.

„Еуромакс рисорсис“ вели дека со инвестиција од 343 милиони евра проектот за развој на рудникот за бакар и злато во Иловица – Штука е една од најголемите инвестиции во Македонија од осамостојувањето до денес. Компанијата вели дека одлучила да се откаже од употребата на цијанид, употребувајќи модерна рударска технологија, а преку работата на рудникот ќе  придонесе за развој на економијата што ќе резултира со раст на бруто домашниот производ од 3% на годишно ниво.

„Во текот на изградбата на рудникот, во првите две години, проектот ќе создаде над 3.200 директни и индиректни работни места. Просечната нето плата во рудникот ќе биде 16.000 евра по вработен на годишно ниво. Изградбата на рудникот ќе биде во вредност од 180 милиони евра, а локалните компании ќе можат да работат на овој проект во период од две години колку што е планирана изградбата на рудникот. Со стартот на операциите на проектот, за различни економски активности во следните 22 години ќе бидат потрошени 1,6 милијарди евра во локалната и во националната македонска економија или 74 милиони евра на годишно ниво. Дополнително, по основ на даноци и концесиски надомест од проектот во Македонија ќе се инкасираат 528 милиони евра или просечно на годишно ниво околу 24 милиони евра“, велат од канадската компанија.