Заради огромниот интерес, се затвора јавниот повик за ваучери за одмор за работниците со ниски примања

Крајниот рок за аплицирање за овој оглас требаше да биде 29 февруари

Фото: Мета.мк

Поради големиот број на пристигнати апликации, Министерството за економија одлучи, заклучно со крајот на денешниот ден, да го затвори јавниот повик за организирање на одмор за работници со ниски приходи, соопштија оттаму.

„За пет дена од објавување на огласот, во архивата на Министерството за економија и по пошта пристигнати се над 3.600 апликации. Се очекува оваа бројка на апликации дополнително да се зголеми со барањата кои ќе пристигнат по пошта во наредните денови“, велат оттаму.

Јавниот повик беше објавен на 12 февруари на веб-страницата на Министерството за економија и во два печатени медиуми, а за краен рок за аплицирање на овој оглас беше наведен 29 февруари.

„За оваа мерка од буџетот на Министерството за економија се обезбедени
средства во износ од 64.000.000 денари (околу еден милион евра) од кои е предвидено да се издадат вкупно 3.555 потврди – ваучери за одмор за работници со ниски приходи“, се вели во соопштението на министерството.

Една потврда-ваучер има вредност од 18.000 денари. Парите се наменети за сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари. Оваа мерка функционира по принципот „прв дојден-прв услужен“.

На 14 февруари, Мета објави фотографија на која се гледа како луѓе во редица чекаат пред Министерството за економија, за да ги достават бараните документи.

„Немаме за леб, ама чекаме за туризам“, искоментира еден од работниците кој чекаше да ги достави документите во министерството.