„Здрава котлина“ на протест пред Виш управен суд: Бараат конечна одлука за рудникот „Иловица-Штука“

Фото: Здрава котлина

Граѓански активисти од организацијата „Здрава котлина“, поддржани од граѓани на Скопје и други градови, денеска одржаа протест пред Вишиот управен суд, барајќи конечно решение за случајот рудник „Иловица-Штука“.

Екологистите побараа да престане префрлувањето на предметот од Управниот до Вишиот управен суд и да се донесе дефинитивна одлука со која ќе се затвори случајот. Тие сметаат дека е беспредметно да продолжат судските рочишта со оглед на тоа дека концесинерот „Еуромакс ресурсес“ нема исполнето седум од деветте обврски кои му ги носи концесијата.

„Нашето барање е конечна одлука и сега е насочено кон Вишиот управен суд. Да престане пинг-понг играта меѓу судовите и конечно да се одважат и да донесат конечна одлука во интерес на граѓаните. Јасно е, од девет точки кои концесионерот морал да ги исполни до 2016 година, исполниле само две. Затоа им е одземена концесијата и денеска сакаме јасно да го кажеме нашиот став дека мора да се донесе конечна одлука и да се затвори случајот“, порачуваат од „Здрава котлина“.

Од таму велат дека се подготвени и не се плашат од заканите на концесионерот дека случајот ќе продолжи пред меѓународни арбитражи, бидејќи се убедени дека случајот е јасен и не постои никаква аргументација дали или не треба рудникот да започне со работа.

Случајот веќе еднаш беше во Вишиот управен суд, кој го врати на одлучување во Управниот суд. Овој суд во октомври годинава донесе одлука со која ја отфрли тужбата на компанијата „Еуромакс ресурцес“ и ја потврди одлуката на Владата да им се одземе концесијата Иловица 6 за рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Против оваа одлука на Управниот суд, во ноември компанијата „Еуромакс ресурсис“ поднела жалба во својство на тужител, па случајот продолжува повторно во Вишиот Управен суд.

Претходно, во јули случајот по прв пат беше во Вишиот управен суд, кој тогаш го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ за одземената концесија. Вишиот управен суд донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд.

Претходно, Управниот суд, со решение во октомври лани, ја одби жалбата на компанијата како неоснована.  Жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите.