fbpx

Весна Дамева се враќа на чело на Судскиот совет

Оставка од местото претседател на Судскиот совет даде наследникот на Дамева, Сашко Георгиев, откако Управниот суд донесе пресуда во корист на Дамева

-

Весна Дамева од денеска се враќа на чело на Судскиот совет, откако Управниот суд пресуди дека таа била незаконски разрешена. Од 9 часот изутрина членовите на Судскиот совет на работен состанок ја разгледуваа пресудата на Управниот суд, по тужбата што таа ја поднесе по нејзиното контроверзно разрешување во мај годинава.

Попладнево, членовите закажаа итна седница на која оставка од челното место на Судскиот совет даде нејзиниот наследник во овие 7 месеци, Сашко Георгиев.

Принтскрин, видео во живо, МИА

„Уште на почетокот бев во голема дилема дали да ја прифатам оваа позиција. Знаете, тогаш имавме нарушени човечки односи меѓу самите себе, а јас реков дека ќе го прифатам предизвикот доколку заедно посветено работиме. Бевме изложени и сè уште сме изложени на критики за работењето на Судскиот совет, во септември имавме експерти од ЕУ кои извршија оценска мисија и беа детектирани состојби, односно препораки, а голем дел од нив се детектирани и во законите“, рече Георгиев.

Тој додаде дека Судскиот совет ја добил пресудата од Управниот суд и нагласи дека со оваа пресуда единствено се поништува разрешувањето на претходната претседателка, а не се доведува во прашање неговиот избор и работа како претседател.

„Го поминавме овој бурен период и советот имаше видливи резултати. Нагласувам дека немам притисоци и никогаш сум немал во мојата работа“, рече Георгиев.

Веднаш потоа, Судскиот совет без расправа заклучи дека треба да се постапи по одлуката на Управниот суд и дека Дамева се враќа на позицијата претседател.

„Лично сметам дека пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред кој влева надеж дека правдата е достижна. Се надевам и очекувам дека ова ќе биде почетокот за враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива. Јас сум за вистината, без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата, без разлика за кого е“, рече Дамева по седницата.

Таа кажа дека Европската Унија преку извештајот од оценската мисија била дадена поддршка, а истиот го гледа како патоказ за сите членови на Судскиот совет. Управниот суд, вели Дамева, исправил грешка која била направена со седницата на која беше разрешена. Таа очекува советот да продолжи да работи без било какви опструкции.

Постапката против Дамева беше отворена во мај годинава, кога пред Судскиот Совет требаше да почне постапка за дисциплинска одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети затоа што Беџети 9 месеци го држел предметот за масовното прислушување „Тврдина Таргет“ во фиока со што беше овозможено предметот против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков да се приближи до застарување.

Дамева тогаш обвинуваше дека постапката против неа е политички мотивирана и незаконска. Невладините набљудувачи оценија дека Судскиот совет ја разрешил Дамева преку постапка која не е предвидена со закон, а овој случај се најде и во Извештајот на Европската комисија. Сашко Георгиев експресно беше избран за нејзин заменик, а таа поднесе тужба до Управниот суд. За случајот имаше серија реакции и од домашната и од меѓународната јавност.

Дополнително, во јуни, судиите кои гласаа против разрешувањето на Дамева – Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимоски, судија од скопскиот Апелациски суд, поднесоа неотповикливи оставки од функциите.

Законот за Судски совет дополнително ќе биде предмет на разгледување и на измени, меѓутоа засега во него не е предвиден начин за разрешување на претседател на Судски совет, туку само за разрешување на член.

Тоа стои и во пресудата на Управниот суд – дека во конкретниот случај, Судот нашол дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно „тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои што согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на онаква Одлука како што е дадена во диспозитивот на истата“.

„Имено, во образложението на оспорената Одлука, тужениот орган само навел дека со мнозинство на гласови на членовите со право на глас била изгласана недоверба на сега тужителот како претседател на Судскиот совет, по што и била донесена Одлуката за разрешување со мнозинство гласови од присутните членови со право на глас. Во истото не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени во предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет, со која законска одредба само се регулира работата на седници на Совет“, се вели во пресудата.

Во неа се додава дека Советот одлучува за дисциплинска одговорност на член на Советот, а никаде не е наведено дека истиот има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседател на Советот, ниту за разрешување само од функција претседател на Советот, без претходно спроведена постапка за утврдување на негова одговорност.

Со други зборови, доколку Судскиот совет сака да ја разреши Дамева, тоа може да го стори само доколку ја разреши како член на ова тело, а автоматски со тоа и како претседател, но сето ова би требало да се одвива во поинаква постапка, каде што јасно би биле наведени причините за нејзиното разрешување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...