Во Британија на полноќ стапува на сила забрана за расата „XL бул“ кучиња

Ќе биде спротивно на законот да се продава, напушта, да се изгуби или да шета само, да се подарува и размножува куче оваа раса, како и да се шетаат кучињата од оваа раса без заштитна маска на устата. Сопствениците ќе имаат рок до 1 февруари да ги регистрираат сите кучиња од оваа раса, бидејќи ќе биде кривично дело поседувањето куче „XL бул“ без т.н. сертификат за исклучок 

Фото: www.gov.uk, Влада на Обединетото Кралство

Забраната на расата кучиња „XL бул“ (XL Bully) од денеска на полноќ треба да стапи на сила во недела во Англија и во Велс, по најавата од септември од страна на владата на Обединетото Кралство дека постои пораст на фатални напади од оваа раса кучиња.

Расата „XL бул“ беше додадена во септември на листата на кучиња забранети во Англија и Велс според Законот за опасни кучиња од 1991 година.

Според веб-страницата на британската влада, почнувајќи од 31 декември, ќе биде спротивно на законот да се продава, напушта, да се изгуби или да шета само, да се подарува и размножува куче оваа раса, како и да се шетаат кучињата од оваа раса без заштитна маска на устата.

Според новиот закон, сопствениците ќе имаат рок до 1 февруари да ги регистрираат сите кучиња од оваа раса, бидејќи ќе биде кривично дело поседувањето куче „XL бул“ без т.н. Сертификат за исклучок.

Одлуката не се однесува на Шкотска и Северна Ирска, а локалните медиуми во двете конститутивни земји известуваат дека како резултат на ова, ќе има голем број спасувања на кучињата од оваа раса од Англија и од Велс.

Според упатствата објавени од Владата на Обединетото Кралство овој месец, типот на раса „XL бул“ е варијанта на поширокиот тип на раса „американски бул“, кој е „развиен преку вкрстување на различни раси „булови“, вклучувајќи го и американскиот питбул териер.

Типот на раса „XL бул“ е прилично поголем (и во однос на висината и обликот на телото) и помускулест од другите типови варијанти на расата „бул“.

Во насоките од британската влада, има голем број препораки за тоа како сопствениците на оваа раса можат со сигурност да знаат дека нивниот миленик спаѓа  во забранетата категорија. Детално е опишано како тие треба да ја измерат висината на кучето, да ја прегледаат неговата вилица, вратот, нозете.

Принтскрин, Влада на Обединетото Кралство

„Забраната може да се однесува на вкрстени раси кои повеќе личат на „XL бул“ кучиња отколку на кој било друг вид на кучиња. Ова важи дури и ако сте мислеле дека вашето куче не е „XL бул“ кога сте го зеле“, стои во известувањето на Владата.

Британскиот премиер Риши Сунак вети дека ќе донесе забрана откако маж почина откако беше нападнат од две кучиња од оваа раса во септември. Во телевизиско интервју, Сунак ја нарече оваа раса „опасност за заедницата“, додавајќи, дека „правилно е да преземеме итна акција за да ги запреме овие напади за да ја заштитиме јавноста“.

Многу сопственици и застапници за благосостојбата на животните ја бранат расата и протестираат против владината одлука, нагласувајќи ја важноста на добрата обука на оваа раса кучиња. Критичарите пак се со тврдење дека тие се специјално одгледувани за да бидат многу агресивни, па дури и одговорното сопственишто не е доволно за да се спречат евентуални напади.