Владата и Еуромакс реагираат за концесиите за рудникот „Иловица-Штука“

Од Министерството за економија велат дека како тужена страна се задолжени да постапат и да го применат правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд, додека од Еуромакс Ресоурцес сметаат дека сите правни аргументи се на нивна страна

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Нема да има дозвола за отворање на рудник во Иловица пред претходна консултација и одобрение од локалното население, информираа попладнево од Министерството за економија. Од министерството додаваат дека по пресудата на Управниот суд, Владата и Министерството за економија како тужена страна, се задолжени да постапат и да го применат правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд.

Во однос на донесувањето на одлуката со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ на Еуромакс Ресоурцес од Скопје која била донесена на владина седница одржана на 27 јуни 2023 година, од македонската влада информираат дека основ за донесување на оваа одлука е пресудата на Управниот суд од 30.03.2023 година, со која се уважува тужбеното барање на тужителот Еуромакс Ресоурцес и се оспорува владината одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина- руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, донесена на 16.12.2019 година.

„Истата се поништува и предметот се враќа кај тужените-Владата на РСМ и Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување“, се наведува во соопштението на Министерството за економија.

Со реакција се јавија и од Еуромакс Ресоурцес, од каде велат дека сите правни аргументи се на нивна страна.

„Очекуваме без понатамошни одлагања надлежните државни институции да продолжат да ги усвојуваат сите неопходни одлуки за да почне реализацијата на една од најголемите инвестиции од независноста на државата до денес. Впрочем, Република Северна Македонија како полноправен член на НАТО Алијансата и држава која ги отпочна преговорите за полноправно членство во ЕУ, меѓу другото има должност и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведување на законите за домашните, но и за странските инвеститори“, стои во нивната реакција.

Соопштение испратија и од партијата ДОМ, кои побараа од Министерството за економија и од Владата, како и од општините Босилово и Ново Село, да не дозволат изградба на рудникот „Иловица-Штука“. По владината одлука за спојување на концесиите, од ДОМ велат дека сериозна е загриженоста оти се планира отворање на овој рудник.

Владата ги спои концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, жителите најавуваат протести и тужби