fbpx

Дамева да се врати на чело на Судскиот совет, одлучи Управниот суд

Со одлуката на Управниот суд, Дамева треба да се врати на челната позиција на институцијата, од која беше разрешена на крајно контроверзен начин - случај кој предизвика реакции и кај домашната, но и кај меѓународната јавност

-

Управниот суд jа поништи одлуката за разрешување на Весна Дамева од претседателското место во Судскиот совет. Ова значи дека Дамева треба да се врати на челната позиција на институцијата, од која беше разрешена на крајно контроверзен начин – случај кој предизвика реакции и кај домашната, но и кај меѓународната јавност.

Одлуката на Управниот суд за Сдк.мк ја потврдил нејзиниот претседател Бурим Сејдини, а веднаш потоа преку соопштение се огласи министерот за правда Кренар Лога, кој ја поздрави одлуката.

„Со ова се потврдуваат сите наводи на министерот кои во изминатиов период ги имаше за работењето и постапувањето на Судскиот совет со што се докажува дека на оваа институција и се неопходни реформи. Одлуката на Управниот суд влева надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на правото“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Експретседателката на Судскиот совет, Весна Дамева за Мета.мк изјави дека за одлуката на Управниот суд дознала од медиумите и дека ќе чека да ѝ биде доставена, пред да прејудицира било што. Доколку е одлуката поништена, вели Дамева, тоа би значело дека Судскиот совет на седница само би требало да ја констатира ништовноста на одлуката за прогласување на Сашко Георгиев за нејзин наследник, кој експресно, на седница одржана надвор од работното време, беше избран за нов претседател на Судскиот совет во мај годинава.

За разрешување претседател на Судскиот совет нема предвидено процедура во Законот за Судски совет и во Деловникот за работа. Во разговор за Порталб.мк, членот на Судскиот совет Селим Адеми тогаш потврди дека таква процедура не постои, но изјави дека во случајов ќе се примени правило „мнозинството одлучува“, додавајќи дека сè што не е забрането со закон, е дозволено.

Сашко Георгиев експресно избран за нов претседател на Судскиот совет

Инаку, мандатот на Дамева е до 2025 година.

Постапката против неа беше отворена во мај годинава, кога пред Судскиот Совет требаше да почне постапка за дисциплинска одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети затоа што Беџети 9 месеци го држел предметот за масовното прислушување „Тврдина Таргет“ во фиока со што беше овозможено предметот против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков да се приближи до застарување.

Дамева тогаш обвинуваше дека постапката против неа е политички мотивирана и незаконска. Невладините набљудувачи оценија дека Судскиот совет ја разрешил Дамева преку постапка која не е предвидена со закон, а овој случај се најде и во Извештајот на Европската комисија. ЕУ дополнително испрати и Оценска мисија, која недоамна го заврши извештајот со 40 препораки за реформирање на Судскиот совет.

Дополнително, во јуни, судиите кои гласаа против разрешувањето на Дамева – Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимоски, судија од скопскиот Апелациски суд, поднесоа неотповикливи оставки од функциите.

Законот за Судски совет дополнително ќе биде предмет на разгледување и на измени, меѓутоа засега во него не е предвиден начин за разрешување на претседател на Судски совет, туку само за разрешување на член. Оттаму, доколку Дамева повторно седне на челната позиција на оваа институција, а членовите и понатаму инсистираат за нејзино разрешување, истото ќе треба да го сторат преку соодветна процедура и да ја разрешат како член на Советот, а со тоа и како претседател.

Не стивнуваат реакциите за разрешувањето на Дамева, дополнително се расклатува довербата во судството

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...