Возел 320 километри на новогодишната ноќ за да спаси од евтаназија што повеќе кучиња од Британија

Вилкинсон, љубител на расата кучиња „XL бул“ возел повеќе од 320 километри на новогодишната ноќ за да земе кучиња од оваа раса и да ги однесе Шкотска, само неколку часа пред да биде воведена забраната за оваа раса во Англија и Велс

该图片由SusannePixabay上发布

Семи Вилкинсон, љубител на расата кучиња „XL бул“ (XL Bully) возел повеќе од 320 километри (200 милји) на новогодишната ноќ за да земе кучиња од оваа раса и да ги однесе Шкотска, само неколку часа пред да биде воведена забраната за оваа раса во Англија и Велс, пренесува Индипендент. 

Забраната за оваа раса стапи на сила во неделата, на 31 декември. Со оваа забрана, нелегално e да се продаваат, рекламираат, подаруваат, разменуваат и да се напуштаат кучињата од расата „XL бул“. Оние кои веќе чуваат куче од оваа раса, можат да поднесат барање за т.н. сертификат за исклучок, но активисти за правата на животните се противеа на одлуката пред сè поради големиот број кучиња од оваа раса кои се „заглавени“ во шелтрите и кои со оваа одлука ќе бидат евтанизирани.

Меѓу оние кои се против забраната е и Семи Вилкинсон, од Вест Мидлендс. Тој однел околу 30 кучиња во Шкотска, каде што не постои ваков закон.

На новогодишната ноќ, само неколку часа пред забраната, тој сподели слика на социјалните мрежи со него во автомобил со две кучиња, велејќи дека е целосно исцрпен и дека автомобилот веќе му се распаѓа, но дека нема да дозволи да се убијат кучињата.

„Сега е трка до шкотската граница пред полноќ“, напиша тој.

Вилкинсон доби поддршка од целата земја. На страницата за собирање донации, Go Fund Me, за него беа собрани речиси 9.000 фунти, за да му се помогне да спаси што повеќе кучиња.

„Семи моментално вози дење и ноќе од ‘Црната земја’ до Шкотска, зема група кучиња од расата XL бул со себе и им наоѓа нови домови во Шкотска. Досега има спасено околу 30 кучиња и сè уште оди“, пишува на страницата.

Вилкинсон на своjот профил на Фејсбук објави дека парите ќе бидат искористени за да им се помогне на луѓето да аплицираат за т.н. сертификати за исклучок. Од 1 февруари, на сопствениците на „XL бул“ ќе им треба овој сертификат доколку сакаат да го задржат својот миленик.

Според одлуката на британската влада, почнувајќи од 31 декември, спротивно на законот е да се продава, напушта, да се изгуби или да шета само, да се подарува и размножува куче оваа раса, како и да се шетаат кучињата од оваа раса без заштитна маска на устата.

Според новиот закон, сопствениците ќе имаат рок до 1 февруари да ги регистрираат сите кучиња од оваа раса, бидејќи ќе биде кривично дело поседувањето куче „XL бул“ без сертификатот, кој се наплатува.

Одлуката не се однесува на Шкотска и Северна Ирска.

Типот на раса „XL бул“ е варијанта на поширокиот тип на раса „американски бул“, кој е развиен преку вкрстување на различни раси „булови“, вклучувајќи го и американскиот питбул териер.

Британскиот премиер Риши Сунак вети дека ќе донесе забрана откако маж почина откако беше нападнат од две кучиња од оваа раса во септември. Во телевизиско интервју, Сунак ја нарече оваа раса „опасност за заедницата“, додавајќи, дека „правилно е да преземеме итна акција за да ги запреме овие напади за да ја заштитиме јавноста“.

Во Британија на полноќ стапува на сила забрана за расата „XL бул“ кучиња