Владата ги спои концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, жителите најавуваат протести и тужби

Екологистите од Југоисточниот регион на најновиот тек на работите му даваат партиско-политичка позадина и го врзуваат со влезот на компанијата „Еколог“ во „Еуромакс Ресоурцес“

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Владата донесе одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ и на тој начин повторно отвори пат за реализација на намерите за ископување на злато и бакар во Струмичката котлина. Претходно, Управниот суд во февруари годинава ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите, откако Вишиот Управен суд во октомври лани, третпат го врати предметот на повторно одлучување.

Одлуката на Владата е објавена во најновиот број на „Службен весник“ каде пишува дека е донесена „Одлука за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, Општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица Општина Босилово и Општина Ново Село на Друштвото за производство промет и услуги Еуромакс Ресоурцес од Скопје“. Таа предизвика реакции кај жителите на трите општини од регионот и граѓанските организации кои неколку години се борат за зачувување на овој земјоделски крај.

Од граѓанското здружение „Здрава Котлина“ велат дека одлуката на Владата беше клучната и најголемата препрека за добивање на дозвола за експлоатација. Сега, со спојувањето на концесиите и одлуката на Управниот суд идејата за рудник во земјоделскиот регион, познат по раноградинарското производство, повторно се оживува. Екологистите од Југоисточниот регион на најновиот тек на работите му даваат партиско-политичка позадина и го врзуваат со влезот на компанијата „Еколог“ во „Еуромакс Ресоурцес“.

„За она што гласно говореа дека нема да се случи, сепак еве, на очи на целата македонска јавност – се случува. После сите скриени тајни и јавни ветувања, правниот ефект е ова денес што читате во Службен весник. Приказната е едноставна, во големата битка за предавството и убиството на Струмичката котлина и се живо во неа, искористувајќи ја партиската и државна позиција, постојано се плетат високи политичари од двете најголеми политички партии, но сега им се придружи и трета, силно жедна за профит за сметка на здравјето и животот на сите жители на Струмичката котлина и пошироко“, се вели во реакцијата на „Здрава Котлина“.

Од таму најавуваат дека жителите активно ќе се мобилизираат и самоорганизираат како и дека никогаш нема да дозволат на нивните полиња да се отвори рудник.

„Шокирани сме како истиот суд за само една година може да донесе дијаметрално спротивна одлука. Што се смени од тогаш, законите се исти“, вели Костадин Ристоманов, екологист и независен советник во Општината Ново Село.

Тој најавува дека нивната борба допрва почнува и дека ќе ја водат на улица со протести и блокирање на патишта, но и пред институциите со поднесување на тужби и барање одговорност.

Вишиот Управен суд лани во октомври ја поништи пресудата на Управниот суд за конечно одземање на концесијата на „Еуромакс Ресоурцес“ за експлоатација на рудникот „Иловица-Штука“ и по жалбата на компанијата, предметот го врати на повторно судење. Со ваквото решение продолжи пинг-понг партијата помеѓу Управниот и Вишиот Управен суд, и процесот по трет пат се врати на почеток пред Управниот суд.

Претходно, во јули 2021 година, Вишиот управен суд првпат го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресоурцес“ за одземената концесија и донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд. Претходно, Управниот суд со решение во октомври 2020 година, ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ која се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите.

Откако предметот по вторпат се врати во Управниот суд, оваа институција нова пресуда донесе во октомври минатата година, со која пак ја потврди одлуката на Владата на Еуромакс да им се одземе концесијата Иловица 6 за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“.

Сепак, сега, во третиот обид, Управниот суд ја уважи тужбата на „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката за раскинување на договорот за една од концесиите, но не и за спојување на двете концесии, но за тоа, пак, дозвола даде Владата.