Екологистите бараат Вишиот управен суд да донесе одлука и да го затвори случајот со рудникот Иловица-Штука

Фото: „Еуромакс Ресоурцес“

Вишиот управен суд што побрзо да донесе одлука и конечно да го затвори случајот со рудникот Илoвица – Штука бараат еколошките активисти од југоистокот на земјава. Откако во март годинава беше објавена одлуката на Управниот суд со која се отфрли жалбата на компанијата „Еуромакс ресурсес“ и се потврди одземањето на концесијата, екологистите од Ново Село, Босилово и Струмица се во очекување на потврда и од Вишиот управен суд. Тие апелираат да не се чека со затворањето на случајот бидејќи, како што велат, не отстапуваат од заложбата да не дозволат отворање на рудник во нивниот крај.

„Последната судска пресуда во целиот досегашен процес во кој имаше повеќе пресуди на различни инстанци, е најкристално јасна во поглед на објаснувањето зошто треба да биде одземена концесијата на ‘Еуромакс ресурсес’. Во неа се земени сите аргументи за повредите во договорот и обврските кои концесионерот не ги исполнил. Причините се многу точно и прецизно наведени со јасно цитирање на сите законски одредби. Заради тоа се прашуваме што сега се чека толку долго. Апелираме да не се одолговлекува процесот, туку да му се стави точка“, велат активистите од „Здрава котлина“ и додаваат дека со вакви пресуди во кои јасно и недвосмислено се аргументираат доказите се враќа довербата во судството и во носењето пресуди според законите.

Пресудата на Управниот суд е донесена уште во октомври лани, а првично беше објавена на крајот од минатата година во канадските медиуми. Македонската јавност не беше во можност да ја види сè до март годинава кога беше објавена на судскиот портал. Во меѓувреме, компанијата „Еуромакс ресурсес“ повторно вложи жалба до Вишиот управен суд за да ја оспори и оваа пресуда.

Во декември минатата година граѓани од југоистокот организираа и протест пред Вишиот Управен суд кога побараа да престане префрлувањето на предметот од Управниот до Вишиот суд и да се донесе дефинитивна одлука со која ќе се затвори случајот. И тогаш, а и сега екологистите потенцираат дека случајот е јасен и дека е беспредметно да продолжат судските рочишта бидејќи концесинерот „Еуромакс ресурсес“ нема исполнето седум од деветте обврски кои му ги носи концесијата и кои требало да бидат извршени до 2016 година.

„Како и досега ние остануваме на нашите ставови кои се непроменети со години и кои конечно се признаваат на судот како неспорна фактичка ситуација. За се што кажавме, времето почна да покажува дека сме биле во право затоа што наше оружје е вистината и нашите ставови и прашања секогаш ги искажуваме со интегритет, објективност и поткрепа со документи. Затоа апелираме до Вишиот управен суд да ја заврши конечно работата оти вистината е на виделина и сите ја знаеме. Доколку некој проба да манипулира и да брани нешто што нема никаква основа за одбрана, тогаш ќе се соочи со реки народ на улици, полиња и планини“, порачуваат од „Здрава котлина“ на нивните социјални мрежи.

Случајот веќе еднаш беше во Вишиот управен суд, во јули лани, кога овој суд го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресурсес“ за одземената концесија. Вишиот управен суд тогаш донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд.

Управниот суд ја потврди одлуката на Владата да се одземе концесијата за рудникот „Иловица-Штука“