Владата е на потег: И екологистите и „Еуромакс“ очекуваат одлука, што понатаму во случајот рудник во Иловица

Локацијата на која требаше да се гради рудникот во струмичко

Компанијата „Еуромакс ресурсис“ денеска се огласи по одлуката на Вишиот Управен суд, со која ја потврди одлуката на Управниот суд за поништување на решението на Државната Комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со која се потврди одземањето на дозволата за експлоатација на компанијата за отворање на рудникот Иловица-Штука. Од компанијата велат дека со пресудата се потврдува дека Министерството за економија требело да ја сочека одлуката на Владата за барањето за спојување на концесиите, пред да донесе одлука за концесијата.

„Имајќи го предвид „начелото на сервисна ориентација кон странките“, првостепениот управен орган – Министерство за економија, требал да ја сочека одлуката на Владата по барањето на „Еуромакс“ за спојување на концесиите Иловица 6 и Иловица 11 поднесено уште на 29 Јануари 2016 година и дури потоа да одлучува за Барањето за издавање дозвола за експлоатација на минерална суровина“, информираа денеска од „Еуромакс ресурси“.

Од компанијата информираат нема промени во сопственичката структура, а компанијата регистрирана во Македонија, „Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје“ и проектот „Иловица – Штука“ се во целосна сопственост на „Еуромакс Ресоурцес Лимитед“, канадско друштво, регистрирано во Ванкувер, Канада, кое е јавно листирано на Берзата за хартии од вредност во Торонто. Вака е од 2012 година и проектот никогаш не бил продаден или предаден на друга компанија во изминативе години, додека капиталот е со потекло од различни земји, од Канада, САД, Англија, Швајцарија и од земји членки на ЕУ.

Со одлуката на Вишиот управен суд да ги отфрли жалбите на Второстепената комисија и на „Еуромакс“, постапката по предметот се враќа неколку чекори назад. Апел до Владата, конечно да пресече и спорот да добие завршница имаше и од здружението „Здрава котлина“. Активистите од општините кои гравитираат околу локацијата на потенцијалниот рудник најавија нови протести, како и дека остануваат на заложбата рудник во нивниот крај да нема.

„Со пресудата се поништува одземањето на дозволата за експлоатација на ‘Еуромакс Ресурси’ и се наложува најпрво да се реши спојувањето на двете концесии, па дури потоа да се одлучува за одземање на дозволата за експлоатација. Со одземањето на дозволата за експлоатација се доведува во прашање и одлуката за одземање на концесијата, а ‘Еуромакс Ресурси’ се враќаат во игра повторно. На потег се Владата и Министерството за економија“, велат од „Здрава котлина“.