Скопје повторно меѓу најзагадените градови во светот, половина од мерните станици не работат

Препораките во вакви случаи се задолжително да се носи маска надвор од дома, да се избегнуваат спортски активности на отворено, да не се отвораат прозорците, а во затворените простории задолжително да работат прочистувачи за воздух

Фото: Суад Бајрами / Порталб.мк

Скопје е повторно меѓу десетте градови со најзагаден воздух во светот. Вредностите на ПМ 10 честичките денеска, според страницата IQAir, се оценети со 153 на скалата на AQI индексот за квалитет на воздухот, според кој вредностите од 150 до 200 се сметаат за нездрави за целата популација. Препораките во вакви случаи се задолжително да се носи маска надвор од дома, да се избегнуваат спортски активности на отворено, да не се отвораат прозорците, а во затворените простории задолжително да работат прочистувачи за воздух.

Последните денови сериозно високи вредности на ПМ честички има и во Струмица. Денеска, мерното место на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) во Струмица, покажува концентрации на ПМ 10 и над 460 микрограми на кубен метар, и над 250 на ПМ2,5 кои се ектремна опасност за здравјето на луѓето во градот.

На страницата на Државниот мониторинг, од шест мерни места во Скопје, пак, вредностите на ПМ 10 и ПМ 2,5 може да се следат само на половината. Мерната станица Рексторат не работи одамна, а денеска честички прашина не мерат ниту станиците во Центар и во Карпош. Во Лисиче вредностите на ПМ 10 и 2,5 се високи и одат до 231 микрограм на кубен метар, што е речиси петпати над максимално дозволените вредности, додека во Гази Баба, средно високи и се 108 микрограми или повеќе од двапати над максимумот.

Од Министерството за животна средина денеска потврдија дека мерните точки во Центар и Карпош не функционираат, но дека наскоро ќе бидат во функција.

„Информации за вредностите на ПМ10 во Карпош и во Центар ќе има од денеска, додека пак, за ПМ2,5 во во тек е замена на инструментите,“ информираат од Министерството.

Струмичани, пак, веќе втора недела како се борат за здив. Вредностите на ПМ10 и ПМ 2,5 се рекордни во овој град, а екологистите апелираат сите надлежни веднаш да седнат и да најдат решенија. Од Здрава котлина предупредуваат дека воздухот во градот мириса на изгорена пластика, а последците за здравјето на луѓето ќе бидат несогледливи.

„Јасно е дека нема еден извор на загадување во Струмица, тука се и домаќинствата и пластениците, но и индустријата, што се гледа особено во деновите на викендот, кога погоните затвораат, а воздухот се расчистува. Но, голем проблем е што Струмица има само еден еколошки инспектор што нема никаква опрема за да изврши контроли или да земе примероци кои ќе се испитаат во лабораторија. Во такви услови не можеме да дознаеме кој е најголемиот загадувач, од што пак, зависат сите решенија“, вели Костадин Ристоманов од Здрава Котлина.