fbpx

Не стивнуваат реакциите за разрешувањето на Дамева, дополнително се расклатува довербата во судството

Од Врховниот суд велат дека „внимателно ги следат случувањата и го охрабруваат советот да ја надмине состојбата, првенствено во интерес на граѓаните“

-

За последните случувања во Судскиот совет, кога на скандалозна седница со кавги и препукувања беше разрешена претседателката Весна Дамева, денеска реагира и Врховниот суд, од каде што велат дека „внимателно ги следат случувањата и го охрабруваат советот да ја надмине состојбата, првенствено во интерес на граѓаните“.

„Врховниот суд како највисок суд во државата и носител на судската власт истакнува дека во овој клучен период за државата, сите чинители во судството мора да го насочат своето дејствување кон остварување на препораките нотирани во релевантните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, како што се извештајот на Европската комисија и извештајот на Стејт департментот. Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба“, се вели во соопштението потпишано од претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

За начинот на кој беше разрешена Дамева реагираше и Блупринт групата за реформи во правосудството, каде членуваат седум организации. Тие преку соопштение се осврнаа на постапката на разрешување и тврдат дека во ниту една одредба од законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судски совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ, освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност.

„Сакаме да укажеме дека ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби кои ја уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судски совет на РСМ, што значи дека правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет на РСМ не постои. Уште повеќе, според Деловникот тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот“, стои во нивното соопштение.

Блупринт групата смета дека недоволното регулирање на одредени законски одредби не значи и несоодветно постапување односно произволно толкување на постоечките одредби.

Зад разрешувањето на Дамева, како што пишуваа медиумите, всушност се крие заштита на апелациониот судија Енвер Беџети, за кого Судскиот совет констатирал дека 9 месеци го држел предметот „Тврдина-Таргет“ во фиока, за да застари. Според Сдк.мк, пред десетина дена била поднесена иницијатива за негова одговорност, но иницијативата била блокирана, а наводно планот бил доколку Дамева ја стави иницијативата за разрешување на Беџети на дневен ред, да биде разрешена, како што впрочем и се случи. Планирано било, а со заштита на извесни политички структури од албанските партии, Беџети да не се разрешува, туку да биде унапреден во врховен судија. Сето ова, како што пишува Сдк.мк, било направено со помош на заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми, а со притисок врз други членови на советот.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) изрази сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет. Антикорупционерите ги потсетија лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во кој се забранува какво било влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места.

Претседателот Стево Пендаровски оцени дека случувањата на седницата на Судскиот совет не му доликуваат на ова тело кое има многу одговорна улога, со оглед на надлежностите кои ги има во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите, грижата за угледот на судството како клучен фактор за довербата на граѓаните кон судството.

Со вакви постапки, како што се наведуваше во реакцијата на Пендаровски, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Вчерашната седница на која требаше да се бира нов претседател на Судскиот совет, беше одложена за 2 мај во 11 часот. Заменик-претседателот Адеми рече дека причина за одложувањето е тоа што е пожелно на седницата да присуствуваат сите 13 членови.

Адеми не даде изјава за новинарите, кои побараа појаснување на забелешките на невладините и експертите дека разрешувањето на Дамева е незаконско и против процедурите и Деловникот, а не одговори ниту како претходно за разрешувањето не се барало присуство на сите членови, а вчера за изборот на нов се бара.

Во меѓувреме, Министерството за правда побара од Судскиот совет да ги достави на увид Записникот од седница како и усвоениот дневен ред, дента кога беше разрешена Дамева.

„Министерството за правда со голема загриженост ги следи настаните во Судскиот совет. И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството“, стоеше во реакцијата на Министерството.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека го дели ставот со Министерството за правда, дека тој никогаш не се мешал во судските инстанци и доколку имало некакво мешање на политиката во судството, засегнатите страни треба да пријават.

„Јас лично за мене можам да кажам никогаш не сум имал ниту еден состанок со ниту еден претседател на суд, ниту со претседател на Судски совет бидејќи судовите се независни, судската власт е независна, извршната власт е независна и законодавната власт е независна. Секој мора да си ги извршува работите во рамките на своите надлежности. Дали некој им се мешал тоа ќе треба самите да го пријават низ соодветна процедура“, рече Ковачевски.

Сцени како оние од седницата за разрешување на досегашната претседателка Дамева, премиерот Ковачевски повтори дека не доликуваат на највисокиот орган во правосудството.

„Министерот за правда вчера имаше соопштение во кое го даде мислењето кое и јас го делам. Тој побара во рамки на своите надлежности да го видат во Министерството за правда записникот од самата седница. Она што останува е правосудните органи на ниво кое што е потребно да ја извршуваат својата работа“, вели премиерот Ковачевски.

Седницата на Судскиот совет се одложи, Министерството за правда бара увид во вчерашниот записник

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...