Судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимоски, судија од скопскиот Апелациски суд, поднеле неотповикливи оставки од функциите членови на Судскиот совет.
Причините за оставките сè уште не се познати, а Герасимоски во изјава за Мкд.мк рече дека ќе почека оставката да биде констатирана на седница па јавно ќе ги кажел причините за одлуката преку портпаролот. Оставката, како што изјавува тој, веќе е депонирана во архивата на Судскиот совет и побарано е да се одржи седница во најкус можен рок.
Судијката Мирјана Радевска-Стефкова е врховен судија од 2009 година, а беше избрана за член на Судскиот совет во септември 2022 година.
Герасимоски беше избран за судија во Апелационен суд Скопје во 2017 година. Од 2018 до 2021 година беше претседател на Здружение на судии од Апелационен суд Скопје, а од јануари 2022 година заменик-претседател на судот. За член на Судскиот совет беше избран на истиот ден како и Радевска-Стефкова, на 15 септември 2022 година од редот на судиите од апелационо подрачје Скопје.
Оставките на двајцата членови доаѓаат по голем број контроверзии во оваа институција.
Во април годинава, од претседателското место во советот експресно беше разрешена Весна Дамева, на иницијатива на заменик претседателот на советот, Селим Адеми. Реакции за овој потег стигнаа од голем број поранешни судии, адвокати, експерти од правосудниот систем и од Антикорупциската комисија. Дамева обвини за политички влијанија и поднесе тужба до Управниот суд и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за нејзиното разрешување.
Двајцата судии кои денес поднесоа оставки од Судскиот совет гласаа против разрешувањето на Дамева од претседателското место.
Поранешната претседателка Дамева со тужба и со кривична пријава за разрешувањето од Судскиот совет
Пред еден месец, со осум гласа „за“ и четири „против“, на седница на Судскиот совет која беше закажана надвор од работното време, со соопштение кое доцна попладнето стигна до новинарските екипи, за нов претседател беше избран Сашко Георгиев.
Во меѓувреме, Холандија стави во мирување голем проект со Судскиот совет, а ова го изјави во интервју за Радио Слободна Европа холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп. Тој, оценувајќи ги последните случувања во советот рече дека тој се претворил во нелегитимно тело.
Вчера, седницата на Судскиот совет повторно се водеше во тензична атмосфера. На точка на дневен ред беше ставен евентуален судир на интереси на разрешената претседателката Дамева, за која имало обвинувања дека учествувала во постапки при одлучување одговорност за судии, каде што како странка се јавувал нејзиниот сопруг.
Според Судскиот совет, сопругот на Дамева, Младен Дамев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Скопски пазар“ се јавувал како оштетен и како тужител во неколку предмети што се воделе и што сѐ водат во Кривичниот и во Апелациониот суд.
Судскиот совет расправаше за судир на интереси на експретседателката Дамева