Наместо за студентите, ваучерите за туризам повторно кај работниците со ниски приходи

На 7 декември лани беше кажано дека ваучерите за домашен туризам ќе се доделуваат на студентите кои доаѓаат од социјално ранливи семејства, а денеска истата мерка беше претставена од министерот Бектеши, дека ќе се однесува за работниците со ниски приходи

фото: Министерство за економија

Министерството за економија денеска соопшти дека ќе доделува потврди-ваучери за одмор за домашен туризам за работници со ниски приходи. За оваа мерка, што четири години ги опфаќа работниците со ниски примања, претходно беше најавено дека годинава ќе биде наменета за студентите кои доаѓаат од социјално ранливи семејства, но Министерството се премисли.

Јавниот повик ќе биде објавен во понеделник на 12 февруари, а ваучерите ќе бидат во вредност од 18.000 денари, соопшти денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Главна цел на оваа мерка, рече Бектеши, е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.

„За оваа мерка се обезбедени средства во износ од 64.000.000 денари (околу еден милион евра) односно ќе се издадат вкупно 3.555 потврди-ваучери за одмор за работници со ниски приходи. Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари”, кажа Бектеши.

Ваучерите за одмор ќе можат да се искористат надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб-страницата на Министерството за економија.

Ваучерите ќе може да се искористат од моментот на добивање до 30 јуни годинава, и од 15 септември до 1 декември.

Зе мерката може да се пријават сите работници со ниски приходи, а барањата со комплетна документација се доставуваат до Архивата на Министерството за економија, на ул. „Јуриј Гагарин“ – Скопје, најдоцна до 29 февруари.

Инаку, на 7 декември минатата година министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети, со цел да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам, кои сега ќе ги добиваат работниците со ниски примања.

„Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме одлука оваа мерка следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија“, рече министерот за економија Крешник Бектеши на 7 декември.

Во моментов е нејасно од кои причини студентите се исклучени од мерката.

За студентите на државните универзитети ќе има ваучери за домашен туризам