Судскиот спор за рудникот за бакар и злато Иловица-Штука сè уште не стасал до Вишиот управен суд

Локацијата на која требаше да се гради рудникот во струмичко

Судскиот спор за рудникот за бакар и злато Иловица-Штука сè уште не стасал до Вишиот управен суд. Жалбите на канадската компанија „Еуромакс ресурсис“ и Второстепената државна комисија за управни спорови за одлуката на Управниот суд, со која тој ја поништи одлуката за раскинување на договорот за концесија со „Еуромакс“, беа поднесени во јули, но предметот сè уште се наоѓа во Управниот суд.

Според информациите до кои дојде „Мета.мк“, по извршениот увид во уписниците на писарницата на Вишиот управен суд, нема заведен предмет по жалба против оваа одлука на Управниот суд.

„Во овој момент нема активен предмет по кој би можел да постапува Вишиот управен суд, односно не се доставени списи по наведениот предмет во овој суд. Според позитивните законски одредби жалбата се поднесува преку Управниот суд до Вишиот управен суд, а доколку жалбата се доставува директно во овој суд, во тој случај овој суд ја препраќа жалбата во Управниот суд, заради комплетирање на предметот, односно и да е вложена жалба која е доставена директно во Вишиот управен суд, не се заведува предмет по жалба, се додека Управниот суд не ги комплетира списите по предметот“, информираат од Вишиот управен суд.

Од Управниот суд, пак, потврдуваат дека предметот во кој тужител беше компанијата „Еуромакс Ресурсис“, сè уште се наоѓа кај нив. Информираат дека поднесени се жалби од двете странки, но се чека да изминат роковите за одговор по жалба.

„Двете странки поднесоа жалби и со оглед на тоа одлуката не е правосилна. Жалбите се доставени на одговор на спротивната страна, а по изминување на рокот за одговор на жалба, предметот со сите списи ќе биде пратен до Вишиот Управен суд“, посочуваат од Управен суд.

Вишиот управен суд е последната инстанца која треба да одлучи дали ќе донесе своја одлука или предметот ќе се врати повторно кај Второстепената комисија. Управниот суд пресуди дека Второстепената владина комисија направила наводни грешки во постапката, кога ја одбила жалбата за одземање на концесијата на компанијата и дека надлежниот орган треба прво да ѝ одговори на старото барање за спојување на двете концесии Иловица 6 и Иловица 11, па дури потоа да решава за дозволата за експлоатација. На ова решение се жалеше Второстепената комисија, но одлуката ја обжали и компанијата „Еуромакс“.

Во меѓувреме, во југоистокот на земјата не стивнуваат протестите против отворање на рудникот. Здружението „Здрава котлина“ бара на спорот што побрзо да му се стави крај и со него да завршат и идеите за рудници во земјоделскиот крај.

„Треба да биде јасно дека жителите на Босилово и Ново село, но и на сите општини на југоистокот, отворање на рудници нема да дозволат“, велат екологистите.